Фреди Меркјури: Владетел во Пантеонот на рок спектаклите
Светски икони – мода, филм, музика, стил(12.)
Фреди Меркјури: Владетел во Пантеонот на рок спектаклите
(Show Must Go On)
I won’t be a rock star. I will be a legend
Сакав да дојдам до врвот, и ништо друго не ме интересираше.
Фреди Меркјури
Фреди Меркјури…. едноставно, пејач со моќен глас и неверојатна харизма, најголем фронтмен на светската музичка сцена. Тој замина, ама зад себе остави милиони фанови, бесмртни песни и химни за спортски други настани. Ајде да одиме со ред.
Во историјата е забележано дека во рок музиката најмоќниот глас, најекстравагантните настапи и најексцентричното однесување припаѓаат само на еден генијалец – извонредниот и неповторлив Фреди Меркјури. Најголем дел од работите во врска со овој композитор, текстописец и пејач се единствени, добар дел контроверзни, а има и такви кои се и мистериозни.
Фреди Меркјури живееше живот исполнет со провокации. Живот исткаен од забава, дрога, секс и рокенрол. Имаше кариера достојна за почит, восхит и паметење. Но, и приватен живот покриен со плашт на тајност и контроверзност. Во кариерата постигна се што сакаше. Ги испеа најубавите рок мелодии, ги одработи најспектакуларните рок концерти и ја создаде и заедно со останатите членови на Квин ја изведе легендарната и безвременска Боемска рапсодија. Со право може да се констатира дека музичката кариера му беше бесконечна рапсодија. Но во приватниот живот поминуваше низ пекол: се дрогираше прекумерно, учествуваше во најлуди забави, пијанки и оргии, правеше екцеси, а љубовниците ги менуваше како чорапите. Едноставно, живееше живот на екстремен хедонист. Тоа беше живот на ивицата помеѓу блудот и развратот. Сето тоа на крајот го чинеше прерана смрт.
Контроверзен и ексцесен, во животот, а авангарден и пред се генијален на полето на музичката уметност. Ќе остане запаметен како човек кој ги поместуваше границите. Со својата несекојдневна појава и со ексцентричното однесување на музичката сцена, често беше на тенката граница помеѓу добриот вкус и кичот. Како и да е нескротливото момче на рокенролот живееше динамичен живот, се однесуваше диво. Со еден збор живееше екстремен живот. Но, тоа беше и живот исполнет со убава музика, прекрасна мелодија, живот на висококвалитетен сценски перформанс. На волшебен начин успеваше фрустрациите од приватниот живот, на сцената да ги преточи во грандиозно дело, кое беше блескаво, накитено и поголемо од животот.
Роден е на 5 септември 1946 година, како Фарок Буслара, на островото Занзибар, во денешна Танзанија. Неговите родители Џер и Боми, економисти по струка, биле вработени во британската колонијална служба во Султанатот Занзибар, припаѓале на Персите, народ кој живеел во Индија, и според религија припаѓале на зороастризам, една од најстарите и најпознати религии во светот,основана од пророкот Зороастер(Заратустра), околу 1000 години пред нашата ера. Тоа е религија на добриот и лошиот дух, на борбата помеѓу доброто и злото, добриот и лошиот принцип. Имал помала сестра, Кашмир, која била многу поврзана кон него. Како мал имал природен талент и љубов кон уметноста и музиката. Покажал интерес и за спортот, најмногу за бокс и хокеј. Бил член на училишниот хор, учествувал во училишните театарски перформанси, одел на часови по пијано и многу рано ја открил страста кон рокенролот.
Во 1969 година во Англија завршил графика и дизајн на Илинг колеџот за уметности. Во февруари 1971 година, имајќи желба да создава музика под влијание на Џими Хендрикс и групата Лед Цепелин, заедно со Брајан Меј, Роџер Тејлор и Џон Дикон, ја формира групата Квин(Кралица). Оваа музичка група е една од ретките која за цело време на своето постоење нема променето ниту еден член. Ја сочинуваат: Брајан Меј, виртуоз на гитара со завидни вокални перформанси, Роџер Тејлор, тапанар волшебник и прекрасен пратечки вокал, Џон Дикон, бас гитара и човекот глас и извонреден перформанс – Фреди Меркјури.
Квин важи за еден од најреспектираните и најпопуларните британски бендови на сите времиња. За време на целото нивно егзистирање на светската рокенрол сцена, со нивните албуми и мега хитови содржани во нив, поминаа низ повеќе музички жанрови, во кои Фреди Меркјури се етаблираше како харизматичен и извонреден лидер. Со вдахновена самоиронична интерпретација, на секаде во светот ги освојуваше симпатиите на публиката и слушателите и ја повлече групата од маргините на тогашната глам-рок сцена, во самиот епицентар на светските рокенрол збиднувања.
Тој во рокенролот ја внесе лелеавата атмосвера од оперите на Верди, при што највпечатлив беше со незаборавните мелодии, нагласената емоција и блескавата сценографија и костимографија. Групата секогаш имаше извонредна хемија, разбирање и надополнување помеѓу нејзините членови. Фреди Меркјури во Брајан Меј имаше извонреден партнер, кој сите негови креативни и генијални замисли ги спроведуваше во дело. Ритам секцијата пак на овој успешен и спектакуларен бенд Џон Дикон, бас гитара Роџер Тејлор, тапани, долго време беше најдобра и ненадмината на рок сцената во 80те и 90те години од 20от век. Нивните грандиозни концерти на стадионот Вембли и музичките и спортски арени ширум светот, биле највозбудливото нешто што можело да се слушне и виде во седумдесетите и осумдесетите во 20-от век. Фреди со голем сјај блесна на сцената и го покажа својот раскошен талент. Тоа беше перформанс од гламур, луцидност, полуголо тело со чудна облека, музички стриптиз и став на травестит.
Квин ги издаваше албумите Queen, Queen II, Sheer Heart Attack, A Night at The Opera, The Game, The Works, еден по друг. Со албумите следеа и бројните хитови како Seven Seas of Rhye, Bohemian rhapsody, Radio Ga Ga, I Want to Break Free, We Are the Champions, Somebody to Love, The show Must Go On, A Kind of Magic, и многу други. Врв на нивната кариера беа двата концерта, еден по друг, на Rock Am Rio фестивалот во јануари 1985 година, и настапот на хуманитарниот концерт Live Aid истата година, во Лондон. Овие настапи рок критичарите ги прогласија како едни од најдобрите во рокенрол историјата. Квин низ целиот свет има продадено повеќе од триста милиони албуми.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…
Колумната е кратка приказна за селските и…