СПЕКТАКЛ НА НЕБОТО НАД СТЕНКОВЕЦ: Аеромитинг утре по повод 100 години од раѓањето на македонската авијација
Голем аеромитинг ќе се одржи утре, сабота 16.09.2023, на спортскиот аеродром Стенковец, кај Скопје со кој ќе се одбележат 100 години од основањето на Аероклуб Скопје, што всушност претставува и раѓање на македонската авијација.
За ова уникатно доживување подготвена е богата програма во која ќе учествуваат повеќе од 30 различни воздухоплови од земјава и од странство, како и падобранци од нашата земја и пријатели на клубот од целиот регион.
Аеродромските врати ќе бидат отворени во 9 часот за посетителите, а официјалната програма почнува во 11 часот. Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме досега во воздух, а едриличарите ќе изведат акробации од кои застанува здив. Во програмата се предвидени и акробатски летови, а ќе учествуваат и хероите на летните пожари, трите Air Tractor AT-802A Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување, владиниот авион Лирџет 60, полициските хеликоптери Bell, и хеликоптерот на воените сили Mi-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.
Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и на Грција. На аеромитингот ќе биде изложен и единствениот Македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот, наречен „Илинденка“, светиот грал на Македонското воздухопловство, кој во соработка со Министерството за одбрана на Република Македонија привремено е донесен за да може да биде претставен на посетителите и на целата јавност.
Влезот на аеромитингот е слободен за секој љубител на летањето. Препорачливо е посетителите да се подготват како за пикник. Пожелно е да носат подлога за седење, а слободно може да се понесат камперски столчиња и слични помагала. Посетителите може да си носат и јадење и пиење, а организаторот ќе обезбеди штандови со кетеринг и на самиот аеродром.
Обезбеден е и бесплатен превоз за граѓаните со автобуски линии кои од 08.30 часот, од пет локации во Скопје: Автокоманда (кај ЈСП), Транспортен центар, Ѓорче Петров (кај пазарот на вториот кружен тек), Бутел (кај Еделпром) и Спортската сала Борис Трајковски.
Автобусите ќе возат во двата правци. Од 08.30 до 14.00 часот кон аеродромот Стенковец, а од 14.30 до 19.00 часот кон петте локации во Скопје.
На посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси бидејќи паркинг местата се со ограничен капацитет.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Изгореле куќа и помошна просторија во пробиштипското…
Во пожар кој избувнал вчера во селото…
Нема да избегам ако ги изгубам изборите,…
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес ги отфрли…
ВЛЕН: ИСТОРИСКИ ЧЕКОР ЗА ЗДРАВСТВОТО ВО ТЕТОВО,…
Здравството е меѓу главните приоритети на ВЛЕН,…
Канада воведува нови царини за американските производи
Канада од 8 септември ќе воведе царини…
Ангелов: Ја изгубивме контролата над пожарот во…
Центарот за управување со кризи известува дека…