Гаши повика на дијалог со опозицијата за надминување на собраниската блокада
Првата координација пред почетокот на новата собраниска сесија се одржа денеска, а претседателот на Собранието, Африм Гаши, најави дека до крајот на септември ќе се одржат најмалку четири пленарни седници.
Две седници веќе се закажани за 2 и 11 септември, а според најавите, до крајот на месецот би требало да се одржат уште две.
Еден од главните предизвици за пратениците останува гласањето на законите за кои е потребно мнозинство според Бадентер. Гаши на брифинг со новинарите рече дека сите овие законски решенија ќе бидат ставени на дневен ред и на гласање, но не можел да предвиди каков ќе биде исходот поради процедуралната блокада од страна на опозициската ДУИ.
Меѓу законите за кои е потребен Бадентер се оние поврзани со правичната застапеност, високото образование, локалната самоуправа и други прашања од особен интерес.
„Ова прашање има повеќе политичка димензија отколку процедурална. Во својство на претседател на Собранието се обидувам да ги преземам сите мерки. Јас сум во контакт со сите пратенички групи и се обидуваме да дојдеме до решение. Ако прашањето навлегува во политичката сфера, тогаш се разговара на друго политичко ниво. Се согласувам дека ова прашање треба да се реши, но им оставам на политичките актери да го решат“, рече Гаши.
На прашањето дали лидерска средба би можела да помогне во надминување на проблемот, тој не даде конкретна проценка, но нагласи дека секогаш се залага за разговор и дијалог.
„Не можете да најдете решение ако не седнете да разговарате“, порача претседателот на Собранието, додавајќи дека дијалогот треба повеќе да се применува како дел од политичката култура, особено во односите со опозицијата.
На денешната координативна средба присуствувал и заменик-координаторот на пратеничката група на ДУИ, но, според Гаши, немало најава дека повторно ќе има блокада од страна на нивните пратеници.
„Тоа не е блокада, туку злоупотреба на Деловникот, но ќе видиме како ќе реагираат“, рече Гаши.
Во однос на можноста за предвремени парламентарни избори доколку продолжи блокадата, Гаши посочи дека избори би имало само доколку 61 пратеник донесе одлука за распуштање на Собранието.
Тој нагласи дека се залага за одржување редовни парламентарни избори и дека нема да дозволи, како што рече, злоупотреба на Деловникот да биде причина за предвремено распуштање на Парламентот.
„Не треба една злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и за неа може да се решава и на друго ниво“, истакна Гаши.
Претседателот на Собранието најави и дека наскоро во Парламентот треба да пристигне законско решение поврзано со барањето правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик.
Во однос на уставните измени, Гаши рече дека нема информации за нов моментум, но посочи дека Собранието е подготвено навремено да ги донесе законите поврзани со Реформската агенда, како и да постапи доколку биде донесена одлука за уставни измени.
Во следните месеци, пак, пристапот до околината на Собранието ќе биде отежнат поради градежните активности поврзани со изградбата на паркинг за пратениците и вработените.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Гаши повика на дијалог со опозицијата за…
Првата координација пред почетокот на новата собраниска…
(Видео) Нетанјаху се фали дека ги вовлекол…
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи,…
Пленковиќ: Русија нема да ја запре војната…
Русија не покажува знаци дека ќе ја…
Грчките земјоделци со трактори ќе протестираат во…
Грчките земјоделци најавија нов протест на 5…
Во руски напади уништени 12 милиони книги…
Руските ракетни и напади со дронови уништија…