Груевски објави детали: Под кои околности Љубчо Георгиевски лобираше за моја кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ во 2003 година?
ПОД КОИ ОКОЛНОСТИ ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ ЛОБИРАШЕ ЗА МОЈА КАНДИДАТУРА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО 2003 ГОДИНА?
(Рефлексија од повеќе негови изјави)
Го гледав настапот на Љубчо Георгиевски и Марјан Ѓорчев на едно телевизиско шоу во кое главна тема меѓу поранешните претседател и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ беше дали Колишевски бил најголем Македонец и по некои други теми поврзани со актуелни политички прашања.
Вообичаено не коментирам вакви настапи, но има една работа која во настапите на Љубчо Георгиевски постојано се провлекува па би сакал да го дадам мојот поглед на тоа со малку повеќе информации од оние кој тој ги редовно кажува.
Имено, тој безброј пати досега повторува во разни негови настапи, вклучително и во овој настап, дека тој лобирал на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ за јас да станам претседател на партијата, па овој пат дури и јавно му се извини на Марјан Ѓорчев заради тоа, кој тогаш ми беше против кандидат.
Прво да потврдам дека тој навистина и со сигурност лобирал. Тој дел е неспорен.
Второ неспорно е дека во тоа време, партиската база го познаваше подобро Марјан Ѓорчев, а мене повеќе ме познаваше од медимумите одколку од теренот. Тоа беше со причина. Не само што Ѓорчев беше повозрасен и неколку години пред мене во структурите на партијата.
На седниците на извршниот комитет кога бевме на власт, кога Георгиевски како претседател ги задолжуваше сите со обврска да бидат надлежни координатори на цели региони со општински комитети, мене секогаш ме изостануваше па така мојот контакт со базата беше многу помал.
Еднаш еден присутен на седницата на ИК потсети дека само јас не сум добил задолжение за координатор на неколку ОК, на што Георгиевски одговори дека тоа е намерно така, бидејќи јас правам многу крупни и значајни реформи во земјата како министер за финасии и дека не сака да ме дефокусира од тоа.
Колку и да беше искрено кажано од негова страна, тоа ми создаде дополнителна нетрпеливост и отпор од страна на дел од другите колеги министри, бидејќи индиректно некои тоа го толкуваа дека тие не прават или малку прават реформи, па имаат повеќе слободно време.
Што е она што е значајно а се пропушта да се каже кога веќе се отвара таа тема и тој настан од пред 21 година?
Ќе објаснам трудејќи се многуте детали и имиња да ги изоставам и оставам можеби за некоја друга прилика, и ќе ги преставам само најважните моменти.
Прво, јас никогаш не барав од Љубчо Георгиевски да лобира за мене. Ниту еднаш!
Второ, јас не барав и не помислував да бидам кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ тогаш. Тој ми предложи! Јас го одбив!
Му предложив да си ја задржи функцијата и да продолжи да ја води партијата. Ако е уморен, да се одмори некој месец и да се врати на обврските во партијата. Му кажав дека се гледа дека СДСМ се слаби и без идеја, и ништо нема да направат.
Потоа, кога сфатив дека нема да се премисли, кажав дека не сум против кој и да е друг да биде новиот претседател, вклучително и Марјан Ѓорчев, иако со него за повеќе работи имавме различни видувања.
Трето, следуваа секоја недела средби меѓу мене и Георгиевски на негов повик, кои беа еден вид сеанси на убедување од негова страна кон мене во правец на мое предомислување и прифаќање да бидам кандидат и негов наследник во партијата, со голем број аргументи поврзани со моите предности и со слабостите на другите потенцијални кандидати, во прв ред Марјан Ѓорчев, кои Ѓеорѓиевски скратено опишува дека чувствувал дека со мене на чело партијата може да победи на следните избори. Ниту сакам да си ласкам кажувајќи што се мене тој ме фалеше убедувајќи ме да прифатам, ниту сакам да го ставам него и други во непријатна позиција кажувајќи што кажал за слабостите на други потенцијални кандидати во нашите разговори.
Да потсетам дека јас во тој период бев ангажиран на проект на УСА ИД во Белград за зајакнување на капацитетите на Министерството за финасии на Србија. Тоа ми беше понудено веднаш буквално ден по поразот на изборите на 15 септември 2002 година. Го прифатив по претходна консултација со Љубчо Георгиевски како претседател на партијата во заминување од власт.
Понудата беше за целосен мој престој во Белград, преселување во времетраење на договорот.
