Тројца полицајци обвинети за „Пулс“ се изјаснија за невини
Со сослушување на сведоци предложени од одбраната, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судската постапка против тројца полициски службеници од Кочани, кои се обвинети за начинот на кој постапувале при контролите поврзани со дискотеката „Пулс“.
На стартот на процесот, обвинетите изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар, а се однесуваат на контролите во клубот „Пулс“, каде на 16 март минатата година избувна пожар во кој загинаа 63 лица, додека повеќе од 200 беа повредени.
Судењето го води судијката Лидија Петровска, а обвинението го застапува јавната обвинителка Спасенка Андонова.
Како прв сведок денеска беше сослушан Ерхан Хаџимита, полициски службеник во Полициската станица Кочани. Тој сведочеше дека во текот на 2023 година учествувал во две контроли во дискотеката „Пулс“ — една во април и една во декември.
Во тие акции бил заедно со одговорниот Горан Лазаров. При една од контролите пронашле две малолетни лица во објектот, по што, како што изјави сведокот, им ги одзел личните карти и ги предал на Лазаров. Според него, сопственикот Дејан Јованов-Деки реагирал бурно.
– Ни рече „правете што сакате“, бидејќи и претходно сме имале недоразбирања околу присуство на малолетници. Не сакаше да соработува, па излеговме надвор. Јас останав со малолетничките за да се контактираат нивните родители, додека одговорниот составуваше записник – изјави сведокот.
Хаџимита посочи дека и при претходната контрола во април 2023 година биле затекнати малолетници, а сопственикот и тогаш не покажал подготвеност за соработка.
Одговарајќи на прашања од обвинителството, сведокот наведе дека по одземањето на личните документи се упатил кон одговорниот на смена, кој во моментот бил во билетарата заедно со сопственикот и неговиот син. На прашањето дали биле побарани документи од сопственикот, тој одговори дека такво барање имало, но дека сопственикот одбил да постапи. Во однос на записникот, сведокот појасни дека тој лично не го пополнувал.
Постапката започна на 3 март со читање на обвинителниот акт од страна на обвинителката Ивана Трајчева од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на која во меѓувреме ѝ истече мандатот и не беше реизбрана.
Според обвинението, тројцата полициски службеници не постапиле согласно утврдените правила за акциски контроли во угостителскиот објект „Пулс“, односно не ги следеле анекс-плановите и во службените записници внесувале податоци за неактивно правно лице, кое, како што се наведува, не било дел од работењето на клубот во моментот на контролите.
Во периодот од 7 октомври 2023 до 7 февруари 2024 година, обвинетите Кире Богатинов и Горан Лазаров, како службени лица, не ги извршиле своите обврски во целост, односно не постапиле според анекс-плановите од 5 октомври и 24 ноември 2023 година при составување на записниците од контролите.
Иако биле констатирани прекршоци поврзани со нарушување на јавниот ред и мир, во документите биле внесени неточни информации за правното лице поврзано со кабарето „Пулс“ во Кочани.
Во однос на третообвинетиот Александар Темелков, обвинителството наведува дека при одобрување на барањата за поведување прекршочна постапка од 1 и 7 февруари 2024 година, не ја проверил целосната документација, иако бил должен да го стори тоа, туку ги потпишал и ги доставил до судот во Кочани. Барањата биле поднесени против неактивното правно лице „Класик“ ДООЕЛ Кочани и лице наведено како одговорно во „Пулс“, иако, според обвинението, тие не биле активни во моментот.
Со ваквото постапување, според обвинението, обвинетите овозможиле имотна корист за „ММММ кафе“ ДООЕЛ Кочани, односно за подружницата кабаре „Пулс“, како и за одговорното лице, на начин детално образложен во обвинителниот предлог.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Тројца полицајци обвинети за „Пулс“ се изјаснија…
Со сослушување на сведоци предложени од одбраната,…
Внатрешна контрола на МВР утврдила дека 39…
Одделот за внатрешна контрола утврдил дека 39…
Девојче кое исчезнало во Скопје најдено во…
16-годишно девојче од Скопје кое родителите го…
Самиот пријавил дека ја убил својата мајка:…
Убиецот од Росоман утрово самиот пријавил во…
Избегната трагедија како Пулс во Германија: 750…
Во германскиот град Кел избувна голем пожар…