Весна Дамева ќе ја бара правдата пред Управниот суд

t

Весна Дамева – екс претседателка на Судскиот совет поднесе тужба до Управниот суд со која ја оспорува законитоста на донесената одлука за нејзиното разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет.

– Имајќи ја во предвид мојата заложба за владеење на правото, како и дека секоја незаконитост треба да се испита и утврди во постапка и на начин согласно со закон, поднесов тужба до Управниот суд, со која ја оспорувам законитоста на донесената одлука за мое разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија, која во основа се заснова на фактите кои веќе и се познати на јавноста, а тие се дека одлуката е донесена без постоење на законски основ и без да биде спроведена постапка пропишана со закон – изјави Дамева за државната МИА.

Како што изјави, поднела и кривична пријава до ОЈО Скопје поради сторени прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област.

– Со оглед дека во случајот за да се дојде до целта и да бидам разрешена од претседател на Судски совет на Република Северна Македонија беа сторени и прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област, до ОЈО Скопје поднесов кривична пријава поради постоење на основи на сомнение дека е сторено продолжено кривично дело Злоупотреба на службената должност и овластување од чл.353 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.45 од КЗ – вели Дамева.

Правната заштита ја бара не поради неа лично, туку поради заштита на угледот на институцијата Судски совет и значењето на функцијата претседател на Судскиот совет, вели таа.

– Останувам доследна на моето убедување дека правосудниот систем има капацитет да одговори на сите предизвици и да им обезбеди правна заштита на граѓаните и верувам дека надлежните институции ќе бидат на ниво на својата задача, со што во законита постапка ќе се утврди дека самоволие и беззаконие не смее да владее во институциите на државата и дека истото нема да остане заборавено и несанкционирано – вели Дамева.

Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година.

Сега, функцијата претседател на Судски совет ја извршува Сашко Георгиев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Јакимовски ги оцени советниците во Општина Карпош…

Советниците од Општина Карпош, кои живееле во…

Арсовска: Во Град Скопје се формираше совет…

Денеска во Град Скопје се формираше Советот…