Објавено на:

Трамп пак со истото ветување: 5.000 долари на секој возрасен Американец ако републиканците победат среднорочните избори

t

Во неделата, Доналд Трамп повторно го потврди своето контроверзно ветување дека ќе им додели „дивиденда“ од 5.000 долари на возрасните граѓани на САД, доколку неговата Републиканска партија ја задржи контролата врз Конгресот по ноемвриските избори на средината на мандатот, јави денеска „Гардијан“.

Планот наиде на неверување низ целиот американски политички спектар, како и на гневни обвинувања за обид за поткуп на гласачите. Овој план – кој би чинел повеќе од еден трилион долари – доаѓа и во време на голема загриженост поради американскиот државен долг, кој во август за првпат ја надмина границата од 40 трилиони долари.

„Не знам, но лесно е изводливо ако победат републиканците. По 5.000 долари за сите возрасни лица во земјата – тоа лесно можеме да го покриеме бидејќи прибираме огромни суми пари“, им рече Трамп на новинарите во Ирска, каде што беше во посета на еден терен за голф.

Кога го прашаа дали Конгресот ќе треба да го одобри ветувањето за 5.000 долари, Трамп продолжи: „Демократите не можат да го дадат тоа ветување бидејќи сè веднаш би отишло по ѓаволите, би западнале во депресија… Јас го дадов тоа ветување и секогаш си го исполнувам ветувањето“.

САД имаат приближно 240 милиони возрасни граѓани, што укажува на трошок од 1,2 трилиони долари. Федералната влада потрошила околу 7 трилиони долари во фискалната 2025 година, при што околу 2 трилиони долари биле покриени преку задолжување.

Кога Трамп првпат го претстави планот минатата недела на митинг во Тексас, Марк Голдвајн од Комитетот за одговорен федерален буџет напиша на платформата X: „Резултатот би бил огромен скок на дефицитот и, речиси сигурно, на стапката на инфлација“.

Демократските политички лидери исто така реагираа со мешавина од гнев, неверување и осуда на овој необичен предлог, кој доаѓа во време кога Трамп се соочува со слаб рејтинг во анкетите и со катастрофален конфликт во Иран, што влијае врз состојбата на американската економија.

„Откако ве направи поболни и посиромашни со својата војна, Доналд Трамп сега сака да го купи вашиот глас со 5.000 долари – крвави пари финансирани од даночните обврзници“, изјави гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом. „Најкорумпираниот човек што некогаш ја извршувал функцијата во Овалната соба.“

Сепак, некои републиканци ја поддржаа идејата. „Ќе подготвам закон за да можеме да ја усвоиме дивидендата на Трамп веднаш по изборите на 3 ноември“, рече американскиот сенатор Берни Морено, републиканец од Охајо, во објава на социјалните мрежи на X.

Секое такво плаќање ќе треба да биде одобрено од Конгресот, а во неделата Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом и републиканец од Луизијана, изјави за CNN: „Секако, ѓаволот е во деталите. Мораме да го решиме сето тоа.“

Но, демократските политичари во неделните утрински ток-шоуа во САД ја отфрлија идејата. Хаким Џефрис, лидерот на малцинството во Претставничкиот дом, изјави за емисијата „Оваа недела“ на ABC дека планот не е „сериозен предлог“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Трамп пак со истото ветување: 5.000 долари…

Во неделата, Доналд Трамп повторно го потврди…

Почна примената на „Безбеден град“ во подрачјето…

Системот „Безбеден град“ започна со примена и…

Трамп: Би сакал да видам обединета Ирска,…

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја изрази…

Зеленски: Русија за една недела лансираше 2.100…

Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска изјави…

Помалку летови и поскапи билети? „Виз ер“…

Европскиот пазар на евтини авионски летови влегува…