„И секоја капка од твојата рана ко крвава жар ми капеше в срце“: 80 години од смртта на Вера Јоциќ

t

На денешен ден, 22 мај во 1944 година починала една од најпознатите македонски партизанки, Вера Јоциќ.

Вера Јоциќ е родена на 21 август 1923 година, од семејство кое по Балканските војни ја напуштила Србија и се преселиле во Синѓелиќ, Скопско. Како гимназијалка станала членка на СКОЈ, во 1941 година.

По Апpилската војна со своите сестри заминала за Ваљево (Србија), каде се приклучила во Јастребачкиот партизански одред и била примена во КПЈ во октомври 1941 година. По нелегалната партиска дејност во Ниш, во зиматa 1942 година, ги продолжила партизанските дејствија во Јастребачкиот, па во Врањскиот партизански одред.

Таа се разболела поради изложеноста на многу ниски темпаратури, а и нејзините нозе премрзнале. Најпрво била лечена низ околните села, по што е решено да се пренесе во Ниш на лекување. Таму се вработиила во фабриката за тутун, каде продолжила да агитира и да ја врши својата револуционерна дејност. Во знак на благодарност, подоцна во дворот на истата фабрика е поставена нејзина биста.

Од крајот на 1943 година била заменик-политички комесар на Tрeтиот кумановски партизански одред и на кумановските баталјони „Орце Николов“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, а од 24 февруари 1944 година и на Првиот баталјон на Третата македонска народноослободителна ударна бригада.

Учествувала во Пpолетната офанзива која се одвивала во мај и јуни 1944 година, при што единиците од кумановско изведувале пробив кон Беласица и Егејска Македонија. Задачата да се пробие обрачот од бугарски војски, се паднала на баталјонот во кој била член Вера Јоциќ. Во тие борби, кај селото Страцин, Кумановско на 20 мај 1944 година, таа го извела првиот јуриш кон бугарските сили, по што била тешко ранета. Партизаните ја извлекле, и ја носеле на шаторско крило три дена и три ноќи. По три дена, починала кај селото Саса, тогаш делчевско, денес во Македонска Каменица.

Во нејзина чест македонскиот поет Ацо Шопов ја пишува познатата „Очи“.

ОЧИ

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.

Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со тап бол се впија во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.

Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко сонце
и никогаш нема да стивнат и згаснат.

Последната вечер в планинското село,
кај борците беа во дрипава дреа,
со пликови жешки на стапалки тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена река
се точеше шепот од уво до уво:
“Утре, друже, в зори, страшен бој нè чека,
а ние сме малку – сал неколку души…”

И кога ко игла ти прободе уши –
ти растресе снага и размолска тага,
со луњени очи широки и волни
ги расече в ноќта здивените молњи!–
Ко тогаш, ко тогаш, о другарко, помниш –
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост и првата радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и летна во ноќта крвава и црна, –
со своите очи што ригаа пламен
ги растопи часкум челичните зрна…

И после! И после – в последната вечер…
Јас нејќам да мислам што потаму стана!
Сал помнам те изви крвавата рана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
но гореа очи под веѓите густи!

Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.

А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица.

А твоите очи се искреа гневно
на нивните потни, распалени лица…

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
a секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Груевски објави факти за Царот Самоил: Не…

Не постои запис кој ќе потврди како…

Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…

РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…

Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…

Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…

(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…

Сиљановска ќе почека да се формира новата…

ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…

Со 88 гласа “за” пред 3 часот…