Симонов: Убавите и скапи кампањи не ја менуваат суровата и бледа реланост
*Објава на Фејсбук на Александар Симонов
Станати сме општество со ретко лоша политичка шминка којашто не може ништо да покрие, ништо освен очите на клика луѓе кои не сакаат да ја видат реалноста.
Скапо платените истражувања за детектирање проблеми не се потребни затоа што е доволно да влезеш во која било државна установа за да ги видиш. Но нејсе, кога веќе ги прават, барем нешто од нив да решаваат, ама не, наместо да се решава коренот на проблемот, кој бара макотрпна, посветена и стручна работа, се оди на плаќање скапи агенции (од народни пари секако) за водење ПР којшто треба да прикаже некакво решавање на проблемите.
Да преминам во пракса најпластично:
Ако направиш кампања „Се грижиме“ и на истата трошиш илјадници евра, лепејќи го ливчето под секој продукт, нема да ја смениш реалноста, ниту пак покачувањето на цените. Напротив, ќе го балансираш моменталниот револт, за полесно да може да се свари „жабата“. Наместо народот директно да плати, власта преку краткорочна мерка, повторно од народни пари, ќе му направи услуга на бизнис интересот, кога за месец дена ќе заврши кампањата, сé ќе биде по старо, мерката успешна, народот ги „прифатил“ новите цени, а бизнис секторот кој го има олигополот во сферата ужива во своите профити.
Ако направиш кампања „Реформи во здравството ги градиме темелите на промените“ не го менуваш фактот дека за година дена власт ниту шајка не е закована за да се изгради нов здравствен капацитет. Кампањата не може да ја сокрие ниту диареја која за жал се чувствува во се повеќе установи на јавното здравство, ниту креветите во болниците кои можат да служат како реквизит за музеј од Првата светска војна. Обезбедувањето лекови на онкологија стана сериозен предизвик и се претставува како успех ако само од време на време зафалуваат. Важно, коалицискиот партнер ќе гради приватна катна гаража на Клинички.
Ако направиш кампања „Македонско Најдобро: Наша традиција, наша гордост“ нема да го смени фактот дека не можете ниту да го оддржувате системот за наводнување, а не да го унапредите. Уште помалку ќе се промени фактот дека под кампања за некаква „зелена енергија“ уништувате сé што е плодно и зелено.
Селективноста при доделување на субвенции е посебен проблем, тоа што се повеќе полиња остануваат пусти и да не го споменувам.
Сликите со споени рачиња на Тимчо од неговите скапи прошетки, и снимањето со дрон видеа околу министерството, истурањето пари во дневен лично-исфрустриран ПР, не го менува фактот дека македонскиот јазик е избришан од Извештајот на Европската комисија. Не го менува фактот дека сите барања на Бугарија влегоа во преговарачка рамка, нешто што не им успеа дури ни кога Таче и Бујар водеа надворешна политика. Не ги менува ниту царините од стратешкиот партнер, ама затоа ја менува стапката на задолжување, преку договор којшто сé уште се крие од јавност.
Да не влегувам во кампањите на секое министерство посебно, на сите ви е јасна поентата. Сите ние заедно го плаќаме овој скап ПР во светликави бои за колективна илузија, од која чинам сите излегуваме во првиот допир со државна институција кога нешто ќе ни затреба за да регулираме во односот помеѓу себе и државата. Гледајќи ги сликите на овие ОТЧЕТни фанфари, не успеав никаде да видам отчетно некој да каже кој, како, до кога и со што планира да ги врати задолжувањето од осум милијарди кое веројатно нашата генерација нема да може да го врати ни до пензија. Но она што можев да го видам е дека немаше никој на тие фотографии што не е ухлебан под државна капа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вучиќ : Србија нема да воведе caнкции…
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека…
ХОРОР: Марија, мајката на убиеното дете Александар…
„Нефункционалните институции ми го убија детето. Мојот…