Се сретнаа Бајден и Мелони: Силни односи без разлика на несогласувањата
Американскиот претседател Џо Бајден и италијанската премиерка Џорџа Мелони по средбата најавија зајакнување на економските врски и соработката во решавањето на предизвиците што ги поставува Кина, а разликите за правата на ЛГБТИ+ луѓето беа ставени настрана.
Позицијата на италијанската премиерка и коалицијата на десничарските партии што таа ја предводи за абортусот и правата на ЛГБТИ+ луѓето е во остра контраст со ставот на Џо Бајден, демократ кој ги истакна минатогодишните италијански изборни резултати како предупредување за либералите.
Сепак, Бајден рече дека тој и Мелони станале пријатели, додека Мелони возврати дека сака да има одлични односи со Бајден, иако е јасно дека ја претпочита Републиканската партија.
Двајцата лидери разговараа за учеството на Италија во кинеската иницијатива „Појас и пат“, но Вашингтон нема намера да ја диктира политиката на Италија кон Кина, рече италијанската премиерка.
„Нашите односи се силни и остануваат силни без разлика на политичките бои. Знаеме кои се нашите пријатели во тешки времиња“, рече Мелони.
Престојот во американската престолнина Мелони го искористи и за да го посети Конгресот, каде што се сретна со претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Кевин Мекарти.
И Рим и Вашингтон гледаат на средбата меѓу Бајден и Мелони можност да се потврди силното партнерство меѓу двете земји, кои и двете стојат зад помошта вредна милијарди долари, воена и друга, што западните земји и ја дадоа на Украина во време на војната.
Бајден ја пофали Италија за цврстата позиција што ја зазеде во однос на Украина, а Мелони истакна дека е горда затоа што земјата што ја водеше помогна во одбраната на меѓународното право.
Вашингтон се надева дека западната алијанса против руската инвазија на Украина ќе ја одврати Кина од обидот да го промени статус квото во Тајван, кој го смета за своја територија.
Во заедничката изјава по средбата, двајцата лидери ветија дека ќе продолжат да и помагаат на Украина онолку колку што е потребно и дека ќе воспостават подобар дијалог за „можностите и предизвиците што ги носи Народна Република Кина“.
Во 2019 година, Италија стана првата и досега единствената членка на групата Г7 која се приклучи на иницијативата „Појас и пат“, што беше придружено со критики и стравувања дека влегувањето во таков аранжман ќе и овозможи на Кина да ги контролира клучните инфраструктурни и технолошки процеси.
Мелони во мај годинава изјави дека е можно да има добри односи со Пекинг и без членство во споменатата кинеска програма, што беше протолкувано како најава за излез од неа по март следната година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
САД: Неонацистичка група има намера да се…
Предизборната кампања во САД се соочи со…
САД ќе испратат борбено засилување на Блискиот…
Американската војска ќе распореди дополнителни борбени авиони…
Хантер Бајден ќе ја добие пресудата осум…
Хантер Бајден, синот на американскиот претседател Џо…
САД и Велика Британија ги повикаа нивните…
Амбасадата на САД во Бејрут и британската…
Гром удри на плажа во Италија, најмалку…
Најмалку три лица се повредени денеска, од…