Груевски се присетува на Кљусев – човекот кој ја водеше првата Македонска Влада

t

Никола Кљусев
In memoriam

Се навршија 16 години од неговата смрт. Никола Кљусев (2 Октомври 1927-16 Јануари 2008) сите го паметат или помладите слушнале за него како прв премиер на независна Република Македонија кој изигра значајна улога во добивањето независност на Република Македонија, а во негово време се создаде и армијата на Република Македонија.
Во мошне тешки услови на висока инфлација, тогаш се укина југословенскиот динар и се воведе македонскиот денар.

Не припаѓаше на ниту една партија, а бидејќи беше со силен романтичарско-патриотски дух, во тоа време карактеристично за десницата, односно ВМРО-ДПМНЕ како најголема партија во парламентот тогаш, додатно и репресиран во првите повоени години на комунизмот, природно идеолошки припаѓаше таму, слично како и уште неколку други од таа влада. Но некако остана чувството дека ниту една партија не ја сметаше таа влада за своја (во смисла партиски своја) и сите ја гледаа како привремена, што всушност и беше. Како мандатар беше избран на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, како најбројна партија во парламентот тогаш, но без доволно пратеници или коалициски партнери за самата да формира влада, но политичкиот договор беше дека треба да е прифатлив и за претседателот Киро Глигоров. Ако добро паметам претходно Глигоров одби пет други предлози, пред да го прифати Кљусев.

Во тие година и половина владата предвидена од Кљусев заврши неверојатно многу значајна работа, па колку и во тоа тешко време да беше критикувана, од денешен аспект сите се сложуваме дека имаше историска мисија, заради што самиот Кљусев посмртно беше одликуван од претседателот на државата Ѓорѓи Иванов.

Во време кога тој ја водеше експертската влада, парламентот во мај 1992 година го усвои првото знаме со ѕвездата од Кутлеш, откако претходно на 8 септември заврши референдумот за независност, се донесе првиот устав на Република Македонија на 17 ноември 1991 година, декларацијара за независност во декември 1991 година и сите основни закони кои ја прават една држава да биде држава.

Додека Никола Кљусев и неговата влада ја водеа извршната власт се поставија темелите на Република Македонија, во што значајна улога имаше целиот државен врв и парламентот.

Се воведе и антиинфлационата програма со која се стабилизираше наследената енормна инфлација од периодот на распадот на Југославија, и што е најзначајно во мошне комплицирана безбедносна состојба и војни во регионот со напорот на целата таа генерација на политичари во македонскиот државен врв се успеа да се создаде независна Република Македонија и истовремено да се одржи мирот и да се одбегнат крвопролевања.

На иницијатива на министерот Јордан Мијалков и со согласност на Никола Кљусев, со подршка и на министерот за правда Ѓорѓи Наумов и државниот секретар во Министерството за одбрана Тодор Аџисанков (сите другари уште од детски денови од Штип) се спречи носењето на 14 илјади резервисти од Македонија (како прва тура) на фронтот во Хрватска, во редовите на ЈНА, преку молневито запленување на документацијата за регрутација во сите подрачни единици на Министерството за одбрана, од страна на македонската во тоа време сеуште “милиција” односно Министерството за внатрешни работи.

Тоа беше операција од највисок можен ризик во тоа време осоебно по животите на организаторите и спроведувачите, изведена во исто време, во една ноќ во сите подрачни единици на Министерството за одбрана.
Ноќ во која МВР ги исклучи сите телефони и ја опколи куќата на министерот за одбрана за да не може да ја напушти, кој беше поранешно воено лице во ЈНА и во кој се сомневаа дека можеше да ја осуети операцијата спроведена во најголема тајност. На некој начин, МВР го стави во куќен притвор министерот за одбрана за да се спасат македонските регрути и резервисти да не одат да гинат на фронтот во Хрватска во туѓи војни. Потоа многу помоќната ЈНА со сите сили ја бараше документацијата на сите можни места, но не успеа да ја најде.
По налог на Јордан Мијалков истата во најголема тајност се ставила во камион со лажни документи, добро се покрила и се камуфлирала со други работи, и камионот со недели кружеше низ Македонија. Операција која генералите на ЈНА не му ја заборавија на Јордан Мијалков…

Малкумина знаат дека Никола Кљусев имаше мошне бурен живот и кариера. На мое задоволство во еден дел од неговата кариера бевме колеги во владата, освен што бевме пријатели и блиски соработници пред и потоа. Несомнено тој е човек кој ми остави трајни сеќавања од нашата соработка, разговори и совети.

