Дрон влегол во бугарскиот воздушен простор и експлодирал во близина на клучен гасовод!
Дрон влегол во воздушниот простор на Бугарија во 8.10 часот по локално време во саботата и кратко потоа експлодирал, откако ја преминал границата од Романија, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев.
Радев ја објави информацијата по итниот состанок на Советот за безбедност при Советот на министри. На состанокот присуствувале министрите за внатрешни работи, надворешни работи, одбрана и финансии, началникот на Генералштабот на бугарската армија, како и раководителите на безбедносните и разузнавачките служби.
„Нема жртви ниту оштетувања на објекти. Подрачјето е обезбедено. Продолжуваме да ја следиме ситуацијата“, изјави Радев.
Дронот експлодирал околу 100 метри во внатрешноста на бугарската територија, откако пристигнал од правец на Романија. Местото се наоѓа во близина на критична енергетска инфраструктура – на околу 200 метри од романската компресорска станица, 200 метри од поранешниот граничен премин Кардам меѓу Бугарија и Романија и на околу еден километар од бугарската компресорска станица на Трансбалканскиот гасовод.
„Звукот на дронот бил регистриран од романската гранична полиција, а потоа бугарската гранична полициска патрола стационирана во областа Генерал Тошево слушнала силна експлозија. Местото на експлозијата веднаш било идентификувано. Екипи на граничната полиција, националната полиција и Министерството за одбрана се на терен и работат на утврдување на типот на дронот“, рече Радев.
Според него, дронот не бил откриен ниту идентификуван додека летал низ романскиот или бугарскиот воздушен простор.
„Како што знаете, откривањето и спротивставувањето на овие дронови е голем предизвик. Исто така, не добивме никаква информација од Комбинираниот центар за воздушни операции на НАТО во Торехон, кој го следи воздушниот простор над Јужна Европа“, додаде Радев.
Радев потсети дека пред две недели романските воздухопловни сили собориле три дрона од типот „Шахед“ над Романија. По тие инциденти, бугарското Министерство за одбрана го засилило радарското покривање и надзорот во регионот и распоредило сили и опрема за пресретнување на нисколетечки и бавни воздушни цели.
„Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата и да го засилуваме надзорот. По овој инцидент, дополнително ќе ги распоредиме капацитетите за откривање и спротивставување на дронови на граничната полиција од границата со Турција кон границата со Романија“, рече Радев.
Бугарските власти ги испитуваат остатоците за да утврдат за каков тип дрон станува збор.
„Ова не беше играчка-дрон. Станува збор за поголем летечки објект. Според граничарите кои биле во областа, се слушнала силна експлозија, по која се појавил црн чад. Паднал во поле со сончоглед и се надевам дека наскоро точно ќе утврдиме за каков тип станува збор“, изјави Министерот за одбрана Димитар Стојанов.
Тој додаде дека бугарската Државна агенција за национална безбедност издала инструкции до сите надлежни институции да ја засилат безбедноста на стратешките локации. Антидронските системи биле активирани таму каде што има такви капацитети.
Според министерот за одбрана, дронот најверојатно носел значително количество експлозив, со оглед на јачината на експлозијата и столбот црн чад.
Стојанов објасни дека ваквите дронови тешко се откриваат поради нивната мала големина и ниската височина на лет.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Дрон влегол во бугарскиот воздушен простор и…
Дрон влегол во воздушниот простор на Бугарија…
Бугарија, Романија и Шпанија потпишаа договор за…
Бугарија, Романија и Шпанија потпишаа трилатерален технички…
Грција и Бугаријa против „Мајка Македонија“ во…
Иницијативата за подигнување споменик „Мајка Македонија“ во…
Македонија доби 149 милиони евра грант за…
Со денешното потпишување на договорот за инвестициски…
Купувале коли за цена на велосипед: Бугарија…
Бугарија, како и Холандија, се дел од…