ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања: Кој го контролира судството?
Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола, со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ, откако вчера од СДСМ излегоа со слично обвинување кон владеачката партија.
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, вчера изјави дека судството и обвинителството се ставени под, како што наведе, директна контрола на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека правдата во државата се урива, а институциите се партизираат.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека по насока на паријата и на Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се разрешувале непристрасни судии и професионалци кои не биле под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува. Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ. Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека со јавни сведоштва се потврдува тоа што го зборувале во изминатите години, дека „СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас“.
Од СДСМ пак го обвинија премиерот Мицкоски за директно мешање во изборот на нов државен јавен обвинител и „погребување“ на правната држава. Оттаму тврдат дека промената на јавниот обвинител била политичка цел на Мицкоски за да се воспостави целосна контрола врз судството и обвинителството. Според партијата, елиминацијата на Ристоска е потврда дека на власта не ѝ одговара професионалец со интегритет.
СДСМ во своето соопштение набројува неколку примери кои, според нив, ја докажуваат партизацијата на судството – назначување сопруга на градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за член на Судскиот совет, избор на поранешен советник на Мицкоски за уставен судија, а додаваат и дека Владата однапред ги знае судските одлуки за процеси што не се завршени и дека премиерот од собраниската говорница им дели задачи на судиите и обвинителите.
Од партијата велат дека Владата става обвинител под нивна контрола и оти со тоа следува целосно погребување на правдата и правната држава.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања: Кој…
Власта на СДС целосно го зароби судството…
Жерновски: Скандал, портпаролката на Владата, Митева потврди…
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј…
Лажна вест е тврдењето на СДСМ, дека…
Откако во јавноста излегоа информациите поврзани со…
СДСМ: Со приказната за авионот, Мицко ја…
„Многу тажната приказна на премиерот Мицкоски ја…
Филипче: Законот за високо образование е катастрофално…
Темата на денешната прес-конференција е Законот за…