Малкумина знаат дека мошне млад се приклучил во антифашистичката борба од 1942 година до 1945 година.
Родум од Штип, каде и го завршил основното образование и гимназија, Никола Клљудев по војната започнал студии на економскиот факултет во Белград кои ги прекинал бидејќи бил испратен на Голи оток, заради што бил исклучен од факултетот. Тој е од оние учесници во НОБ кој подоцна ја почуствувал суровоста на режимот на поствоена Југославија во нејзиниот најтежок облик: Голи Оток.

За среќа, за разлика од многу други, тој преживеал и успеал да се врати во нормален тек на животот, на некој начин да се рехабилитира, повторно запишувајќи и завршувајќи економски факултет во Белград, каде и магистрирал и докторирал.

Вработувајки се на индустриските и економските институти во Белград и Скопје, постепено со многу работа и труд напредувал во кариерата, за од 1968 година да ја започне својата професорска кариера на економскиот факултет во Скопје, каде во осумдесетите години е и декан а од 1988 година и член на МАНУ каде подоцна во 2002 година беше избран и за раководител на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ.

Малкумина знаат дека неговите книги по предметот “инвестиции…” и предметот “економски развој…” се користеа како основен учебник на сите универзитети на 22 милионската држава Југославија, и од тие причини беа печатени и на јазиците во различните републики. Незнам дали Македонија имала друг професор од чии два учебници се учело на сите универзитети во Југославија, но и ако имала, тоа сигурно биле многу малку.

Малкумина знаат и дека бил на специјализации и студиски престои во САД (Фордова фондација на универзитетите „Колумбија“ во Њујорк и „Беркли“ во Сан Франциско), во Велика Британија (на Универзитетот „Сасекс“ во Брајтон и на Лондонската економска школа), во Академијата на науките на Советскиот Сојуз во Москва и во Академијата на науките во Полска во Варшава, во Меѓународната банка за обнова и развој во Вашингтон итн, како и бројни меѓународни конгреси. Како врвен економист Никола Кљусев станал член на Економскиот совет на СФР Југославија и на Економскиот совет на СР Македонија; член на Централниот одбор и на Научната секција на Сојузот на економистите на Југославија, како и претседател на конзорциумот на економските институти.

Сепак, пошироката јавност го запозна кога стана премиер во 1991 година, на возраст од 64 години.

Подоцна во 1994 година беше избран за претседател на Националната конвенција на Македонија и на Советот (на интелектуалци) на ВМРО ДПМНЕ во 1997 година.

Од 1 декември 1998 до 28 јули 2000 година беше министер за одбрана на Република Македонија во Владата на Љубчо Георгиевски, каде бевме колеги, и каде јас најпрвин бев министер за трговија, а подоцна и министер за финасии и претседател на комисијата за хартии од вредност.

Кљусев кој беше многу близок другар на мојот вујко Јордан Мијалков, го паметам од раните осумдесети години кога неколку пати во придружба на мојот вујко доаѓаше во мојот дом на “Социјалистичка Зора” во населбата Ѓорче Петров.
Сепак тогаш бев многу мал, бев дете и скудно се сеќавам на неговото присуство и разговори во мојот дом со мојот вујко, мајка и баба.
Мене ме прашуваше за училиштето, што сакам да бидам кога ќе пораснам во време како што и сите деца на таа возраст ги менував желбите за посакувана професија секој месец, од типот астронаут, полицаец, фудбалер, лекар итн. Вујко ми тогаш беше убеден дека ќе бидам писател, бидејќи уште во тие детски години објавував детски песни и раскази на детските странци на весниците во тоа време, па се правеа и разговори на таа тема.

Кљусев беше исклучително харизматична личност. Со исклучителен богат речник бидејќи имаше прочитано многу книги, а и самиот покрај многуте книги во неговата област-економијата, имаше напишано и објавено книги од жанрот на поезијата, прозата и есеи.

Имаше неверојатно уникатно и препознатливо изразување, кое иако беше проткаено со забележлив штипски дијалект, уште во првите реченици стануваше јасно дека се работи за врвен интелектуалец.

