Левица: Македонија бележи двојно повисока инфлација во споредба со Европа, а платите остануваат мизерни

t

Македонија бележи двојно повисока инфлација во споредба со Европа, а платите остануваат мизерни, реагираат од Левица.

– Според најновите податоци, Македонија е втора во регионот по НАЈВИСОКА инфлација од 4,9%, што значително ја надминува просечната инфлација во еврозоната (2,5%). Овој алармантен тренд покажува дека инфлацијата не е увезена, како што сакаат да се бранат владините претставници, туку е директен резултат на лошата структуираност на македонската економија, неолибералните политики и неспособноста на Владата да се справи со економската нестабилност и да ги заштити граѓаните од континуираниот пад на куповната моќ.

Додека соседни земји како Грција (2,7%), Словенија (2,0%) и Албанија (1,9%) имаат релативно стабилни цени, Македонија се соочува со инфлациска стапка која е двојно повисока од онаа на еврозоната. Ова покажува дека надворешните фактори не можат да бидат изговор, туку дека проблемот лежи во лошите административни решенија, катастрофалната кадровска политика, корупцијата, непотизмот и поразителните внатрешни економски политики.

Напливот на новоформирани лажни и измислени работни места во државната администрација со кои партиите им се оддолжуваат на своите партиски војници произведуваат нула новосоздадена вредност, а ја зголемува побарувачката за производи за широка потрошувачка, но и за недвижнини, сервиси и услуги, нарочито во главниот град каде цените се забележливо повисоки отколку во внатрешноста на републиката.

Владата не презема суштински мерки за контрола на инфлацијата и заштита на стандардот на граѓаните. Наместо да воведува регулирани маржи на основните прехранбени производи и да ја засили борбата против монополите, таа ги штити интересите на олигарсите и увозничките лоби групи, а граѓаните се оставени на милост и немилост на истите.

Македонија останува зависна од увозот на храна и енергенси, што ја прави ранлива на надворешни шокови. За разлика од земји како Србија (4,6%) и Бугарија (3,7%) кои имаат домашно производство што делумно ја амортизира инфлацијата, кај нас индустриското производство е во слободен пад. Тоа пред сѐ се должи на неповолната деловна околина, рудиментиран и застарен финансиски сектор и груба и сурова партизација на сите општествени текови. Накртко, државата, односно коалицијата на власт за некои е мајка, а за други маќеа!

Денес повеќе од секогаш е очигледна потребата од алтернативен економски модел!

Единствениот излез од овој кризен тренд е радикална промена во економската стратегија поради што Левица се залага за:

Државна контрола, односно реално влијание врз стратешките сектори (енергија, храна, транспорт);

Директна поддршка за домашното индустриско производство, земјоделие и сточарство;

Регулација на трговските маржи за основните производи за широка потрошувачка;

Оданочување на големите профити на корпорациите кои ги експлоатираат граѓаните;

Праведна и рамноправна деловна околина каде што сите чинители би имале еднаков прстап до информации, финансии, инвестиции, но и владини и државни услуги.

Секторот Политичка економија при Левица, детално ги анализира овие трендови и активно предлага мерки за економска стабилност кои ќе ги заштитат работниците, пензионерите и сиромашните од економската експлоатација. Нашата борба е за економија во служба на народот, а не на профитерите.

Владините политики ја втурнуваат Македонија во економска пропаст, оставајќи ги работниците и сиромашните да ги сносат последиците.

Време е за нов економски модел кој ќе ја стави државата во функција на граѓаните, а не на капиталот. Левица е подготвена да го предводи тој процес и да ја врати контролата врз економијата во рацете на народот, велат од Левица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Левица објави јавен повик: Секој кој сака…

Левица објави јавен повик за кандидати за…

(Видео) Никакво рационално објаснување зошто се чекаше…

Нема никакво рационално објаснение зошто после полни…

Инфлацијата повторно расте – храната поскапе, а…

Инфлацијата во Македонија во мај се искачи…

Левица: Крајно време е „четвртата економска сила…

Трошоците за живот растат од ден во…

Инфлацијата ја јаде платата, народот го плаќа…

Инфлацијата ја јаде платата, народот го плаќа…