За еден месец има шест пријави за врсничко насилство
Министерството за образование, изминатиот месец, од почетокот на школската година, добило шест пријави за врсничко насилство, извести денес министерката Весна Јаневска. Таа побара меѓуресорска соработка за успешно справување со оваа појава и ставање фокус на менталното здравје на младите за што се потребни понови и помодерни решенија оти предизвиците се менуваат со секоја нова генерација.
„Оваа учебна година има 6 пријави за врсничко насилство и ние постапуваме по нив, меѓутоа значајно е да се нагласи дека е неопходна меѓуресорска соработка од повеќе министерства, од невладини организации и стручни лица, но од особено значење е кога и самите млади се вклучени во процесот и секогаш е добро да се слушнат и заеднички да изнаоѓаме најповолни решенија за да се грижиме за здравјето на младите“, рече министерката Јаневска пред почетокот на тркалезната маса за менталното здравје на младите со посебен фокус на училишната средина организирана од Здружението на граѓаните „Младите можат“.
Јаневска смета дека државата има систем кој води грижа за менталното здравје на младите преку училиштата и преку педагошката служба во Министерството за образование. Училиштата се обврзани да имаат стручни служби и тие најчесто имаат психолог и педагог, но може да бидат и проширени и со дефектолог и со социјален работник во зависност од можностите и големината на училиштата.
„Бирото за развој на образованието секоја година, па и годинава, поради овие шест пријави и неколку други настани, секогаш испраќа препораки за постапување во однос на одредени конкретни случаи. Службите изготвуваат годишен план за справување со одредени проблеми за одржување на менталното здравје на децата и според тој план, во одредени часови, користејќи го и класниот час, треба да ги спроведат своите едукации и работа со учениците. Доколку се појави конкретен случај, тогаш се прави измена во тој план и се работи со децата и понатаму“, рече министерката Јаневска.
Во ретки случаи кога ќе се појави проблем кој станува поголем, Јаневска вели дека е потребно вклучување на Министерството за социјална политика, демографија и млади, вклучување на Министерството за внатрешни работи или барање лекарска помош.
Министерката најави измени во сегашните законски решенија, кои ќе овозможат психолозите и педагозите да се посветат на својата стручна работа наместо да заглавуваат во административни обврски и во помагање во работата на другите колеги во училиштата.
„Новите законски решенија ќе им овозможат да си ја работат сопствената работа. Ќе инсистираме да бидат многу повеќе присутни во училиштата со својата стручност и да помагаат во решавањето на овие проблеми. А некогаш не се само проблеми, ние имаме и талентирани деца со кои треба да се работи, родители на кои им е потребна и некоја друга помош, и тоа не само за проблематичните деца туку од некои други причини. Има многу работа за стручните служби. Полека воспоставуваме систем во кој тие ќе почнат да си ја работат само својата работа. Се разбира, колегијалноста секогаш е присутна, некогаш ќе помогнат и на колеги и на директори, но ќе бидат фокусирани на својата стручна работа“, вели министерката Јаневска.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, рече дека обврска на неговиот ресор е грижа за ученикот надвор од училиштето, во неговиот дом, во семејството. Најави дека многу бргу ќе имаат систем што ќе дава целосна слика за семејствата приматели на права од социјална заштита заедно со услугите што ги даваат центрите за социјална заштита, кој ќе им даде не само статистички податоци туку и основи за градење социјални политики.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За еден месец има шест пријави за…
Министерството за образование, изминатиот месец, од почетокот…
Лавров: Русија и Кина докажаа дека големите…
Двете земји ја одбележуваат 75-годишнината од дипломатските…
Бугарија до своите граѓани: Веднаш напуштете го…
Бугарија денеска ги повика своите граѓани веднаш…
Поштата во Скопје веќе нема да биде…
Зградата на Централната пошта во Скопје ќе…
Tаравари: Ја испитуваме смртта на родилката во…
Формирана е комисија која што ќе ја…