Секогаш знаеше на многу уникатен начин да се пошегува и да го насмее друштвото и едноставно неговото присуство секогаш оставаше печат.
Кога станав претседател на ВМРО-ДПМНЕ во 2003 година, наскоро, иако веќе во поодминати години Никола Кљусев прифати да биде советник на Извршниот Комитет на партијата, а со тоа и мој советник како претседател на партијата, и тој имаше карактеристичен и јасен став за секое поважно прашање што се дискутираше на седниците на ИК, често и различен од мнозинството.

Неговото присуство ми беше од голема помош во тие денови на многу помало политичко искуство и сериозни превирања во партијата, а од друга страна неговото големо животно искуство и политичко искуство во време на создавањето на државата како премиер, а подоцна и како министер за одбрана, но и како претседател на Советот на интелектуалци на ВМРО-ДПМНЕ.

Јадрото на тој советот на интелектуалци го донесе тој, и беа како една непартиска групација на иста идеолошка линија која се приклони кон ВМРО-ДПМНЕ, со што затвори една сериозна празнина која во тоа време ја имаше партијата, за која тогаш се говореше дека има многу членови, но дека нема доволно високо образовани приврзаници, па оттука се вадеше теза дека не треба да дојде на власт партија без доволно учени луѓе, експерти и интелектуалци.

Кљусев за се имаше специфичен начин на изразување. Јас како претседател на партијата знаев да водам маратонски седници на ИК внимателно одејќи од една на друга актуелна тема, идеја или предизвик. Тој бидејќи во поодминати години, знаеше некаде околу полноќ гласно да ми забележи: “претседателе, сказалките на часовникот се нервозни”, по што следеше групно смеење кое и ќе не размрдаше, но и ќе не забрзаше.

Пред изборите во 1998 година Кљусев ме повика со еден мал тим од 4-5 луѓе во партијата да ја подготвуваме економската програма на ВМРО-ДПМНЕ. За мене беше тоа голема чест, бидејќи имав само 27 години. Сепак во тоа време веќе бев познат на пошироката јавност преку објавените дијалози со Д-р Сем Вакнин, кои одеа во најтиражниот весник Дневник во 1997 година во 37 продолженија на тема странски инвестиции и беа многу читани и дискутирани, а подоцна уште еден таков серијал во весникот “Македонија денес” на тема платен и трговски дефицит, увоз и извоз. Долг период објавував статии за меѓународните економски движења и случувања во весникот “Вечер” на цела страна, а на истата тема имав и редовна емисија на скопската телевизија МТМ.
Претпоставувам дека тоа беше начинот како бев препознат како економскиот кој може да помогне и причината зошто се најдов во тој тим. Сепак, по неколку состаноци, бевме известени дека се одлучило програмата да ја напише Борис Стојменов кој тогаш беше потпретседател на партијата, па така нашата работа на тоа поле застана.

Кљусев редовно и мошне умешно повремено ни го подобруваше расположението и на седниците на владата, но кога се разговараше сериозно и за сериозни прашања, веднаш се гледаше дека станува збор за многу искусен човек полн со знаење и прониклив ум.

Не пропушташе прилика да ги шармира жените во секоја прилика која го дозволува тоа, со добра шега и пригоден комплимент. Имаше свој стил во тој поглед кој го задржа до крајот на својот живот. Всушност тој со неговата харизма ги шармираше сите.
Скоро секогаш ведар и насмеан, подготвен за добра шега, беше центар на внимание во секоја пригода. Едноставно, неговото присуство не можеше да остане не забележано. Беше романтичар со длабоко емотивна душа.

Всушност Кљусев беше пред се човек, многу емотивен, а потоа се друго. Воопшто не му пречеше што бил премиер или министер на пример, за да го земе микрофонот и во придружба на музичката група да ја отпее “O sole mio” на мојата свадба пред околу 300-400 гости, а патем покажа и дека тоа знае добро да го прави. Тој не сакаше да глуми “величина” бидејќи беше свесен на своите вредности и огромни успеси низ животот. Затоа со сите се однесуваше многу спонтано, многу нормално, многу човечки, што помал број снобизирани луѓе го гледаа со подсмев, но најголемиот дел од луѓето го гледаа како многу успешен човек кој сепак останал нормален и приземен човек. Тој по дефиниција беше елита и воопшто немаше потреба да го нагласува или на некој начин покажува тоа, карактеристика својствена на големите луѓе.

