Германски генерал предупредува: Балканот мора да се држи на око
Инспекторот на германската копнена војска, што во Германија де факто е врховен командант на копнените сили, Кристијан Фројдинг, за време на посетата на Босна и Херцеговина ја нагласи важноста од натамошна стабилност на Балканот за безбедноста на Европа.
Генерал-полковникот предупреди дека тензиите во регионот би можеле да бидат инструментализирани.
„И гледаме дека постојат и други актери кои се обидуваат да остварат влијание во овој регион“, изјави Фројдинг за германската новинска агенција dpa, пренесува Дојче Веле.
Експертите со загриженост набљудуваат, на пример, како особено Русија, но и Кина, го шират своето влијание во БиХ. Тоа вклучува соработка во експлоатација на природни ресурси и енергетски зделки, а во случајот со Кина и испорака на технологија за надзор.
Германската војска во Босна и Херцеговина за тамошната мисија на ЕУ, ЕУФОР Алтеа, обезбедува 36 војници. Силите го надгледуваат почитувањето на Дејтонскиот мировен договор, со кој во 1995 година заврши војната во БиХ. Низ целата земја одржуваат канцеларии за врска, кои преку разговори со населението и властите служат и како систем за рано предупредување во случај на нови тензии.
Што бара синот на Трамп во Босна?
Непосредно пред посетата на Фројдинг на БиХ во четвртокот и петокот, вниманието на јавноста го привлече и посетата на босанските Срби од страна на Доналд Трамп Помладиот, најстариот син на американскиот претседател.
Dpa пишува дека во Сараево со загриженост се следи како Милорад Додик ги подобрил односите со Соединетите Американски Држави и со луѓето од придружбата на американскиот претседател Трамп. Вашингтон ги укина санкциите против Додик и неговото опкружување. Синот на Трамп, според медиумските извештаи, во Босна поттикнувал ставови против ЕУ. Американската амбасада, сепак, неговото патување го опиша како приватна посета.
Се наведува и дека политиката на Додик вклучува ангажирање лобистичка компанија во САД, со цел да се обезбеди наклонетост на американската политика кон босанско-српскиот сепаратизам и укинувањето на државните судови. Целта е исто така да се смени високиот претставник на меѓународната заедница во таа земја, Кристијан Шмит.
БиХ припаѓа на „проширеното источно крило“
Во октомври, како што понатаму се наведува, во Босна и Херцеговина ќе се одржат редовни парламентарни и претседателски избори. Земјата, во контекст на војните во Украина и на Блискиот Исток, во голема мера исчезна од фокусот на меѓународната политика. Но војската ја смета за дел од „проширеното источно крило“, односно подрачје на кое би можело да дојде до индиректни тензии со Русија.
Фројдинг ја посети таканаречената LOT-куќа на Бундесверот во Власеница, на истокот на Република Српска. Тие куќи служат како сместување и регионални центри за „тимовите за врска и набљудување“ на силите на ЕУФОР Алтеа.
Фројдинг нагласи дека е важно и натаму да се има добар увид во состојбата во кризниот регион на Западен Балкан, „за да можеме, доколку има потреба, да ги приспособиме или зајакнеме нашите сили“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Германски генерал предупредува: Балканот мора да се…
Инспекторот на германската копнена војска, што во…
Голема мечка снимена од безбедносни камери во…
Безбедносните камери во селото Горна Белица, лоцирано…
Илир Мета му се заблагодари на Александар…
Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на…
Вработените во Белата куќа се предупредени да…
Вработените во Белата куќа биле предупредени минатиот…
Глобалните цени може да скокнат до 20%…
Глобалните цени би можеле да пораснат во…