Алијанса за Албанците: Резултатите од ПИСА 2025 – црвен аларм за образованието

t

Резултатите од ПИСА 2025 покажуваат загрижувачка реалност за образовниот систем во Северна Македонија, каде што само 26% од учениците го достигнуваат основното ниво по читање, 32% по математика и 36% по природни науки, бројки кои се далеку под просекот на ОЕЦД. Уште позагрижувачки е фактот што ниту еден ученик не ги достигнува највисоките нивоа по читање и природни науки, додека по математика само 1% ги достигнува овие нивоа, во споредба со просекот на ОЕЦД од 8%, се вели во соопштението од Алијанса за Албанците што МИА го пренесува интегрално.

Оправдувањето на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, дека нејзината Влада дошла на власт само шест месеци пред тестирањето е неприфатливо. Таа раководи со Министерството за образование од 2024 година, што е доволно време за конкретни реформи. Јазот меѓу учениците со високи и ниски резултати се продлабочил токму во периодот 2022–2025 година.

Алијанса за Албанците бара од Министерството за образование и наука итен и конкретен план за подигнување на квалитетот на наставата, особено во училиштата со послаби резултати, целосна транспарентност за преземените мерки и сериозен пристап кон проблемите идентификувани од ПИСА.

Во моментов, како опозициски политички субјект, сметаме дека е неопходна соработка со опозицијата, со експертите од областа на образованието и со академската заедница, со цел реформите во образованието да не зависат од политичките бои на секоја нова влада, туку да се градат врз консензус и континуитет.

Потребни се конкретни мерки, а не ветувања за една деценија подоцна, како и еднаш засекогаш откажување од политизацијата и партизацијата на образовниот сектор – при именувањата, вработувањето на наставници, учебниците и распределбата на средствата – за одлуките да се носат врз основа на заслуги и реалните потреби на учениците.

Образованието не прифаќа оправдувања ниту десетгодишно чекање. Секоја изгубена година во однос на квалитетот на образованието трајно ѝ нанесува штета на цела генерација ученици.

Алијанса за Албанците

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Алијанса за Албанците: Резултатите од ПИСА 2025…

Резултатите од ПИСА 2025 покажуваат загрижувачка реалност…

ПИСА 2025: Македонија под меѓународниот просек —…

Резултатите од меѓународното тестирање ПИСА 2025, коишто…

Просечна оценка од државната матура е 3,66,…

Просечната оценка од полагањето на матурата во…

Јаневска најави можно затворање на универзитети во…

Министерката за образование Весна Јаневска најави можно…

Аларм во Просветен инспекторат: Каде е и…

Извори на Инфомакс алармираат за неправилности во…