На моменти беше исклучително наивен и знаеше со отворено срце и доверба да пријде кон сите. Но, кога ќе почуствуваше дека некој ја злоупотребува неговата доверба беше мошне отсечен.

“Надежда Николаевна” знаеше шеговито во духот на руските класици да и се обрати на неговата сопруга во бараката во населбата 11 Октомври, и шеговито да продолжи: “каков маж имаш ти, Надежда Николаевна?!”

“Убедувај го Људмил да се врати да живее во Македонија”, знаеше да ми прошепоти небаре неговиот син кој живееше и работеше во Њујорк е во близина и не слуша. Сакаше да даде дознание дека неговиот син не треба да знае дека тој ме поттикнал да го убедувам.

Се присеќавам на една негова шега во 1998 година кога некако повеќемина се најдовме во домот на издавачот Тихомир Милошевски – НИП Нова Литература, кој во форма на книга ги издаде дијалозите меѓу мене и Сем Вакнин, каде предговор напиша самиот Кљусев. Мобилните телефони беа излезени веќе 3-4 години но таа година добиваа на масовност, а фиксните телефони сеуште многу се користеа. На чело на масата околу која бевме најмалку 9-10 луѓе заѕвони мобилниот телефон на Кљусев, и некако сите замолчеа, џагорот згасна, дозволувајќи му да одговори на повикот. Кљусев одговори и одкако го слушна гласот од другата страна, со насмевка почна да зборува како да го бараат на фиксен, а не на мобилен телефон: “Димитар, абе кај мене најде?” Настана смеење, општо смеење на масата, бидејќи се разбира кога некој те бара на мобилен телефон секаде ќе те најде.

За Кљусев помеѓу поблиските имаше распространето мислење дека последица од престојот на Голи Оток му е понекогаш да е плашлив. Веројатно имаше некаква вистина во тоа, но во клучните моменти, кога се правеше државата покажа голема храброст прифаќајки позиција на премиер кој заедно со клучните министри во владата можеше да биде уапсен секој ден од во тоа време многу силната и агресивна југословенска народна армија која сеуште беше присутна во Македонија и во негово време мирно си замина.

Во негово време се донесе и декларацијата за независност на Македонија.
Тешко време беше тоа. Македонија сеуште немаше војска, а прогласи независност. Полицијата беше многу слабо вооружена, но со силно мотивирано водство на чело со Јордан Мијалков како министер кој беше голем македонски патриот и идеалист. Имаше толку кризни денови, што Јордан Мијалков, премиерот Кљусев, министерот Ѓ.Наумов и неколку позначајни министри ги распоредуваше да преспиваат на тајни локации, бидејќи постоеја ризици за нивно апсење од страна на ЈНА во тие вечери. Животите на тие луѓе беа ставени во ризик со самиот факт што прифатија да учествуваат во таа влада со мисија создавање независна држава, без никаква воена или финасиска моќ. Само со моќта на вољата на народот.

Беше прв што остро се спротистави на некои меѓународни преставници во 1999 година кога беше министер за одбрана и кога на моменти од Македонија се бараа невозможни работи. Неговиот пркос кој не беше јавен пред камерите, беше силен и се случуваше уште пред оној легендарен пркос на тогаш заменик министерот за надворешни работи Борис Трајковски, подоцна претседател на Македонија.

И премиерската функција (1991-1992) и министерската функција како министер за одбрана (1998-2000) ги обавуваше во мошне невралгично време. Не беше лесно да си премиер во тоа време кога државата немаше воопшто девизни резерви, па правеше исклучителни напори во услови на редици пред бензинските пумпи да обезбеди пари за да купи еден танкер нафта и да ја обезбеди независноста без да биде нападната и втурната во војна, и во 1999 година кога беше кампањата на НАТО врз онаа скратена Југославија, со Србија и Црна Гора во неа, а предводена од Слободан Милошевиќ и со 300.000 бегалци од Косово на територијата на Македонија. Иако тогаш во поодминати години (73) Кљусев успешно се справуваше со ситуацијата од аспект на Министерството за одбрана.

