Новите руски војници во просек преживуваат 35 минути борба на фронтот
Новите тактики, оружја и технологии го направија фронтот во Украина поубиствен од која било рововска војна досега. Руски воени блогери тврдат дека новите руски војници што доаѓаат на фронтот може да издржат едвај половина час пред да бидат лоцирани и погодени од дронови, кои се претворија од извидувачки летала во машини за убивање.
Просечниот животен век на нов руски регрут – од пристигнувањето на полигон за обука па сè до до боиштето – е некаде помеѓу 10 дена и три недели. Ако нивната единица на фронтот се вклучи во борба, може да издржат просечно од 20 до 35 минути, пишува историчарот Питер Франкопан во Форин полиси, цитирајќи руски воени блогери.
Повикувајќи се на достапните проценки, Франкопан забележува дека Русија моментално трпи осум пати повеќе војници исфрлени од стројот во споредба со Украинците. Просечните руски жртви сега надминуваат 30.000 месечно. Разни западни извори проценуваат дека од почетокот на инвазијата врз Украина во февруари 2022 година Русија досега претрпела над 1 милион жртви – вклучувајќи убиени и ранети војници.
Поради високата стапна на смртност, руското воено раководство има сè поголеми тешкотии да регрутира нов персонал за да ги надополни своите единици. Руските власти објавија дека регрутирале над 420.000 нови војници со едногодишни договори, но дури и државните медиуми признаваат дека бројот на нови регрути се намалил за приближно 30% во текот на оваа година.
На некои доброволци им се нудат бонуси за потпишување до 80.000 долари, како и отпис на долг до 140.000 долари. За споредба, просечната месечна плата во Русија изнесува околу 1.000 долари, а во оддалечените региони – од кои Кремљ интензивно регрутира војници – приходите се значително пониски.
Со парични иницијативи, руските власти сè уште успеваат да привлечат помеѓу 800 и 1.000 волонтери дневно кои потпишуваат договори. Поради кризата со луѓе на фронтот, многумина од нив поминуваат само неколку дена борбена обука пред да бидат распоредени на боиштето.
Рускиот воен блогер и ветеран од војната во Украина, Александар Луњин ги обвини руските команданти за систематско мачење на сопствените војници и не ја отфрла можноста за бунт во армијата.
Франкопан, професор по глобална историја на Универзитетот во Оксфорд, смета дека ситуацијата сè уште е далеку од бунт. Но, предупредува дека претседателот Владимир Путин, ако се соочи со очајна ситуација, би можел да процени дека има сè помалку причини за воздржаност и дополнително да го интензивира конфликтот.
Пазете се од давеникот. Наредните месеци веројатно ќе бидат опасни, и во Русија и надвор од неа, бидејќи Путин очајно се обидува да ја држи главата над водата, заклучува Франкопан.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Новите руски војници во просек преживуваат 35…
Новите тактики, оружја и технологии го направија…
Милионска заплена во Косово: брачен пар осомничен…
Косовските власти денеска соопштија дека запленија имот…
Ангелов: За време на сезоната на пожари…
– Операционализирање на идејата секој ден во…
Изгорени над 250 хектари во пожарот во…
Општина Пробиштип од денеска почнува да ги…
Изгорени над 250 хектари во пожарот во…
Општина Пробиштип од денеска почнува да ги…