Објавено на:

Ројтерс: САД и Иран добија мировен предлог додека Трамп се заканува со „пекол“ ако теснецот остане затворен

t

Соединетите Американски Држави и Иран добија рамка на план за прекин на непријателствата, но Иран веднаш го отфрли повторното отворање на Ормускиот Теснец, откако претседателот Доналд Трамп се закани дека ќе „истури пекол“ врз Техеран доколку до крајот на вторник не се постигне договор, пишува Ројтерс.

Мировниот план вклучува двостепен пристап, со итен прекин на огнот, по што следува сеопфатен договор кој треба да се финализира во рок од 15-20 дена, изјави извор запознаен со предлозите во понеделникот.

Началникот на армијата на Пакистан, фелдмаршал Асим Мунир, бил во контакт „целата ноќ“ со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, специјалниот пратеник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, според истиот извор.

Иран нема да го отвори теснецот како дел од привремен прекин на огнот, изјави висок ирански функционер за Ројтерс во понеделникот, додавајќи дека Иран нема да прифаќа рокови додека го разгледува предлогот. Според него, Вашингтон нема подготвеност за траен прекин на огнот.

Аксиос прв објави во неделата дека САД, Иран и регионалните посредници разговараат за потенцијален 45-дневен прекин на огнот како дел од двофазен договор што би можел да доведе до траен крај на војната, повикувајќи се на американски, израелски и регионални извори.

Трамп вели дека договор мора да се постигне до вторник

Во објава полна со навредливи зборови на неговата платформа Трут Соушл во неделата, Трамп се закани со дополнителни напади врз иранската енергетска и транспортна инфраструктура ако Иран не постигне договор и не го отвори теснецот до вторник. Подоцна истиот ден, во нова објава, претседателот даде попрецизен рок: „Вторник, 20:00 часот по источно време“.

Во понеделникот беа пријавени нови воздушни напади низ регионот, повеќе од пет недели откако САД и Израел почнаа интензивно да го бомбардираат Иран во војна што однесе илјадници животи и ги оштети економиите со зголемување на цените на нафтата.

Иран одговори на нападите со фактичко затворање на Ормускиот теснец, кој претставува канал за околу една петтина од светското снабдување со нафта и природен гас, како и со напади врз Израел, американски воени бази и енергетска инфраструктура во регионот на Заливот.

Анвар Гаргаш, советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати, изјави дека секое решение мора да гарантира пристап низ Ормускиот теснец.

Тој предупреди дека договор кој нема да ја ограничи иранската нуклеарна програма, како и неговите ракети и дронови, ќе го отвори патот за „помногу опасен и понестабилен Блиски Исток“.

Иранските напади за време на викендот врз петрохемиски објекти и брод поврзан со Израел во Кувајт, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати ја истакнаа способноста на земјата да возврати, и покрај повторените тврдења на Трамп дека ги уништил нејзините ракетни и дронски капацитети.

Иранските државни медиуми соопштија дека починал шефот на разузнавачката организација на Револуционерната гарда, Маџид Кадеми. Нападите од Израел и САД убија неколку високи членови на иранскиот режим, вклучително и врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи, кој бил заменет од неговиот син Моџтаба.

Израелските спасувачи извлекле две тела од урнатините на станбена зграда во Хаифа погодена од иранска ракета во неделата, пренесуваат израелските медиуми.

Околу 3.540 луѓе загинале во Иран од почетокот на војната, вклучувајќи најмалку 244 деца, соопшти организацијата за човекови права ХРАНА со седиште во САД.

Израел исто така изврши инвазија во јужен Либан и го нападна Бејрут во борба против милитантите на Хезболах, поддржани од Иран, што претставува најнасилен прелеан конфликт од американско-израелската војна против Иран.

Жртвите во Либан се големи, со 1.461 загинати, меѓу кои најмалку 124 деца, според либанските власти.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ројтерс: САД и Иран добија мировен предлог…

Соединетите Американски Држави и Иран добија рамка…

Иран се потсмева: „Ги изгубивме клучевите од…

Дипломатската мрежа на Иран иронично реагираше на…

Аксиос: САД и Иран преку посредници бараат…

САД, Иран и група регионални медијатори разговараат…

Трамп до Иран: Отворете ја проклетата теснина,…

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска упати нова…

Техеран го негира Трамп: Операцијата за спасување…

Иранската војска соопшти дека американската операција за…