Објавено на:

САД констатираа дека Бугарија прикрива руски хибридни напади

t

САД констатираа дека Бугарија не се бори против, туку прикрива руски хибридни напади и дезинформации. Во извештај на Истражувачката служба на Конгресот на САД се наведува дека пред парламентарните избори во земјата во април 2026 година, Бугарија била една од најранливите информативни средини во ЕУ на злонамерни недемократски манипулации.

Во извештајот се анализираат постапките на бугарските власти во однос на руските напади, при што тие се споредуваат со реакциите на властите во Романија и другите европски земји. Додека европските држави не се воздржуваат да ја обвинат Русија и да презентираат докази за тоа, Бугарија во повеќето случаи се повлекува, ги признава инцидентите, но не го посочува извршителот или нарачателот.

Хибридните воени активности на Кремљ вклучуваат саботажи, убиства, нарушувања на воздушниот простор, попречување на GPS-сигнали, прекинување и оштетување на критична подводна инфраструктура, сајбернапади, користење на миграцијата како оружје и мешање во политиките на други земји.

Европски претставници ја обвинуваат Русија и за манипулирање со информации со цел влијание врз изборните кампањи, корумпирање европски политичари и незаконско финансирање на политички кампањи во повеќе европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Полска, Црна Гора, Бугарија и Молдавија.

Романија и Бугарија беа цел на DDoS-напади кои им се припишуваат на проруски хакерски групи. Според извештаите, сајбернападите биле насочени кон системи поврзани со изборите, владини системи и критична инфраструктура. Реакцијата на бугарските власти, сепак, значително се разликува од онаа на нивните европски партнери.

Романските и бугарските власти, на пример, забележуваат сè повеќе случаи на попречување на GPS-сигналите во Црното Море. Во 2023 година, медиумите го цитираа тогашниот началник на Генералштабот на романската одбрана, кој директно ја обвини Русија дека „активно и континуирано“ ги попречува GPS-комуникациите во романските територијални води во Црното Море.

За разлика од него, бугарски претставници во одбраната попречувањето го припишуваат на „радиоелектронски системи за борба“, но одбиваат да ја посочат страната која стои зад тоа.

Во 2025 година, романските разузнавачки служби соопштија дека спречиле саботажа насочена кон критична инфраструктура и го поврзале осомничениот со „широка мрежа на саботери насочени кон европски држави, контролирани преку посредници од руските тајни служби“.

Во тековна кривична постапка, двајца украински државјани, осомничени дека биле регрутирани и раководени од руското разузнавање, се обвинети за обид да изведат серија експлозии во рамките на ЕУ преку украинската курирска компанија „Нова пошта“ во Букурешт. Обвинителите го поврзале случајот со поширок заговор кој опфаќал и цели во Полска.

И бугарската одбранбена индустрија можела да биде цел на операции за саботажа поврзани со Русија. Сепак, бугарските власти избегнуваат да ја посочат Русија како веројатен нарачател.

Романија, која граничи со Украина, од 2022 година доживеала бројни нарушувања на својот воздушен простор од дронови. Според романското Министерство за одбрана, Русија од 2022 година извршила повеќе од 100 напади врз украински цели во близина на границата меѓу Украина и Романија.

Во контекст на овие напади, регистрирани се 29 неовластени навлегувања на руски дронови во воздушниот простор на Романија, како и бројни случаи на пронаоѓање остатоци од дронови на романска територија.

И во Бугарија редовно навлегуваат дронови, но бугарските власти никогаш не ја обвиниле Русија, иако дел од леталата очигледно биле руски.

Само еднаш премиерот Румен Радев и министерот за одбрана Димитар Стојанов свикале вонредна прес-конференција за да ја нападнат Украина поради дрон кој навлегол во бугарскиот воздушен простор, а за кој дури тврделе дека носел експлозив. Еден месец по инцидентот, бугарското Министерство за одбрана и Министерството за внатрешни работи не соопштиле дали тоа навистина било така.

Потоа неколку дронови биле пронајдени во Црното Море и на бугарските плажи, но од владата немало реакција.

Извештајот ја објаснува ситуацијата во Бугарија со долготрајната политичка нестабилност и поларизација во земјата и посочува на длабоко вкоренета инфраструктура за дезинформации, која произлегува од заробената држава, слабото спроведување на регулативите и ниската општествена отпорност.

Во документот се наведува и дека, во очекување на можна интервенција во изборите во 2026 година, бугарските власти преземаат мерки за спротивставување на дезинформациите и хибридните закани и бараат помош од Европската унија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

САД констатираа дека Бугарија прикрива руски хибридни…

САД констатираа дека Бугарија не се бори…

Македонските одбојкари денес против Бугарија: Комплетен распоред…

Македонската машка одбојкарска репрезентација денеска го започнува…

Канада го забрзува економското оддалечување од САД,…

Канада ќе ги забрза напорите за намалување…

Рубио: САД не сакаат ништо што би…

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави…

Честитка од Марко Рубио: САД се горди…

Американскиот државен секретар Марко Рубио упати честитка…