Кога ми се вртат сликите за него, не можам да ја заборавам онаа кога на 19. декември 1991 година, околу 15:00 часот телефонски ни јавија дека мојот вујко Јордан Мијалков тогаш министер за внатрешни работи, претрпел тешка сообраќајна несреќа на пат за Белград на состанок со министрите за внатрешни работи на тогашните републики на Југославија во распад и војни, на делницата помеѓу Бујановац и Врање и дека е пренесен во болница во многу тешка состојба.
Набрзина се подготвивме со мајка ми и отидовме во неговиот дом, сеуште со надеж дека сепак ќе преживее. Во влезот на зградата пред ние да се приближиме кон лифтот од него излегоа Никола Кљусев и Ѓорѓи Наумов кои низ солзи ја прегрнаа мајка ми и мене искажувајки зборови на длабока тага и сочувство, и тогаш сватив дека е готово. Дека починал. Тие веќе беа информирани. Потоа следеше комеморативна седница па погреб со бескрајно многу луѓе, како што не бев видел никогаш во животот. Погреб на кој говорот кој го одржа потпретседателот на владата Блаже Ристевски, го заврши со зборовите: “падна на постот како чесен воин и верен патриот”

Како премиер Кљусев заедно со неговиот владин тим, државниот врв и парламентот ги постави столбовите на независноста.
Тој беше многу енергичен и функцијата ја обавуваше со голем ентузијазам и љубов кон Македонија. Најголемата “афера” што му ја извадија е дека тој и неколку други министри купиле возило “Тојота” за што се правдаше небаре беспари му ја дале колата.
Неговиот предлог за отворање јавни перални во тоа време не наиде на одобрување. Но, затоа референдумот за независноста за кој самиот Кљусев и министрите водеа кампања одејќи од град во град за да го охрабрат народот, наиде на огромно одобрување кај македонскиот народ и граѓаните на Македонија, па заврши со онаа легендарна прослава на плоштадот Македонија.

Последните две години од неговиот живот јас бев премиер, а тој претседател на управниот одбор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
Беше речиси 80 години но полн со енергија и бистар ум, и самиот ми предложи да ја завземе таа функција што со задоволство го прифатив. Можеби експертот број еден за инвестиции во време на Југославија и подоцна, беше природно, кариерата да ја заврши на чело на институцијата која треба да привлече инвестиции.

Се сеќавам како тогаш младиот и динамичен поранешен студент на Харвард Виктор Мизо, кој стана менаџер на Агенцијата и кој го поканив и дојде од многу познати компании од САД, како Мекензи, Генерал Моторс, Магна и други, и кој заради возраста и престојот во САД малку знаеше за Кљусев, една година одкако ја превзема функцијата, давајќи ми извештај за работа се осврна и на соработката со управниот одбор и ми кажа дека иако во поодминати години, Никола Кљусев е многу активен, дека му е од најголема корист од сите во тој управен одбор, дека е изненаден од тоа бидејќи не очекувал од човек на 80-81 година толку многу постојано да дава предлози, идеи, да се ангажира и да носи потенцијални инвеститори кај него на разговор, со кој воспоставил контакт на некој начин.
Никола Кљусев до последен момент, беше многу активен, со огромна енергија и љубов кон Македонија.

Во големата сала за состаноци на владата по теркот на многу други влади, веднаш зад столот на главниот што го води состанокот, најчесто Премиерот, закачивме портрет на првиот премиер академик Никола Кљусев. Тоа не беше само почит кон него, туку и покажување однос кон националната историја и државност. Влада е, и нормално е да го стави на чело портретот на првиот премиер.
Кога дојде новата власт, забележав го тргнале. Тоа е грешка!
Веројатно останат е само портретот во групата на сите портрети на премиери, исто така вообичаена пракса во другите држави со подолга традиција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

МНОЗИНСКИОТ СОПСТВЕНИК ВО „ИЛОВИЦА“ ИНВЕСТИРА НАД МИЛИЈАРДА…

Трафигура, мнозински сопственик на Еуромакс Ресоурцес, компанијата…

ЕУ ПОВИКА МАКЕДОНИЈА ДА СЕ УСОГЛАСИ СО…

Официјален Брисел очекува Македонија да се приклучи…

Приведен 25-годишник од Тетово: Ја нападнал сопругата,…

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.…

Храната повторно поскапува во Европа, еве кои…

Цените на храната во Европа повторно почнуваат…

Уапсен Драган Петровски – Штука во полициската…

Голема полициска акција против организирана криминална група…