Македонските новинари и во 2025 година биле под закана на онлајн напади и економска несигурност

t

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го презентираше годишниот извештај „Индикатори за степенот на слободата на медиумите и Индекс на безбедноста на новинарите 2025“, кој покажува дека во 2025 година се забележани одредени позитивни поместувања, меѓу кои воспоставувањето регистар на онлајн медиуми и изборот на нови членови на советите на медиумскиот регулатор и на МРТ. Сепак, онлајн нападите и нивната неказнивост продолжуваат, а суштинските реформи и целосното усогласување на националното законодавство со регулативата на Европската Унија, вклучително и со Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), сè уште не се завршени.

„Практичната примена на законските гаранции останува недоследна, додека независноста и ефикасноста на дел од институциите и понатаму се предмет на јавни дебати“, стои како забелешка во извештајот.

Посебен дел од извештајот е посветен на Индексот на безбедноста на новинарите. Наодите покажуваат подобрена институционална реакција во дел од случаите на физички напади, но според ЗНМ сериозни предизвици и натаму претставуваат онлајн заканите, говорот на омраза, јавните дискредитации, економската несигурност и недоволно ефикасната борба против неказнивоста.

„Особено загрижува порастот на онлајн вознемирувањето и сексистичките напади насочени кон новинарките, што укажува дека дигиталниот простор станува сè поризична средина за професионално новинарство“, посочуваат од ЗНМ.

Извештајот нотира и дека економската ранливост на медиумите останува еден од клучните проблеми.

„Нискиот социо-економски статус на новинарите, особено во приватните и локалните медиуми, недоволната сигурност на работните места и ризиците поврзани со повторното воведување државно рекламирање можат негативно да влијаат врз медиумскиот плурализам, уредувачката независност и транспарентноста при распределбата на јавните средства“, стои во извештајот.

Годишниот извештај е изработен во рамките на регионалната мрежа „SafeJournalists“, која годинава одбележува десет години постоење. Мрежата претставува најголема регионална иницијатива за следење на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Западен Балкан, во која ЗНМ учествува заедно со партнерските новинарски здруженија од регионот.

„Извештајот претставува значајна алатка за креирање политики засновани на докази и за следење на реформите во медиумската сфера. Борбата против неказнивоста за нападите врз новинарите, усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди и подобрувањето на професионалните и економските услови за работа остануваат клучни предуслови за слободно, безбедно и независно новинарство во Северна Македонија“, нагласуваат од ЗНМ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

360 степени: (Не)скриени актери во Македонија потпалуваат…

Повеќе интернет-портали и фејсбук-страници на македонски јазик…

Сиљановска: Убедени сме дека Македонија има многу…

Билатералните односи меѓу Македонија и Индија да…

Мицкоски за инвестициите во дата центри: Ние…

Се обидуваме да ја развиваме државата, да…

Димитровски: И да го смениме Уставот поради…

Заменик-министерот за надворешни работи, Зоран Димитровски, во…

Сиљановска-Давкова денес во Софија, на маргините билатерална…

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Софија ќе…