Зетот на Трамп на дофат до изградба на луксузни облакодери во центарот на Белград
Со укинувањето на статусот на културно добро на зградите во Белград оштетени во бомбардирањето на НАТО, Владата на Србија неделава отстрани пречка за реализација на плановите на зетот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Џеред Кушнер, да изгради станбено деловен комплекс во центарот на Белград.
Владата под водство на претседателот на Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ, со одлука која ќе стапи на сила осум дена по објавувањето во службен весник, им го укина статусот на културно добро на објектите на поранешниот Генералштаб на ЈНА и Министерството за одбрана, кои се одвоени од седиштето на српската извршна власт со улицата „Кнез Милош“.
Одлуката е донесена во сенка на протестите и притисокот на јавноста и опозицијата, кои ја сметаат власта одговорна за уривањето на настрешницата на 1 ноември на станицата во Нови Сад, при што загинаа 14, главно млади луѓе, а помалку од две недели по изборот на Доналд Трамп за нов претседател на САД.
Со месеци се пишуваше дека компанијата на зетот на Трамп, Џаред Кушнер, „Афинити Глобал Девелопмент“ во мај годинава потпишала „договор за ревитализација на комплексот на поранешниот генералштаб и Министерството за одбрана“.
Србија, како што тогаш објавија медиумите, на компанијата на Кушнер и го изнајмила земјиштето на кое се наоѓаат двете бомбардирани згради – на 99 години.
Тие две згради, дело на познатиот архитект Никола Добровиќ, беа сериозно оштетени во бомбардирањето на НАТО на поранешна СР Југославија во 1999 година, а нивната судбина беше предмет на шпекулации повеќе од две децении, откако беа делумно сочувани за да не да ги загрозат минувачите.
Кушнер во средината на јуни годинава беше примен и од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој и покрај протоколарните овластувања на шефот на државата, во Србија се смета за клучен за многу од најважните одлуки во земјата.
Вучиќ потоа напиша на Инстаграм дека имал „инспиративна размена на идеи“ и дека му го покажал Белград на Кушнер и „ги кажал некои од плановите за неговиот уште побрз раст“, нагласувајќи дека гостинот му подарил проект за „величествениот хотел во Белград“.
Овој проект, најави Вучиќ, ќе придонесе српската престолнина „да стане центар на овој дел од светот, кој ќе се позиционира на глобалната мапа како неизбежна дестинација и посакувано седиште на најголемите корпорации, универзитети и меѓународни институции, но и инспирација за уметници, научници и пред се млади луѓе од целиот свет“.
На 18 март Њујорк Тајмс објави дека инвестицијата е вредна 500 милиони долари и дека според предложениот договор државата Србија треба да добие 22 отсто од профитот.
Луксузен хотел со деловен простор
Планот е да се изгради луксузен хотел со деловен простор и повеќе од 1.500 апартмани во центарот на Белград со два облакодери во средината.
Експертите тврдат дека, според проценетата вредност на вкупната инвестиција, само земјиштето вреди 166 милиони евра.
Според официјалното соопштение, инвеститорот е должен на истата парцела да изгради „меморијален комплекс посветен на сите жртви на агресијата на НАТО од 1999 година“.
Експертската јавност и српската опозиција сметаат дека таа работа е корумпирана затоа што е договорена со директен договор, а не со јавен тендер.
Директорите на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата и на Заводот за заштита на спомениците на културата на град Белград, Дубравка Ѓукановиќ и Оливера Вучковиќ на почетокот на летото поднесоа оставки бидејќи се очекуваше тие институции да дадат стручно мислење врз основа на кои би можело да се укине заштитата на спомениците на културата на бомбардираниот комплекс.
На ова следеше револт кај вработените во тие два институти, кои со отворени писма до државните функционери предупредија дека нема причини зошто треба да се поведе постапка за одземање на статусот на културно добро и бришење на комплексот на поранешниот Генералштаб и Министерството за одбрана од регистарот на недвижни културни добра.
Тие ѝ порачаа на владата дека, доколку ја отповика заштитата, „ќе започне незапирлив процес на уништување на сите културни добра на територијата на Србија“.
Архитектот Слободан Малдини вели дека ова е политичка одлука и дека Владата не е надлежна да се занимава со неа бидејќи тоа е професионална работа.
Малдини за порталот Nova.rs изјави дека одлуката на владата „не е легална, ниту легитимна“ и дека судот треба да се занимава со таа одлука.
Во исто време, одредени опозициски партии најавија дека ќе ги повикаат граѓаните „да ги бранат, доколку е потребно, со тела“ зградите и просторот што му се понудени на Кушнер во центарот на Белград.
„Ако мирно го гледаме градот во кој сме пораснале и каде што треба да растат нашите деца – тогаш сме еден куп учесници“, изјави лидерот на опозициското Еколошко востание, Александар Јовановиќ.
Според оценката на српските медиуми, за комплексот генералштаб немало заинтересирани инвеститори токму затоа што урнатините во центарот на градот се под заштита како културно богатство и „државата можеше да го обнови тој објект – ако сакаше“ .
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зетот на Трамп на дофат до изградба…
Со укинувањето на статусот на културно добро…
Заталкан куршум заврши во плафон во продажен…
Во СВР Скопје, Х.А.(38) од с.Љуботен, скопско,…
Милевски: Сите наши фудбалери заслужуваат максимална почит…
Македонската фудбалска репрезентација вечерва на Национална арена…
Франсоа Оланд: Трамп подготвува капитулација на Украина
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој вети…
Студен бран од Север доаѓа во Македонија
Стабилното и суво време ќе се задржи…