,,Дилеми или трилеми’’
Почитувани читатели, насловот на колумната нема никаква асоцијација кон вицот за Мујо и Хасо кога Мујо се наоѓал во трилема, а Суљо му објаснувал дека постои дилема а не трилема, по што Мујо му објаснил зошто е во трилема.
Сепак во пракса на овие двојни избори во Македонија ние како граѓани сме ставени во состојба не на трилема или дилема, туку пред одлука дали воопшто да гласаме. Тоа е така затоа што понудата која ја гледаме пред нас, барем во однос на „фаворитите“ ни покажува дека во нашата Македонија ништо се нема променето последниве пет години. Ех, да е само за последните пет години!
Насловот на колумната не е поврзан со изборите, а уште помалку со мајтап туку има стручна основа, а се однесува на една од основните обврски на претседателот на Македонија утврдени со Устав. Ете, сега верувам дека ви станува се појасно зошто ние како внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ инсистиравме на почитување на Статутот на партијата, таков каков е и почитување на уставно определените обврски и надлежности на претседателот на Републиката, а не партиски политики кои се „утврдени“ од неграмотни ликови. Затоа и поднесовме тужба против Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, за која патем да кажам дека сеуште немам добиено официјален одговор, односно не ми е доставено Решение од Управниот суд. Очигледно е дека Мицкоски решил да влијае врз судството со цел задржување на тужбата во неодредена состојба за да не може да се заврши процесот се додека не завршат изборите за претседател на Републиката, по што и самата тужба ќе биде безпредметна. Засега знаеме дека тужбата е ОСНОВАНА, но нема маж (читај суд) во напатена Македонија кој има храброст да суди според закон и да донесе Решение. Ова само ми укажува на тоа дека Мицкоски знае што направил и намерно го прекршил Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, но и дека добро ги знае анкетите и реалниот рејтинг на Силјановска, па откако ќе ги изгуби изборите, воопшто нема да му биде важно што ќе биде со тужбата или било што друго. Но, повеќе загрижува тоа дека нема дилема во однос на свесноста на Мицкоски за губење на изборите од страна на Силјановска (се под тристотини илјади гласови и разлика под педесет илјади гласови со Пендаровски кого Силјановска го вика Црвенковски е изгубени избори во втор круг) што по првиот круг ќе повлече тенденција во однос на парламентарните избори. Тоа укажува на планот на Мицкоски дека по 8-ми мај е возможно сценарио за непризнавање на изборните резултати и предизвикување на немири и нереди во државата.
Покрај тоа што нема ништо ново во Македонија за последните пет години и гледаме реприза на изборите од 2019 година, сепак има една интересна појава. Тоа е изгубеноста на двата претседателски „фаворити“ во однос на настапите и тоа што го кажуваат пред македонската јавност, за разлика од нив некои не фаворити покажуваат огромен капацитет (тука не мислам на Максим-ум, тој си е од шинелот на Б.Ц., а би било добро најпрво да научи да зборува македонски јазик без употреба на србизми и локални дијалекти). Имено, токму поврзано со барањето на Мицкоски во формалниот Јавен повик за кандидат за претседател на државата поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, очигледно е дека Силјаноска ги пласира политиките на партијата наспроти уставните одредби и обврски на претседателот на Републиката. Впрочем, тука доаѓа до израз и уште една работа, а тоа е очигледното непознавање на уставните надлежности на претседателот. Потоа се наметнува и прашањето за тоа како е возможно Силјаноска како професор по право и тоа Уставно право, да не ги знае надлежностите на претседателот на државата. И секако, кој и е советник по прашања за безбедносните теми и кој тоа и зборувал за „безбедносни дилеми“?
Ете затоа и поставив прашање за безбедносните дилеми или трилеми во насловот на колумната, а тоа се однесува како прашање и за Пендаровски. Да си ги прегледаш Стево малку пропагандните спотови и да ти кажат политичко-безбедносните советници какви пораки испраќаш преку некои секвенци. За тие што знаат да читаат се им е јасно.
Колешке Силјаноска, не постојат „безбедносни дилеми“ како стручен термин во безбедносните науки, а ниту во одбранбените науки. „Безбедносни дилеми“ е списание на Институтот за Одбрана, мир и безбедност при Филосовскиот факултет на Универзитетот Св.Кирил и Св.Методиј во Скопје. Насловот на стручното списание, зборник, периодика не е изведен како научен или стручен поим, туку како пристап кон отворена дискусија во однос на различни мислења за безбедносните прашања на стручна и научна основа. Во безбедноста постои „безбедносна парадигма“ и таа се менува на определен временски период, но ни најмалку не зависи од безбедносните дилеми на тие кои ве советувале.
