ЦУК: Обилни врнежи предизвикаа поплави и излевања на реки во повеќе региони низ земјата

t

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата во изминатите часови предизвикаа сериозни проблеми во повеќе региони, информира Центарот за управување со кризи. ЦУК известува за состојбата во државата до 09:00 часот.

Во Тетовскиот и Гостиварскиот регион, поради интензивните врнежи, локалниот пат помеѓу селата Форино и Тумчевиште во Општина Гостивар е тешко прооден. За состојбата се известени Општина Гостивар и Полициската станица Чегране. Дополнително, регистрирани се излевања на Лакавичка река во селото Мало Турчане и на Сушечка река во селото Горна Бањица. Надлежните институции и службите за итно дејствување ја следат состојбата на терен.

Најкритична е состојбата во Охридскиот и Кичевскиот регион. Во Општина Охрид евидентирани се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации во градот. Реката Далјан се излеала од коритото на повеќе места, при што се поплавени голем број куќи. Локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид се мобилизирани и постапуваат по пријавите, а екипите за итно дејствување се на терен.

Во Општина Кичево, на улицата „Прилепска“, поплавени се повеќе стамбени објекти, по што е извршена евакуација на околу 100 лица. Евакуираните се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде им се обезбедени храна, вода, кревети, душеци и ќебиња. На терен интервенираат екипи на Црвениот крст, Дирекцијата за заштита и спасување, РЦУК Кичево, Територијалната противпожарна единица, ЈП „Комуналец“ и Општина Кичево. Забележани се и излевања на Зајашка река во реонот над стадионот „Влазрими“ и кај новото училиште „Санде Штерјоски“, како и излевање на реката Треска на земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци, Вранешти и околината.

Во Битолскиот и Преспанскиот регион, обилните врнежи доведоа до зголемување на водостојот на реките и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број куќи и дворни места. За 09:00 часот е закажан состанок на Кризниот штаб на Општина Битола, на кој ќе се утврдат приоритетите и ќе се координираат понатамошните активности на терен.

ЦУК информира дека состојбата континуирано се следи и апелира до граѓаните на погодените подрачја да бидат внимателни и да ги почитуваат препораките на надлежните служби.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ЦУК: Обилни врнежи предизвикаа поплави и излевања…

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија…

ЦУК: Изгубението планинар е пронајден жив и…

Според информациите од Регионалниот центар за управување…

ЦУК: Замрзнати коловози и над 20 сообраќајни…

Поради пад на температурите и замрзнување на…

ЦУК: Тешко проодни патишта кон Тетово, Гостивар,…

Центарот за управување со кризи (ЦУК) рано…

Автомобил излетал во реката Треска во близина…

Центарот за управување со кризи информира дека…