Речиси 100 американски војници повредени за две недели во конфликтот со Иран, Пентагон ги одложува податоците
Американското Министерство за одбрана тврди дека доцнењето во објавувањето на бројките е за заштита на војниците, но анализите покажуваат дека информациите се ажурираат со денови или недели задоцнување. Речиси 100 американски војници биле повредени во изминатите две недели во конфликтот со Иран, соопшти Пентагон, додека официјалните податоци за жртвите и повредените се објавуваат со значително доцнење.
Според американските медиуми, Пентагон избегнува јавно навремено да ги потврдува последиците од иранските напади, а вкупните бројки се објавуваат преку воениот Систем за анализа на жртви на одбраната (DCAS), кој често се ажурира по неколку дена или недели.
Американското Централно командување (CENTCOM), кое ги координира воените операции, претходно редовно известуваше за повредени припадници на армијата. Но, во последниот период престана систематски да објавува податоци за нападите во кои нема загинати.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, потврди дека од 7 јули се повредени „речиси 100 припадници на војската“, додавајќи дека најголем дел од случаите се полесни потреси на мозокот.
„Објавувањето информации за повредени војници во реално време е исто како директно да им ги даваме тие информации на противниците“, изјави Парнел, објаснувајќи дека ограничувањето на податоците е неопходно за заштита на повеќе од 50.000 американски војници распоредени на Блискиот Исток.
Според достапните податоци, по потпишувањето на меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран во средината на јуни, DCAS регистрирал нови случаи на загинати и повредени војници, но бројките се менуваат со последователни ажурирања.
Во еден од последните напади, двајца американски војници загинаа при ирански ракетен напад врз воздухопловната база Мувафак Салти во Јордан, додека еден војник се води како исчезнат. Уште еден американски војник загина во северен Ирак за време на контролирана детонација на соборен ирански дрон.
Точниот број на повредени во последните напади низ регионот сè уште не е целосно познат. CENTCOM потврди само дел од инцидентите, наведувајќи дека дел од војниците биле згрижени и пуштени од болница, а други со полесни повреди се вратиле на должност.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Речиси 100 американски војници повредени за две…
Американското Министерство за одбрана тврди дека доцнењето…
Денеска топло, попладне дожд и грмежи
Од Управата за хидрометеоролошки работи за денеска…
Муцунски ја пречека претседателката на Индија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија…
Даниловски за Гостивар: Слаб надзор и лоша…
Епидемиологот Драган Даниловски во обемна стручна анализа…
Трамп со остра закана до Техеран: Иран…
Американскиот претседател реагира по смртта на тројца…