Македонија воведува методологија за енергетска сиромаштија
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доби позитивен одговор од Секретаријатот на Енергетската заедница за драфт-верзијата на Методологијата за мерење на нивото на енергетска сиромаштија. Во нивниот коментар е потврдено дека документот е во согласност со европските стандарди и со обврските кои произлегуваат од Директивата (ЕУ) 2019/944, која ги задолжува земјите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија.
Тоа значи, како што соопшти Министерството утрово, дека методологијата е целосно прифатлива за објава, а воедно претставува и прв ваков систематизиран документ во земјава кој ќе овозможи реално мерење и следење на овој феномен.
-Со оваа методологија првпат се воспоставуваат јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства – ниските приходи, високите трошоци за енергија во семејниот буџет и ниската енергетска ефикасност на домаќинствата. Овие параметри ќе бидат основа за натамошни годишни програми за заштита на ранливите енергетски потрошувачи. Методологијата е важна зашто ќе овозможи институциите да имаат јасна слика за обемот и структурата на енергетската сиромаштија во земјата, ќе послужи како основа за креирање таргетирани политики и мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу се соочуваат со тешкотии при обезбедување енергија и ќе придонесе кон усогласување со европските практики и стандарди, како дел од пошироката агенда за енергетска транзиција и социјална одржливост, наведува Министерството.
Информира и дека веќе работи на следните чекори – подготвување на годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде методологијата ќе биде централна алатка за дефинирање на приоритетите и интервенциите.
-Со оваа методологија првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата кои се најпогодени и да креираме прецизни, таргетирани мерки за нивна заштита. Нашата цел е никој да не биде оставен на маргините. Ова е силен чекор напред кон една поправедна и посоцијално одржлива енергетска политика. Со ова, Македонија прави значаен исчекор во градењето на праведна енергетска политика која се грижи за граѓаните и ја става социјалната димензија на енергетската транзиција во фокусот, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Македонија воведува методологија за енергетска сиромаштија
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини…
„Ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“…
Обвинителството го објави записникот од испитувањето на…
Мицкоски: Загадувањето од Вардариште е само визуелно,…
Депонијата Вардариште, со денови ги труе скопјани.…
Во месец август 19.343 сообраќајни прекршоци, лишени…
Во месец август 19.343 сообраќајни прекршоци, лишени…
33 години од усвојувањето на првото македонско…
На 11 август 1992 година со одлука…