Сепак по сугестија на Георгиевски формално прифатив и потпишав договор за целосен престој, но неформално договорив со тамошниот министер половина од времето секоја недела да бидам и во Македонија за да помагам во партијата која по поразот беше во тешка агонија, така што кога ќе се одбие времето во патување неделно, во Скопје бев три дена неделни, а во Белград работев во две смени за да не ми заостанат превземените обврски таму кои беа поврзани со воведувањето ДДВ, нов систем на платен промет, фискализација, делумно и за Законот за Законот за денационализација и други идеи и проекти кои ние многу успешно ги завршивме, а во Србија не беа ни започнати. Тој дел многу успешно го завршив таму во период од околу една година со патување и враќање секоја недела.
Го задржав и местото во парламентот бидејќи најчесто во три работни денови бев во Скопје, но партијата тогаш подолго време заради политичкиот прогон го бојкотираше парламентот, па тоа стана неважно.
Од овие причини средбите со Георгиевски ни беа еднаш неделно но долги, по 3-4 часа, и така шест недели една по друга. Тоа беше такво убедување, што на моменти личеше на молење да прифатам, од негова страна редејки многу аргументи про мене и контра други потенцијални кандидати и објаснувајќи дека ако не прифатам со било кој друг кандидат многу се мали шансите за успех, а уште со еден пораз партијата може неповратно да загуби многу.
Тука има многу детали, но ќе ги прескокнам.
Освен самиот тој, не знам дали организирано од него или спонтано, но сигурно со информација од него дека не сум прифатил, сеанси на убедување имав од поголем број партиски познати функционери и заеднички пријатели.
Дел од нив ми доаѓаа дома и по цели часови ме убедуваа. А со дел се гледав на други локации по нивно барање. Темата беше една: мораш да прифатиш! Заради партијата, заради иднината на Македонија итн итн.
Постоеја повеќе причини зошто не прифаќав. Меѓу другото сакав да се вратам на мојата професија-економијата.
Во оваа прилика нема да да ги набројувам сите причини бидејќи ќе зазвземе многу простор.
Сепак, паметам дека пред дел од луѓето со кои се состанував кажав дека една од поважните причини заради одбивањето е што имам чувство дека ќе го победиме СДСМ, но дека по превземањето на власта од нас ќе се очекува промена на името по грчки терк и дека јас не сум подготвен да се согласам за крупни национални одстапки какви што тие очекуваат, што ќе доведе до големи проблеми и ги опишував проблемите.
Паметам како на еден мој близок кој речиси секој ден доаѓаше дома кај мене да ме убедува да се кандидирам во една прилика му кажав: “грците тешко дека ќе попуштат, посилни се. На крај ќе дојдеме во судир со меѓународната заедница, ќе немаат како и ќе тргнат против нас да не рушат, нема да им попуштам и ќе создадат ситуација да не испозатворат ако им треба тоа за да се смени името”. Тој ми се смееше на тоа кажувајќи дека тоа е нереално предвидување и непотребно сум загрижен. Дури со леснотија ми рече: “ако треба остави ми ги мене странците по тоа прашање и ќе се повлечат”. Години потоа не мислеше баш така. Но тоа можеби во некоја друга прилика.
Четврто, малку пред ова убедување да започне од страна на Георгиевски на почетокот на 2003 година, претседателот Борис Трајковски најпрвин ми понуди амбасадорско место во 4-5 држави, да одберам едно по моја желба, од квотата што нему му припаѓаше во поделбата со владините партии.
Го известив Георгиевски и по негова сугестија, но и по мое убедување се заблагодарив на понудата.
Потоа имав нов повик од претседателот Трајковски кој беше близок со Доста Димовска и Марјан Ѓорчев.
Следеше понуда за амбасадор во Лондон.
Претседателот беше мошне отворен и ми кажа дека се присетил како во едно патување во авион на враќање мислам дека беше, од настан на ООН во Мексико, седејќи еден до друг во слободен разговор сум му раскажувал убави спомени од мојот неколку месечен престој во Лондон заради работен тренинг во инвестициска куќа во Сити и дека сум му кажал дека тоа е град што нуди многу можности за сѐ, па побарал од Црвенковски да ги заменат градовите и тој да предложи кандидат за Лондон, нагласувајќи дека сака мене да ме предложи, при што Црвенковски кажал дека тоа е мошне интересен предлог, и се согласил.
