МФ воведува построги проверки за лиценците за игри на среќа: Ќе се проверуваат репутацијата и потеклото на парите
Министерството за финансии донесе нов Правилник со кој се заоструваат условите и контролите при издавањето лиценци за приредување игри на среќа.
Правилникот ги утврдува критериумите и потребната документација за проверка на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата на правните и физичките лица кои аплицираат за лиценци за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип.
Со новите правила, барателите ќе треба да достават документација со која ќе докажат дека ги исполнуваат условите за добра репутација. Меѓу другото, ќе се проверува дали на лицата им биле изречени санкции за забрана за вршење професија, забрана за приредување игри на среќа или други мерки кои би можеле да бидат релевантни за нивното учество во оваа дејност.
Посебно внимание е посветено на потеклото на средствата што се вложуваат во основната главнина. Министерството за финансии ќе врши проверки преку банкарски извештаи, договори и финансиски биланси, со цел да се утврди непрекинат траг на движењето на парите – од нивниот извор до нивното вложување во друштвото.
Правилникот ги опфаќа и процедурите при промена на сопственичката структура, промена на основната главнина, како и при именување членови во органите на управување и надзор.
Од Министерството за финансии посочуваат дека новите правила се дел од мерките предвидени со новиот Закон за игрите на среќа, донесен во јуни годинава. Како новина, со законот е воведено оценување на репутацијата на содружниците и соработниците на друштвата со лиценци, како и на членовите на органите на управување и надзор.
Целта на овие мерки е зајакнување на контролата во секторот и намалување на ризиците од перење пари и финансирање на тероризам.
Новиот Закон за игрите на среќа има за цел воспоставување посовремена, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област, а новиот Правилник е еден од подзаконските акти со кои неговите одредби се спроведуваат во пракса.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МФ воведува построги проверки за лиценците за…
Министерството за финансии донесе нов Правилник со…
Надоместоци исплаќани без критериум, пропусти во трошоците:…
Државниот завод за ревизија изрази мислење без…
Норвешка одвојува околу 40 милиони евра за…
Норвешка одвојува 425 милиони норвешки круни (околу…
Левица: Владата троши, народот штети – Фискална…
Во Собранието пристигна Предлог-ребалансот на Буџетот за…
Путин ги отвори игрите на БРИКС: Учествуваат…
Рускиот претседател Владимир Путин ги прогласи за…