Албанската опозиција бара оставка од шефот на дипломатијата оти наводно употребил навредлива реторика кон Албанците во Македонија
Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија во парламентот на Албанија, Газмент Барди, денеска го обвинил министерот за надворешни работи на земјата, Ферит Хоџа, дека во групна комуникација на апликацијата за пораки „Вацап“ (WhatsApp) употребил навредлив јазик кон Албанците во Северна Македонија, објавија албанските медиуми.
Нарекувајќи ја неговата наводна изјава скандалозна и неприфатлива, Барди побарал итна оставка од шефот на албанската дипломатија, посочувајќи дека таквата негова реторика го нарушува достоинството на Албанците поради што министерот не може да продолжи со извршувањето на своите должности, пренесе националниот радиодифиузен сервис на Албанија – РТА.
Според телевизијата Топ ченл (Top-channel), пратениците на Демократската партија, Белинда Келичи и шефот на нивната пратеника група во албанскиот парламент, Газмент Барди, денеска објавиле порака од групна комуникација на „Вацап“ во која, според нивните тврдења, шефот на дипломатијата, Ферит Хоџа, за Албанците во Македонија вели: „Што велат тие албански идиоти“.
„Неприфатливо е и недозволиво за висок јавен функционер да ги нарекува Албанците ʼидиотиʼ. Таквиот став веднаш го исклучува од која било јавна функција и го оневозможува да продолжи со вршењето на своите должности, ни минута подолго. Уште повеќе кога станува збор за министер одговорен за претставување на Албанија на меѓународната сцена“, напишал Барди, пренесува РТА.
Понатаму во објавата, шефот на пратеничката група на Демократската партија наведува дека неодговорниот и навредлив јазик на Хоџа не само што сериозно го нарушува достоинството на Албанците, туку создава и верување дека имаат работа со претставник кој зборува во духот на странска пропаганда, а не во интерес на Република Албанија.
„Оваа изјава е достојна само за Никола Пашиќ или Васа Чубриловиќ. Таквата реторика е спротивна на член 8 од Уставот на Република Албанија. Ферит Хоџа мора веднаш да поднесе оставка. Секое одложување е неоправдано. Премиерот (Еди Рама н.з.) има политичка и институционална обврска да го разреши без никакво двоумење и јавно и јасно да се дистанцира од оваа навредлива и неприфатлива реторика, која потсетува на темната реторика од минатото против Албанците“, навел Барди.
Во меѓувреме, од Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија категорично ги негирале ваквите обвинувања. Според портпаролот на Министерството, Алтео Хиси, публикациите дистрибуирани денеска на социјалните режи се невистинити и немаат никаква врска со реалноста.
Тој додал дека изнесените тврдења се измислени и оти Службата за надворешни работи продолжува да ги исполнува своите должности професионално, без да биде под влијание на намерно креирана бучава и чад.
„Портпаролот на Министерството за Европа и надворешни работи изразува жалење за публикациите дистрибуирани денес на социјалните медиуми, кои тврдат дека претставуваат внатрешни комуникации, но кои всушност се невистинити. Тие немаат никаква врска со реалноста. Комуникацијата што се сервира на јавноста е непостоечка. Жално е што ваквите тврдења се измислени, а потоа засилени од политичките актери во земјата.
Ова не е прв пат да се изнесат обвинувања во јавноста дека припадници на надворешната служба наводно ја прекршуваат својата заклетва. Министерот Хоџа изразува целосна доверба во чесноста и професионализмот на Службата за надворешни работи, која продолжува да ги исполнува своите должности со посветеност, фокусирајќи се на својата работа и не е под влијание на намерна бучава и чад“,
се наведува во реакцијата од Министерството, пренесува албанскиот национален радиодифузер.
Инаку, во Албанија изминатиот период владеат жестоки тензии меѓу опозициските партии и власта на премиерот Еди Рама. Неодамна во главниот град на земјата се одржаа масовни протести на опозициските партии во главниот град на земјата, Тирана, кој помина во знак на тензии и судири со полицијата, бидејќи демонстрантите користеа пиротехники средства и молотови коктели кон клучните државни институции.
Опозицијата бара итно формирање техничка влада која би ги организирала следните избори, обвинувајќи го премиерот Еди Рама за корупција, изборен инженеринг и за деградација на демократските процеси во земјата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Албанската опозиција бара оставка од шефот на…
Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска…
Пленковиќ: Хрватска бара силен буџет на ЕУ…
Хрватска, кога е во прашање новиот буџет…
Нападите од Трамп и Русија ја обединија…
Италијанската премиерка Џорџа Мелони бележи неочекуван раст…
Санчез: Продолжуваме да го браниме меѓународното право,…
Шпанскиот премиер Педро Санчез денес изјави, во…
Трамп ја враќа смртната казна со стрелање
Министерството за правда на САД објави планови…