Со незаконска постапка и неспособност Љутков и ВМРО-ДПМНЕ го заглавија проектот за Универзална сала, велат од СДСМ
Незаинтересираноста и неспособноста на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, го урнисуваат културниот развој. Заглавени процеси, сомнителни тендери, разочарани културни работници и пропаѓање на проекти е резултатот од досегашното негово министерување. Ако Универзалната сала, по една и пол година неуспех, беше негова последна шанса за спас, тогаш време е министерот да си замине, и тоа што поскоро. – се вели во соопштението на СДСМ.
Љутков успеа да ги заглави сите процеси во Министерство за култура и туризам. Една и пол година го одолжуваше тендерот за најважниот проект во културата и за титулата „Скопје ‒ Европска престолнина на културата 2028“, кој падна поради незаконитост во спроведувањето на јавната набавка. Но тоа за него не е пречка да шета на државна сметка по вински фестивали додека културата тоне.
На 18 октомври 2025 година Љутков „со голема гордост“ најави дека е избран најповолен изведувач за реконструкција на Универзална сала, дека се преземени сите потребни мерки и дека градежните активности ќе стартуваат наскоро.
Но вистината е дека тендерот паднал поради незаконско водење на постапката, постапување спротивно на Законот за јавните набавки, и барањата и условите на тендерската документација, односно дека договорниот орган, односно е извршена неправилна евалуација на понудите и е постапено спротивно на член 109 од Законот за јавните набавки.
Ова е само уште еден чин и доказ како работи Министерството за култура и туризам со Љутков и ВМРО-ДПМНЕ, со непочитување на законите, нерегуларности и неспособност.
Иако членовите на првичната комисија формирана да ја спроведе тендерската постапка јасно укажале на низа нерегуларности и неправилности во тендерот, наместо да ги корегираат, за министерот и државната секретарка најлесно било да го променат составот на комисијата, со вработени кои пред неколку месеци добиле унапредување. Членовите на новоформираната комисија избираат изведувач, фирма, која годинава ја изгубила лиценцата А за изведба на градба од прва категорија, што е основен предуслов за учество во тендерот. Понатаму носат одлука за избор, и покрај тоа што „техничката понуда“ што ја приложила фирмата е непополнета, без опис на техничките карактеристики на проектот, што е клучен документ при евалуацијата.
Како што констатира и Комисијата за жалби по јавни набавки, оваа непополнета и формално неприфатлива понуда требало да биде отфрлена, што не било направено од страна на комисијата за спроведување на тендерот и од министерот во заминување, Љутков.
Се отвора прашањето дали незаконската одлука за избор на најповолна понуда е резултат на притисок, партиски инструкции, недостиг од знаење или нешто трето — но едно е сигурно, дека стручност и одговорност нема во целата постапка.
Министерот ја излажа јавноста кога „гордо“ објави дека процесот е откочен, додека во реалноста истиот тој ја продолжува хаотичната практика на менување комисии, игнорирање на основните законски услови и одолжување на целиот проект, кој е клучен за „Скопје ‒ Европска престолнина на културата 2028“.
Ако Љутков и ВМРО-ДПМНЕ вистински сакаат Скопје да ја добие Универзалната сала во „сјајот што го заслужува“, потребно е да ги почитуваат законите, да ги избираат изведувачите според законските критериуми, а не по нивна желба или партиска линија.
Најавите од нивна страна за брзо откочување на процесот звучат како фарса кога сега истиот процес е осуден на дополнително одолжување.
„Тоа не е суштински проблем“ ‒ вели Љутков за одлука којашто Државната комисија за жалби ја оцени како грубо незаконска, спротивна на Законот за јавни набавки и на самата тендерска документација. Додека институцијата утврдува неправилна евалуација, неприфатлива понуда, непополнета техничка понуда и избрана фирма без лиценца, министерот Љутков со дрзок коментар како да се работи за административна ситница, а не за сериозно кршење на процедура и штета за јавниот интерес.
Ако за министерот ова не е „суштински проблем“, тогаш единствениот суштински проблем е неговото неразбирање на функцијата министер и последиците што ги предизвикува неговата инертност.
Затоа време е за итна смена на раководството во Министерство за култура и туризам. Додека културата тапка в место и проектите тонат во хаос, Љутков ужива на вински фестивали и патува како да не е одговорен за ништо. Културата заслужува министер што ќе ја развива и ќе ја гради, а не турист што ќе прави хаос и ќе бега од обврски. – додаваат од опозициската партија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Со незаконска постапка и неспособност Љутков и…
Незаинтересираноста и неспособноста на министерот за култура…
Филипче: Сега да се случат уставните измени,…
„Јасно е дека единствениот пат напред за…
СДСМ: Пријавите против Трајан Димковски се монтирани
Фатена во огромниот скандал со ИПАРД тежок…
СДСМ: Владата на Мицкоски ги остави мајките…
„Владата на Христијан Мицкоски ги остави мајките…
Лукаревска: Не се знае колку ќе трае…
Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска во рамките…