Лани биле прислушувани 365 лица, имало и инфилтрирање во криминални групи
Јавните обвинители лани дале наредба да се користи прислушување на комуникацијата, следење на лица или, пак, тајно снимање во дом и возила и други тајни мерки во дури 44 случаи за кои воделе истрага. Дополнително, вакви мерки се применувале и во 4 други случаи, кои всушност траеле од 2024 година, стои во најновиот извештај на обвинителот Ненад Савески за примена на посебни истражни мерки.
Ова е значително зголемување на примената на прислушувања и следења во однос на 2024 година и тоа повеќе од четвртина, кога ПИ мерки биле применети во само 35 случаи. Сепак се останало на половина од 87-те случаи што ги имало во 2023 година.
Од вкупно 44 нови случаи за два иницијатор е самото ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), додека кај другите обвинителства подносител на предлозите за примена е МВР, кој е подносител и во ОЈО ГОКК за другите случаи“, стои во Извештајот кој бил испратен на потврда и во Собранието.
Во зависност од сложеноста на случајот и потребата од докази кои на друг начин не би можеле да се обезбедат, законот дозволува во еден случај да се применуваат повеќе различни ПИМ и за различни лица и кривични дела што се дел од тој предмет. Посебни истражни мерки биле водени за вкупно 365 лица, од кои три биле со неутврден идентитет, за 56 предмети на кривични дела. Според Извештајот, примената на ПИ мерките дала резултати.
„Во најголемиот број од случаите каде се применувале посебни истражни мерки се произлезени очекуваните резултати кои се претпоставувале при нивното определување… Успешноста на мерката се мери со поведена истрага, поднесено обвинение и добиена осудителна пресуда, што се различни фази на постапката“, стои во документот.
Кои ПИ мерки најчесто и колку долго биле користени? Најмногу наредби имало за следење и снимање на лица надвор од домот и тоа во 33 случаи, против вкупно 107 лица, од кои едно е со неутврден идентитет. Најчесто лицата биле следени од месец до два, но за 12 случаи мерката сè уште трае. Мерката била применета за откривање на убиства, производство и промет на дроги, перење пари, поткуп, но и за тероризам и трговија со луѓе и деца.
Јавните обвинители дале наредба за следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации во 28 случаи, а биле прислушкувани комуникациите на 140 лица. За 7 случаи мерката сè уште трае, додека најголем дел од следењето на комуникациите траело месец или два, сепак има три случаи каде што прислушувањето траело 6 месеци, а во 4 случаи и до осум месеци. Мерката била применета за да се откријат убиства, неовластено производство и промет на дрога, перење пари, злоупотреба на службената положба, злосторничко здружување, криумчарење мигранти и трговија со луѓе и деца и др.
Следење и снимање на дом, простор или возило било применето во два случаи. Еден простор сè уште се снима од тајните служби по наредба на јавен обвинител, кај останатите случаи оваа мерка се користела од четири до 7 месеци. Мерката била применета за следење на кривични дела поврзани со неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, перење пари, за злосторничко здружување, тероризам и финансирање на тероризам.Во шест случаи, пак, било користено симулирано давање и примање на поткуп и тоа било применето кај 13 лица.
Во шест случаи, во текот на истрагата, биле користени и лица со прикриен идентитет кои следеле, снимале и собирале информации, со тоа што се инфилтрирале во организирани криминални групи.
Најмногу посебни истражни мерки (ПИМ) применувало Обвинителството на Ислам Абази, но за Савески, како што пишува во извештајот, тоа не е неочекувано имајќи ги предвид посебните надлежности, кое постапува по најсложените кривични дела на организиран криминал и корупција. ОЈО ГОКК лани водело 20 истраги со користење на ПИМ, од кои 18 се нови, а два се од 2024 година. Овие мерки биле применувани за 335 лица со утврден идентитет во 53 предмети на кривично дело.
На подрачјето на Скопје ПИМ се применувале во 19 случаи, од кои 16 нови во 2025 и три од претходно. Со овие мерки биле опфатени 16 лица во три предмети. На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола, пак, во работа имале 6 случаи во кои примениле вакви мерки и тоа кон 7 лица, додека во ВЈО Штип четири случаи за 4 лица.
Ниту една ПИ мерка немало на подрачјето на Вишото јавно обвинителство во Гостивар.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Лани биле прислушувани 365 лица, имало и…
Јавните обвинители лани дале наредба да се…
Обвинителството бара притвор за 31 годишникот кој…
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје…
СДСМ реагира на критиките на Мицкоски кон…
СДСМ реагираше на критиките што премиерот Христијан…
Мицкоски: Трпението е при крај за оној…
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на свечената академија…
Го барале за издржување казна затвор во…
Вчера во 15:00 часот на улица „Беличица“…