Објавено на:

Саудиска Арабија заедно со 13 земји формира поморски воен сојуз, вели дека „ќе ја штитат слободната пловидба“

t

Саудиска Арабија и уште 13 земји од Азија и Африка објавија дека ќе формираат на мултинационална поморска воена коалиција со цел да ја заштитат слободата на пловидба низ теснецот Баб ел-Мандеб, Црвеното Море и Аденскиот Залив, пренесува Ал Џазира.

Саудиското Министерство за одбрана соопшти дека таканаречената Мултинационална поморска одбранбена алијанса е воспоставена како рамка за зајакнување на колективната соработка во областа на поморската одбрана.

Земјите потписнички ја потврдија својата намера, како што велат, да ја заштитат слободата на пловидба и да ги обезбедат меѓународните трговски и енергетски рути низ овие три водени патишта, кои претставуваат стратешки поморски коридор што ги поврзува Индискиот Океан и Средоземното Море.

Овој потег доаѓа во време кога конфликтот меѓу САД и Иран е насочен кон Ормускиот Теснец. Практичното затворање на оваа рута, преку која претходно се транспортираа околу 20 проценти од светскиот извоз на нафта и гас, силно влијае врз глобалната економија.

Во најновата ескалација, рутата Баб ел-Мандеб – Црвено Море – Аденски Залив беше повеќепати нападната од јеменските Хути, кои имаат поддршка од Иран.

„Заедничка одговорност“
На состанокот за формирање на алијансата учествуваа претставници на 43 од вкупно 51 поканета држава.

Според саудиското Министерство за одбрана, присуствувала и делегација на Европската Унија. ЕУ веќе има поморска заштитна мисија, АСПИДЕС во Црвеното Море, но засега не е јасно по што новата коалиција предводена од Саудиска Арабија ќе се разликува од неа.

Покрај Саудиска Арабија, потписници на алијансата се Турција, Кувајт, Бахреин, Катар, Јордан, Египет, Пакистан, Џибути, Сомалија, Бангладеш, Јемен, Судан.

Забележително е што Обединетите Арапски Емирати и Оман не се приклучија на иницијативата, иако имаат слични безбедносни интереси во услови на конфликтот поврзан со Иран.

„Вратата останува отворена и за други држави да пристапат кон Повелбата на коалицијата по завршувањето на нивните национални процедури“, се наведува во соопштението на саудиското министерство.

Во него се додава дека земјите учеснички ја делат „убеденоста дека поморската безбедност е заедничка одговорност и дека соработката и координацијата меѓу државите се темел за справување со заедничките и прекуграничните поморски закани“.

Не е наведено какви бродови или авиони ќе придонесе секоја држава, но активностите ќе вклучуваат размена на разузнавачки информации, оперативно планирање, како и спроведување заеднички вежби и поморски операции.

„Алијансата е исклучиво одбранбена по својата природа и не е насочена против ниту една држава“, стои во соопштението.

Саудиска Арабија е основач на алијансата и домаќин на нејзиното седиште, иако точната локација не е објавена.

Минатата недела јеменските бунтовници Хути воведоа поморска блокада против Саудиска Арабија, со што го нарушија транспортот на нафта што беше пренасочен кон Црвеното Море.

Од почетокот на војната со Иран кон крајот на февруари и фактичкото затворање на Ормускиот Теснец, Ријад успева да го продолжи најголемиот дел од извозот на нафта благодарение на нафтоводот Исток–Запад, кој ги поврзува рафинериите во источниот дел на земјата со терминалот Јанбу на брегот на Црвеното Море.

За да стигне до светските пазари, саудискиот извоз мора да помине низ теснецот Баб ел-Мандеб, кој се наоѓа меѓу Еритреја, Џибути и Јемен. Западниот брег на Јемен, кој излегува на овој стратешки теснец, е под контрола на Хутите, што им дава значителна стратешка предност за напади врз бродови во Црвеното Море.

Низ Баб ел-Мандеб поминуваат приближно 10 до 12 проценти од светската поморска трговија, вклучително и милиони барели нафта дневно. Тој претставува и една од само двете влезно-излезни точки кон Црвеното Море, покрај Суецкиот Канал.

Во својата најтесна точка, Баб ел-Мандеб е широк само 29 километри, што го ограничува сообраќајот на два пловни канали – по еден за влез и за излез на бродовите. Поради тоа, секое нарушување на пловидбата во оваа област може да предизвика нов раст на светските цени на енергенсите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Саудиска Арабија заедно со 13 земји формира…

Саудиска Арабија и уште 13 земји од…

Двегодишно дете од Куманово е затруено со…

Уште еден случај на затруено дете во…

Професор Ломпар: Промената на владата е можна,…

Ломпар за агенцијата Бета изјави дека „режимот…

Ништо од возот: Европската Комисија нема капацитет…

Проширувањето на Европската Унија се забрзува, но…

ЗА 24 ЧАСА ВО СЕУТА ВЛЕГЛЕ 49.000…

Во период од 24 часа, околу 49.000…