Дали првото големо поскапување ќе биде на дизелот? Новиот правилник ја врза цената за секој понеделник

t

Регулаторната комисија за енергетика со правилник донесен на 4 март ја смени динамиката на формирање на цените на горивата: одлука за највисоки малопродажни цени ќе се носи еднаш седмично, на седница секој понеделник, а пресметката ќе се темели на просек од изминат седумдневен период.

Истата измена ја брише и одредбата што ѝ даваше можност на Комисијата да реагира и во текот на седмицата – кога берзанските цени и/или курсот би „повлекле“ корекција од најмалку 2 денари по литар. Во 2022 токму тој механизам беше воведен како вентил за брзи шокови; сега, со неговото укинување, цената практично се „заклучува“ во неделен циклус, без формален простор за вонредно усогласување меѓу два понеделника.

Официјалната логика во образложението е „сигурност во снабдувањето“ во услови на турбуленции на светските берзи. Но на терен, токму ваквата временска кочница може да произведе спротивен ефект ако цената на увозот скокне среде седмица: трговците остануваат со трошок што расте „ден за ден“, а со цена што не смее да се помести до следниот понеделник. Во таков распоред, кризата не почнува со официјална одлука за поскапување, туку со лимити, прекини и селективно точење.

Првите симптоми веќе се појавија. Во јавноста се појавија сведоштва за гужви и нервоза, со тврдења дека на дел бензински пумпи дизел не се точел или се споменувале неофицијални ограничувања на количината. Во исто време, од Владата стигнува порака дека проблем со снабдувањето нема и дека состојбата е „под контрола“.

Во ваквиот јаз меѓу „нема проблем“ и „има лимит“ влезе и објавата за известување со печат на „Лукоил“ во кое се наведува ограничување на продажбата на дизел за тешки товарни возила, трактори и автобуси до најмногу 50 литри, како и забрана за точење во небезбедни канистри. Истовремено, премиерот уверува дека деривати има доволно и дека државните резерви покриваат над 62 дена потрошувачка.

Во моментов, највисоката малопродажна цена на еуродизелот е 71 денар за литар. Но познавачи на состојбите укажуваат дека следната недела дизелот може да поскапи за 12 до 15 денари и да достигне цена од околу 85 денари. Во ваков модел, токму понеделничката одлука ќе стане политички и економски „праг“: ако пресметката ја фати целата седмица на висок увозен трошок, скокот ќе биде концентриран – одеднаш, а не постепено.

Проблемот, сепак, не е само во бројката на таблата. Дизелот е основен трошок за транспорт, земјоделство и комунални услуги, па секоја нагла корекција се прелева во цени на храна и услуги. Кога на тоа ќе се додаде психолошкиот ефект на паника – „точам однапред, за да не снема“ – државата може да добие двоен удар: поскапување на цените и ризик од локални прекини на снабдување, иако на хартија има залихи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Дали првото големо поскапување ќе биде на…

Регулаторната комисија за енергетика со правилник донесен…

Иранската војска соопшти дека со „прецизни ракети“…

Иранската војска, Корпусот на Исламската револуционерна гарда,…

Британскиот амбасадор, Лосон: Ниту постои, ниту некогаш…

Британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон ги…

Осум дена притвор за сопругот на Ивана…

Основниот кривичен суд Скопје во целост го…

Бехтел и Енка вели дека Владата не…

Проектот продолжува да постигнува добар напредок и…