Слободен петок или скратено работно време – Словенија воведува промени на пазарот на трудот
Од 1 јануари 2026 година во Словенија делумно ќе стапи во сила нов закон кој ќе им овозможи на вработените кои се приближуваат до пензија да го скратат своето работно време, заедно со низа други промени на пазарот на трудот.
Според новите прописи, работниците постари од 58 години или оние со најмалку 35 години работен стаж ќе можат да изберат помеѓу слободен петок, продолжен викенд или скратено работно време од шест часа. Овој модел, познат како 80-90-100, значи дека ќе работат 80 отсто од полното работно време, ќе добиваат 90 отсто од платата, а ќе им се уплаќаат целосни придонеси, слично на успешните системи во Исланд, Ирска и Германија. Пилот-проектите во словенечките технолошки компании покажале позитивни ефекти, како зголемена продуктивност и помал број отсуства.
Министерството за труд, семејство, социјални прашања и еднакви можности, предводено од Лука Месец од партијата Левица, најавува дека доколку измените се покажат како успешни, ќе продолжи со либерализација на работното законодавство. До крајот на 2028 година можно е воведување и дополнителни подобрувања, како што се работна недела од 38 часа, задолжителен божиќен бонус за сите вработени и додатоци за работа во сабота.
Исто така, од 2026 година ќе се зголемат надоместоците за невработените, а максималниот износ во првите три месеци по губењето на работата ќе изнесува 130 отсто од минималната бруто-плата, што моментално надминува 1.660 евра. Потоа, надоместоците ќе се намалуваат постепено.
Минимална саатница и подобри услови за работа ќе имаат и учениците, студентите и учесниците во јавни работи. Ќе има и посебни поттикнувања за вработување лица постари од 59 години, кои ќе можат да добијат и до 40 отсто месечен нето-надоместок, како и право на поголем број дозволени часови повремена работа. На пензионерите им се зголемува месечниот лимит за работа од 60 на 85 часа, што ќе им овозможи повисоки годишни приходи.
Сепак, Министерството за финансии предупредува на финансиските предизвици што ги носат овие мерки. Се проценува дека вкупните трошоци за државниот буџет ќе надминат 40 милиони евра, поради што донесувањето на подзаконските акти ќе се одвива постепено, до крајот на 2028 година под услов актуелната влада да остане на власт.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Слободен петок или скратено работно време –…
Од 1 јануари 2026 година во Словенија…
Македонец освои прво место на престижен светски…
Група студенти од Универзитетот во Марибор, Словенија,…
Невреме во Словенија – илјадници луѓе останаа…
Западна Словенија по должината на границата со…
Словенија го легализира потпомогнатото самоубиство
Во петокот, Словенија го легализираше потпомогнатото самоубиство,…
Словенија воведе санкции против израелски министри
Словенечката влада денес воведе санкции против Израел,…