Објавено на:

Сопствениците на бродови нудат огромни бонуси за екипажите да пловат низ Ормуз

t

Еден сопственик на бродови се обидува да ги убеди екипажите да пловат низ Ормускиот Теснец нудејќи им дополнителна шестмесечна плата доколку се согласат да минат низ овој клучен нафтен коридор, ставајќи ги морнарите пред тежок избор меѓу голема финансиска награда и ризикот по сопствениот живот, пишува Блумберг.

„Синокор“ (Sinokor Group), најголемиот светски сопственик на супертанкери, им испратил таква понуда на своите морнари за двонасочно патување, односно за преземање нафта од Саудиска Арабија или Ирак и нејзино истоварување во Оманскиот Залив. Компанијата понудила дополнителна шестмесечна плата доколку го завршат патувањето, за кое проценила дека вкупно ќе трае околу еден месец, покажува документ испратен кон крајот на минатата недела, во кој увид имаше Блумберг.

Иран нападна уште танкери во Ормускиот Теснец

Пријавени напади заклучно со 20 јули, нападите по примирјето се означени со круг

Најмалку 59 трговски бродови биле нападнати во и околу Персискиот Залив откако започна војната кон крајот на февруари, а животот го загубиле 17 морнари, наведува агенцијата на Обединетите нации за поморски транспорт.

Понудите, дадени пред новите напади врз трговски бродови во понеделникот, ја нагласуваат суштинската дилема при пловидбата низ овој воден пат, принудувајќи ги морнарите или да се откажат од потенцијално големата заработка или да се коцкаат со сопствениот живот.

Најплатеното лице на повеќето бродови е капетанот, кој го има последниот збор за навигациските одлуки. Според претставници на две бродски компании, капетаните на нафтените танкери заработуваат и до 15.000 долари месечно.

Помлад морнар, познат како член на палубниот екипаж, во нормални услови може да заработува околу 1.500 долари месечно, изјави претставник на еден сопственик на бродови. Тие имаат право да побараат да го напуштат бродот и да бидат заменети доколку не сакаат да пловат во опасната зона.

Заработка од милиони

Сопствениците на бродови можат да заработат милиони долари за едно патување низ Ормускиот Теснец, додека осигурителните компании сега наплатуваат и огромни премии за пловидба низ него. Сепак, екипажите се тие што го преземаат најголемиот личен ризик, а дел од нив и понатаму ги одбиваат дополнителните награди.

Подготвеноста на морнарите да го направат тоа патување повторно е под лупа откако најмалку двајца морнари загинаа во нападите минатата недела, а уште еден брод беше напуштен во понеделникот. Понудите биле дадени по тие смртни случаи.

„Некои компании им нудат огромни бонуси“, изјави капетанот Прадип Чавла, претседател на „Глобалмет“ (GlobalMET), организација што соработува со Меѓународната поморска организација на промоција на обуката и образованието на морнарите, без директно да ја спомене понудата на „Синокор“. „Слушнавме дека голем број членови на екипажот се симнале од бродовите, но компаниите сепак успеваат да најдат луѓе што се подготвени да отпловат.“

„Синокор“ стана еден од главните играчи во транспортот на блискоисточна нафта откако, со поддршка од „МСЦ“ (MSC Mediterranean Shipping Co.), успеа да ја создаде најголемата флота супертанкери во светот. Компанијата има клучна улога во извозот на нафта од регионалните производители, особено од Обединетите Арапски Емирати, но и од Саудиска Арабија и Ирак.

Компанијата не одговори на барањето за коментар испратено надвор од вообичаеното работно време.

Висината на платата што се нуди за пловидба низ Ормускиот Теснец варира, а две лица вклучени во ангажирање екипажи за бродови што минуваат низ овој воден пат изјавија дека најчесто гледаат пониски износи од оние што ги понудил „Синокор“, иако и натаму се нудат значителни бонуси. Еден од нив рече дека некои бродски компании додаваат и до 60 дена плата на договор што трае 30 дена.

Општо земено, надоместоците за овие патувања значително пораснале откако нападите врз бродови почнале да го забавуваат сообраќајот низ Ормускиот Теснец на почетокот од минатата недела. Платите се зголемиле и во раната фаза од војната со Иран, кога бродовите редовно биле напаѓани во Персискиот Залив.

Видливиот бродски сообраќај низ теснецот се намалил во последните денови, иако постои неизвесност колкав број бродови и натаму минуваат низ водниот пат „во темнина“, со исклучени сателитски сигнали.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сопствениците на бродови нудат огромни бонуси за…

Еден сопственик на бродови се обидува да…

Американски професор: Европската политика кон Русија води…

Продолжувањето на европската политика на конфронтација со…

САД изведоа нов бран напади врз Иран,…

Тензиите на Блискиот Исток продолжуваат да растат…

Големи поплави во Авганистан: најмалку 20 загинати,…

Најмалку 20 лица загинаа, а повеќе од…

Речиси 100 американски војници повредени за две…

Американското Министерство за одбрана тврди дека доцнењето…