Токму затоа и ви се случува колешке Силјаноска да не знаете дека претседателот на Републиката е „Врховен командант“ и дека според надлежностите кои ги има го назначува Началникот на Генералштабот на АРМ, а Генералштабот на АРМ не е засебно правно лице, туку е стручен орган на Министерството за Одбрана. Тоа стручен орган, значи дека раководи со воените единици на армијата во мир и војна од стручен, воен аспект, но тоа значи дека Началникот на Генералштабот не одлучува за употреба на армијата, туку исклучиво за стручната употреба на армијата по претходно донесена одлука за Врховниот командант. Именувањето на три стручни и квалификувани лица во Советот за безбедност не е поврзано со Еколошката безбедност како еден сегмент од безбедносната рамка според Бери Бузан и Копенхашката школа (ова за да ги насочам вашите советници што да прочитаат). Советот за безбедност со кој раководи претседателот на Републиката има сосема друга цел, а таа е пред се утврдување (напоменувам утврдување, не подготвување) на безбедносните проценки за загрозеноста на Македонија од различни видови на ризици и закани, заземање политички и стручен став по истите и одредување на насоки за делување на институциите на државата. Затоа покрај тројцата членови на Советот за безбедност кој ги назначува претседателот на Републиката, негови членови се и други по функција лица кои раководат со институции и министерства задолжени за разни сегменти на безбедноста и политиката. Накратко кажано, Советот за безбедност креира безбедносни политики и дава стручни мислења и насоки кои треба да му помогнат на претседателот на Републиката да донесе одлуки. Еколошката безбедност е само еден мал сегмент од безбедносната рамка, а во случајот на Македонија и со оглед на тоа со какви се ризици и закани се соочуваме како држава и народ, еколошката безбедност не е приоритет, особено не за Советот за безбедност и верувам дека во рамките на безбедносните проценки нема да најдете многу информации и проценки за истата. Ете еден краток воведен курс за тоа што се некои од обврските на претседателот на Републиката во однос на безбедноста и одбраната, ризиците и заканите врз Македонија.
Како и да е, досегашниот тек на пред кампањата на парламентарните избори, наречена кампања за претседателски избори се одвива доста смешно, во веќе виден стил на гафови и тресење глупости што покажува дека барем „фаворизираните“ кандидати не се добро подготвени, но и тимовите им се слаби, особено од стручен аспект. Интересно е и тоа што Силјаноска покажува замор за разлика од Пендаровски, а по некоја логика би требало да биде обратно со оглед на тоа дека Пендаровски во исто време мора да ги реализира и минимум обврските на функцијата која веќе ја извршува. Дури и вклучувањето на претседателите на политичките партии Ковачевски и Мицкоски во претседателската кампања, а и двајцата се носители на пратенички листи, е проблематична. Парламентарната кампања сеуште не е започната официјално, а тие се веќе на терен и во јавни настапи, а со себе ги вклучуваат и другите кандидати за пратеници и тоа е веќе работа за ДИК и други институции. Но и тука се гледа замореноста, веќе само по една недела од кампањата. Тоа особено се гледа кај Мицкоски и затоа се прашувам дали ќе има сила да ја издржи кампањата до крај, особено после првиот круг на претседателските избори и тенденцијата која потоа ќе се наметне.
Заморот од кампањата влијае врз концентрацијата при говорите и обраќањата пред македонската јавност, а особено доколку дојде до ТВ дуел на претседателите на двете најголеми партии, во што не верувам. По онаа катастрофа на Канал 5, не верувам дека било кој од двајцата ќе се нафати да оди повторно на маратонски дуел.
Засега и двете (СДС и ВМРО-ДПМНЕ) партии воглавно се обраќаат исклучиво на сопственото членство и се обидуваат сопствените членови да ги мотивираат и да ги отргнат од трилемата во која се наоѓаат. Тоа се гледа и по бројноста на митинзите кои ги организираат, но и од внатрепартиските слабости за активирање на Месните комитети, за комитетите на избирачки места не станува ниту збор, тие одамна се умртвени. Резултатот на неработата со членството и клиентелизмот за кој ние како внатрепартиска фракција ви зборувавме и укажуваме сега го гледаме на дело. Не е во прашање ништо друго туку едноставната дилема кај членството. Дали да се гласа заради името на партијата и лојалноста кон партијата или да се остане пасивен и да не се гласа, затоа што со години наназад Мицкоски води клиентелистичка политика во партијата и се опкружува со полтрони. Резултатот на таквиот однос се и обидите за „поткуп“ на некои структури во партијата на кои им се ветуваат шарени лаги, само и само да се извлечат од дилемата и да дојдат во состојба на трилема, односно да не знаат зошто се во партија, но сепак да гласаат.