За Лондон размислував неколку дена. Претседателот Трајковски овој пат почувствува мало колебање кај мене и се беше јавил на мојата мајка со која се познаваа при едно негово доаѓање кај мене. За тој телефонски разговор дознав многу подоцна, бидејќи се договориле да не ми кажат. Целта била да и каже дека ми понудил и што ми понудил веројатно знаејќи дека таа долго посакуваше да се повлечам од активна политика бидејќи се плашеше од можни реперкусии во политиката особено по трагичното и многу сомнително загинување во декември 1991 година на нејзиниот брат Јордан Мијалков како прв министер за внатрешни работи на Република Македонија.
Претседателот ме покани повторно на разговор. Тогаш прв пат почувствував дека можеби сето тоа не е случајно и дека нешто има во позадина.
Му пренесов на Георгиевски за понудата. Тој ми сугерираше да одбијам и без да побарам или да дадам било каков сигнал дека такво нешто посакувам тој ме номинираше за подпретседател на партијата.
Два месеци подоцна вечерта пред дневниот весник Дневник да го објави неговото повлекување, и најава дека јас ќе сум негов наследник, информација која беше очигледно негов брифинг, Георгиевски ме повика и ме извести дека одлучил да се повлече и дека ми нуди јас да се кандидирам за претседател на партијата а дека тоа тој ќе го подржи.
Петто, како и да е, по шест недели убедувања, долги разговори и анализи, аргументи и контра аргументи, континуирана настојчивост од страна на Љубчо Георгиевски, во голема мерка заради блискоста и довербата со Георгиевски во тоа време, јас прифатив да се кандидирам за претседател на партијата.
При ова треба да се знае, дека јас тогаш Георгиевски го чувствував многу близок и имав неограничена доверба во него.
Чувствував дека ако не прифатам дека тоа ќе биде еден вид предавство и кон него и кон партијата. Во смисла кога многумина страдаа заради политичкиот прогон, партијата беше многу падната, кога е тешко време, кога и на самиот Георгиевски му е тешко време, а јас знам дека му беше многу тешко време, јас да не го превземам товарот и да ја извлечам партијата од таа тешка ситуација во која ми стана неприфатливо. Одтука, профаќањето во голема мерка беше и заради тој наш меѓусебен однос, доверба и почит.
Шесто, на Георгиевски му поставив само еден услов. Му кажав дека ако веќе се нафаќам за таа многу тешка и одговорна работа за која тој цврсто веруваше дека ќе успеам, јас ќе направам многу големи промени во партијата, пред се кадровски, организациски и делумно во политиките.
Затоа побарав од него да ми даде лично ветување дека нема да имам мешање и обструкции од негова страна во тој дел, дури и кога нема да се согласува со некои од тие мои чекори.
Укажав дека тој има голем авторитет и влијание во партијата и дека сите незадоволни од мене ќе доаѓаат кај него и ќе бараат подршка, па ако тој почне да се меша ќе дојде до проблеми. Ако ја превземам одговорноста да ја превземам партијата во така тешко време и да превземам голем товар со тоа, треба да имам целосна слобода заедно со органите на партијата да носам самостојни одлуки. Тоа беше моето единствено барање.
Тој ми одговори дека на сите кои ќе му се обратат, дури почна да ги набројува и по име некои за кој самиот претпоставуваше дека нема да влезат во новиот тим заради нарушената репутација, ќе им каже дека ако тој направил чекор назад за иден успех на партијата, тие ќе треба да направат по два чекора назад.
И не само тоа. Додаде и дека ако некогаш имам потреба да се вклучи и да смири некои тензии во партијата од незадоволници кои ќе ми прават проблеми, да сметам на него во секој момент и слободно да му се обратам.
Седмо, под тие услови го прифатив неговото барање, молба и настојување да станам негов наследник во партијата со цел истата да се врати на власт и да се придвижи Македонија напред.
Во една таква атмосфера немаше дискусија за тоа дали тој ќе лобира за мене. Се направи некаков мој изборен штаб, собираа потписи за кандидатура, и на предлог на познато на јавноста лице од тој штаб, Георгиевски прв се потпиша на мојата кандидатура и тоа се објави, што беше јасен сигнал до делегатите.
Во кампањата ги посетив поголемите општински комитети повеќето од нив раскарани, десеткувани и незадоволни од многу работи од нашето претходно владеење.
Исходот на конгресот кој се одржа на 24 и 25 мај 2003 година е познат. Ниту некого сум притискал да гласа или лобира за мене, ниту знам во детали кој кај кого и кога лобирал.
Всушност како што и самиот Георгиевски кажа во емисијата, лобирањето е нормална и легитимна работа во политиката.
На крајот повоторно без многу детали и без имиња само ќе потсетам дека 7-8 месеци подоцна почувствував поголемо мешање на Георгиевски во партијата.
