Сојузни држави ја тужат Мета: Оштетата би можела да достигне 1,4 трилиони долари
Мета, која има милијарди корисници ширум светот, оваа недела ќе се брани од колективни обвинувања на американски сојузни држави дека им нанесела штета на децата, на судење во САД кое правниците го споредуваат со некогашното големо судење што ја удри моќната американска тутунска индустрија.
Откако група сојузни држави во 2023 година ја тужеше Мета за дизајнирање „зависнички“ апликации, своите докази ќе ги изнесат четири држави: Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси. Мета „силно ги отфрла тие обвинувања и е уверена дека ќе ја докаже долгогодишната посветеност на поддршката на младите луѓе“, изјави портпаролот на компанијата за АФП.
Иако ова не е прво судење на некоја социјална мрежа за нанесување штета врз менталното здравје и безбедноста на децата, ова најново судење би можело да има далекосежни последици. „Многу наликува на судењата на тутунската индустрија од деведесеттите години“, изјави Винсент Џоралемон од Правниот центар при Универзитетот Беркли.
Истражувањата спроведени до деведесеттите години докажаа дека пушењето предизвикува здравствени проблеми како рак, а подоцнежните истраги открија дека производителите на цигари намерно го намалувале или го прикривале штетното и зависничко влијание на своите производи.
Поради тоа, повеќе американски сојузни држави ги тужеа големите тутунски компании, а до 1998 година беа постигнати нагодби кои вклучуваа огромни оштети и промени во рекламирањето на цигарите, особено во однос на децата кои индустријата ги таргетираше со ликови од цртаните филмови, од кои најпозната е камилата Џо Камел.
Изборот на поротата започнува денеска во Оукленд во близина на Сан Франциско, а изнесувањето на воведните зборови се очекува на 18 август. Како сведок е најавен и шефот на Мета, Марк Закерберг. Мета веќе е осудена на слични судења во Лос Анџелес и Њу Мексико и мораше да плати казни од речиси милијарда долари.
Во постапката во Оукленд државите бараат компанијата да плати до 1,4 трилиони долари, што е речиси целата пазарна вредност на Мета, која изнесува 1,5 трилиони долари. Во јули, Снап, ТикТок, Јутјуб и Мета се нагодија со школските власти во Кентаки.
Тогаш се согласија да платат 27 милиони долари за да избегнат 1.200 потенцијални тужби. Сојузниот апелационен суд завчера, во одвоен случај, потврди 3.000 обвиненија против Мета, Гугл, Снап и ТикТок.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Флорида го тужи ChatGPT: Обвинет е за…
Сојузната држава Флорида стана првата американска држава…
Мета отпушта 10 проценти од работните места,…
Компанијата Мета денес ги информираше вработените дека…
„Мета“ избриша над половина милион профили во…
Технолошката компанија Meta соопшти дека деактивирала повеќе…
Управниот суд ја отфрли тужбата на Левица…
Управниот Суд, на седницата одржана на 6…
Судот одби дел од тужбата на Левица…
Основниот граѓански суд Скопје, на 3 октомври…