Посебно е интересно тоа што во ВМРО-ДПМНЕ се појавија многу ТРОЈАНЦИ со кои тешко дека Мицкоски ќе се справи. Не е внатрепартиската фракција тројанец, ние како партиска структура јасно и јавно излеговме против политиките на Мицкоски чии резултати ги гледаме и допрва ќе ги видиме, тројанци се тие кои се непосредно до Мицксоки, неговите клиентелисти и полтрони. Тоа влијае и врз неактивноста на цели партиски структури, дополнителна нервоза и психолошки замор кој Центарот за комуникации кои не може да се реши со „дувло“. Но посебно загрижува што ова позитивно влијае врз СДС и нивната внатрепартиска мобилизација што е и основна цел на Ковачевски (барем во оваа пред кампања), да ги разбуди своите и да ги потсети на некои состојби и што би можело да им се случува доколку останат пасивни. За волја на вистината во помош за разбивање на дилемата кај членовите и симпатизерите на СДС сесрдно се гледа раката на Панче Тошковски. А да можеби Панче не е ТРОЈАНЕЦОТ? Да се запраша малку Мицкоски, па неговиот Панче беше адвокат на Заев, заедно со неговиот Менкиновски.
Впрочем, Мицкоски има топла (да не кажам врела) врска со Заев, би било добро да го праша за тоа кој е главниот ТРОЈАНЕЦ во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку не сака Заев да му каже, нека се обиде кај Анѓушев, во името на добриот бизнис, можеби ќе му каже.
Инаку, јас не сум ниту во дилема, ниту во трилема, јас сум во октодилема. Имам повеќе основи за сомнение кој е се ТРОЈАНЕЦ во ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на непринципиениот политички и човечки однос на Мицкоски кон мнозина во партијата, вклучително и кон оние кои му се на листи дури и носители, а особено кон оние на кои се нешто им ветуваше и ветува, но кои немаат дилема дека не треба да му веруваат, туку јадните немаат каде, а немаат ниту храброст па се во исчекување. Што би рекол еден мој добар и драг пријател кој исто така нема дилема во однос на Мицкоски но сепак го поддржува дури и финансиски заради името ВМРО и заради друго кое не е за пред јавност, а како што вели: „Абе брат, далеку е од лав, но кога нема со што да ги плашиш комуњарите ќе ги плашиш со лав од хартија“. Е ова е МЈАУУУУ, што би рекле некои медиуми. Само, прашање е дали Ковачевски знае дека има лав од хартија наспроти себе и дали можеби не го осознал тоа па се обидува да ги разбуди своите или пак и тој е октопод од хартија (оној октоподот на Б.Ц.). Како да свртиш се нешто лажовно и од хартија.
Имам една дилема, во врска со исказот кој го цитирав. Дали и нацртаните две овци кои Мицкоски и Ковачевски нема да ги зачуваат спаѓаат во дилема, бидејќи се две? Не мора Мицкоски да одговори, нека продолжи да игнорира, но од вистината нема бегање, од Ковачевски не очекувам одговор тој сеуште е lost in the space и се бори да си ги мотивира неговите.
Е Мицкоски, Мицкоски, а ти понудивме како внатрепартиска фракција да ти го сочуваме стадото, но ти си овчарот во волчешка кожа и тоа не само во однос на ВМРО-ДПМНЕ која ја уништуваш и тоа злобно го правиш, туку и во однос и на други клучни национални прашања за кои ќе прозбориме друг пат, а во однос на кои не се разликуваш од СДС туку го кажуваш тоа на друг начин или го премолчуваш, засега.
Оливер Андонов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кривични пријави за тројца од Подградец кои…
Албанската полиција поднела кривични пријави против тројца…
(Видео) Гори кај Богданци, се слушаат детонации…
На социјалната мрежа Х се појавија видеа…
Вучиќ: Курти се обидува да предизвика војна
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ обвини дека…
Таравари постави за директорка докторка која има…
Докторката Севдије Коџа добила решение од министерот за здравство Арбен…
(Видео) Меџити: Иван Стоилковиќ не е важен…
Иван Стоилковиќ не е важен и не…