БРАВО МАКЕДОНЦИ! Во центарот на Пустец ќе биде поставена биста на Гоце Делчев
Советот на општина Пустец, ја поддржа иницијатвата и барањето на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, за поставување биста на Гоце Делчев на плоштадот во село Пустец, што го носи неговото име. Иницијативата е ставена на јавна расправа и се очекува на крајот на идниот месец советниците да донесат одлука за поставање на бистата на авторот Зоран Тошевски, донација од МАЕИ, и има за цел да биде составен дел од културно-историскиот пејсаж на преспанскиот крај.
„Оваа иницијатива доаѓа со цел да се оддаде и овековечи споменот на Гоце Делчев, македонскиот херој и клучна фигура на македонското револуционерно движење. Со својот живот и дело стана апостол за Македонците и неговиот спомен се пренесува од колено на колено не само кај Македонците од Албанија, туку и секаде во светот каде што живеат“, вели Васил Стерјовски, претседател на партијата МАЕИ.
Додава дека од многуте песни кои се пеат меѓу Македонците во Албанија за ослободувањето на Македонија, а кои потекнуваат од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век во многу од нив е опеан Гоце Делчев и тие сѐ уште се пеат во Мала Преспа.
„Заслуга за зачувувањето на споменот за Гоце Делчев меѓу Македонците од Албанија има и големиот писател од македонско потекло Стерјо Спасе, кој во своите романи издадени во Албанија ја опишува соработката на македонските и албанските револуционери за ослободување од турското ропство и улогата на Делчев. Дека споменот за Гоце е вечен потврда е и фактот што во 1988 година, на иницијатива на Васил Папа од село Туминец, од областа на Преспа, рибарскиот брод за риболовното претпријатие во Преспа го добил името Гоце Делчев“, додава Стерјовски.
Посочува дека по распадот на комунистичкиот систем на Енвер Хоџа и појавата на демократските процеси, Македонците од Албанија се организираат во културни, општествени и политички организаци и името на Гоце Делчев станува симбол на борбата за човекови права на Македонците од Албанија.
„Неговата фотографија е поставена во македонските домови, во училиштата, кафаните, на разни манифестации. Песни за Гоце Делчев се пеат на разни веселби, свадби, прослави. Учениците во училиштата рецитираат стихотворби за Делчев. На ѕидовите во гимназијата во Пустец се поставени паноа со македонски дејци, меѓу кои и Гоце Делчев и испишана е неговата епохална изјава за неговото разбирање на светот како поле на културен натпревар меѓу народите, прикачени се творби на македонски јазик за Гоце Делчев од ученици. Името Гоце и Александар се најпопуларни имиња меѓу Македонците во Преспа“, нагласува тој.
Во 2008 година Советот на општина Пустец едногласно донесе одлука со кој плоштадот во Пустец го доби името Гоце Делчев, а поставувањето на оваа биста, според Стерјовски, ќе биде важен додаток на заедницата и ќе придонесе за зачувување на македонското културно наследство и идентитет во регионот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ВРЕДИ: Очекуваме Минчев да ги поништи огласите…
Кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека…
(Видео) Ново видео од пцовките на Даку…
По обидот за извинување од страна на…
Заев: И Македонците и Грците сме Европејци
„Наште општества и нашите луѓе, Македонците и…
(Видео) Грчки пратеник: Македонците од „Северна„ Македонија…
Пратеникот на грчката опозициска партија СИРИЗА, Теофилос…
Васил Стерјовски се сретна со Македонците во…
Претседателот на единствената македонска партија во Албанија,…