Филипче: Тажен почеток на училишната година, 3000 првачиња помалку – ВМРО-ДПМНЕ: Да погледнат 6 години кога беа власт, водеа антисемејни политики

t

Почетокот на новата учебна година повторно отвори политичка дебата за демографските трендови, иселувањето и состојбата во образованието. Од СДСМ обвинија дека намалениот број првачиња и затворањето училишта се последица на политиките на актуелната Влада, додека од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека причините треба да се бараат во периодот кога на власт беше СДСМ.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денешниот почеток на учебната година го оцени како еден од најтешките досега, посочувајќи дека годинава има околу 3.000 првачиња помалку во споредба со минатата година. Според него, бројот на запишани првачиња се намалил од 17.900 на околу 14.900 ученици.

Филипче посочи и дека годинава има 433 паралелки помалку, како и 26 затворени училишта, оценувајќи дека бројките се показател за, како што рече, лошите политики на Владата предводена од Христијан Мицкоски.

Од СДСМ сметаат дека покрај демографските движења, намалувањето на бројот на ученици е поврзано и со иселувањето на семејствата, економските услови, животниот стандард и недоволната поддршка за младите.

Филипче најави дека СДСМ повторно ќе поднесе во Собранието законско решение за зголемување на минималната плата на 600 евра, со субвенционирање на придонесите за приватните компании за разликата од зголемувањето.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрлија обвинувањата и порачаа дека Филипче треба да погледне шест години наназад за да ја најде причината за намалениот број првачиња.

Според владејачката партија, состојбата е резултат на политиките на претходната Влада предводена од СДСМ и Зоран Заев, во која Филипче беше министер.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека демографијата има најголемо влијание врз намалувањето на бројот на ученици во прво одделение, при што проценуваат дека таа учествува со околу 90 проценти, додека како дополнителен фактор го посочуваат иселувањето.

Од партијата додаваат дека актуелната Влада презема мерки за подобрување на состојбата и животниот стандард, а како пример ја наведуваат мерката за намалување на цените на училишниот прибор, која, како што велат, се спроведува трета година по ред.

ВМРО-ДПМНЕ порача дека демографските проблеми не можат да се решат за краток период и дека за две години, како што наведуваат, „чуда не се прават“, но оти Владата активно работи на подобрување на животниот стандард и условите за живот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Филипче: Тажен почеток на училишната година, 3000…

Почетокот на новата учебна година повторно отвори…

ВМРО-ДПМНЕ: СДС е на иста линија со…

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозициската СДС дека со…

Коцевски: Над 18 милијарди денари за општините,…

Над 18,4 милијарди денари од унгарскиот кредит…

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и талогот на СДС повторно…

Талогот на СДС и Венко Филипче продолжуваат…

Лефков: Национален дата центар е и обврска…

СДС и Венко Филипче секојдневно критикуваат кога…