Беше поврзано со темата кандидат за претседател. Сеуште бевме во многу добри односи со Георгиевски. Почувствував не фер однос од Георгиевски и во два наврати сосема пријателски и отворено во четири очи му го кажав тоа и му понудив доколку сака јас да се повлечам од функцијата претседател заради приватни причини и без да објаснувам на јавноста детали, а тој да се врати и да продолжи онака како што тој сака и смета дека е најдобро.
Му укажав дека нема да има лутење од моја страна, нема да има обструкции, нема да излезе во јавност зошто сум се повлекол и дека доколку сака и понатаму ќе му помагам од било каква улога што ќе ми ја додели.
Тој не го прифати тоа.
Но, продолжи со мешањето и обструкциите и сето тоа колуминираше на претседателските избори кога надвор од одлуката на раководството по своја лична проценка го повика членството на бојкот во вториот круг со што ја загубивме секоја можност за успех на тие избори, па заедно со безкорпулозното полнење гласачки кутии за Црвенковски главно во местата со доминантно албанско население заради што никогаш не ги признавме резултатите, разликата во вториот круг стана голема во корист на СДСМ.
Тогаш дојде до раскол во партијата кој сам по себе е посебна тема со многу детали. На една средба меѓу нас двајцата, Георгиевски директно и недвосмислено побара од мене да се повлечам од водството на партијата бидејќи тој сакал да се врати. Мојот одговори беше: “ме молеше да се нафатам на ова, и најмногу заради тебе се нафатив. Потоа кога почувствував дека сакаш да се вратиш во политиката, двапати на фер начин ти понудив тивко да се повлечам, а ти да се вратиш и не прифати.
Сега ме доведе во ситуација на пораз и сакаш враќање. Јас да заминам со пораз и неуспех за кој ти допринесе, а ти да се вратиш како спасител. Тоа не е коректно што ми го направи”.
Бев многу револтиран и му кажав дека нема да поднесам оставка. “Ова е партија каде ти имаш големо влијание. Повели смени ме”.
Искрено, мислев дека така и ќе заврши…но бев гневен, разочаран од него, се чувствував изневерен, предаден, искористен и решив да заминам со борба. Како што во тој период употребив една метафора: “се чувствував како со нож забиен во грб”.
Останатото потоа е познато.
Четири или пет месеци подоцна, во есента 2003 година Георгиевски со своите приврзаници формираше нова партија и се пресели во нови простори. Но, набрзо се појави потреба од средба со неговите луѓе заради некои стари нерасчистени обврски кон државните органи од кој и тие и ние можевме да имаме проблеми. Во штабот пристигнаа поранешниот секретар Војо Михајловски и Ламбе Арнаудов. Јас бев со тројца соработници од ИК.
Зборувавме на службени теми, но тензијата и напнатоста висеше во воздухот во мојата канцеларија во стариот штаб. Во еден момент Војо Михајловски не издржа и најде некој контекст за луто да ми каже: “ајде не се прави будала, мислиш не знаеме дека ти беше договорен со претседателот да го замениш една година, малку да се одмори и да се смират странците кои беа против него, па потоа да се врати!!!”
Останав шокиран! Не можев да поверувам што слушам! А Војо звучеше луто но искрено, звучеше дека навистина верува во тоа. Му објаснив дека тоа е невистина и некако го привршуваме состанокот и со заминаа.
Години подоцна, кога веќе бев премиер, го поканив Војо Михајловски во мојата канцеларија во владата. Тој веќе беше одделен од Георгиевски и разочаран од него. Ќе се воздржам од подробности околу причините за тоа.
Меѓу останатото го потсетив на тој момент и го прашав дали се сеќава и дали навистина така му било кажано. Тој го потврди тоа.
Неодамна Георгиевски го демантираше тоа како гостин во една емисија, дури и без да биде прашан.
Ова е еден мој прилог кон честите вистинити кажувања на Љубчо Георгиевски дека тој лобирал за да станам претседател на ВМРО-ДПМНЕ без објаснување на околностите како дошло до тоа.
*Фејсбук статус на поранешниот премиер Никола Груевски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
СДСМ: ДПМНЕ одби клучни амандмани за земјоделците
Првиот амандман, кој имаше за цел да…
Двојни аршини: Кога должи фирма на министер…
Долг на фирма не е кривично дело,…
„И лавот му рече на орелот мјау“:…
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)…
(Видео) Николова: Мицкоски без грам совест и…
Предложениот ребаланс на буџетот не ветува дека…
Крајно време е Максим Димитриевски да излезе…
Невидено во унитарна држава! Министерот за здравство…