Роди трето дете, добиј поврат на данок до 18 години- нова даночна поволност за вработените мајки

t

Вработена мајка која ќе роди трето дете би можела да добива назад 100 проценти од данокот на личен доход што го плаќа од својата плата, и тоа секоја година до полнолетството на детето. Тоа е најзначајниот дел од предлог-законот за дополнување на Законот за данокот на личен доход, со кој се предлага нова даночна поволност за вработените мајки. Предлогот предвидува различно времетраење на повратот во зависност од бројот на децата. Предлагач на законот е независниот пратеник Миле Цеков, а пратениците треба да го кажат последниот збор дали ќе изгласаат ваква регулатива. За мајка на првородено дете правото би траело 12 месеци по истекот на отсуството поради бременост, раѓање и родителство. За второродено дете повратот би се добивал 24 месеци, додека за третородено и секое следно дете би траел сè до навршување на 18 години на детето.

Тоа значи дека кај третото дете мерката би можела да се користи во текот на најголем дел од детството – потенцијално 18 календарски години. Клучно е што државата не предлага фиксен месечен надоместок. Мајката би го добивала назад токму данокот на личен доход што претходно го платила од својот доход од работа. Затоа износот не би бил ист за сите мајки. Мајка со пониска плата би добивала помал поврат, додека мајка со повисока плата би добивала поголем износ, бидејќи и платениот данок е поголем. На пример, ако за одредена плата платениот данок на личен доход изнесува просечно 1.500 денари месечно, повратот би бил околу 18.000 денари годишно. Ако месечниот платен данок е 2.500 денари, годишниот поврат би изнесувал околу 30.000 денари.

Овие пресметки се илустративни и не претставуваат официјално утврден износ на поврат, бидејќи реалната сума ќе зависи од платата, даночната основа, даночното намалување и промените во приходите на мајката во текот на 18-годишниот период.

Што предвидува предлог-законот?

Во предложениот нов член 11-а се наведува дека даночен обврзник – мајка која е во работен однос и користела отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство, би имала право на поврат на платениот данок на личен доход по основ на доход од работа. За првородено дете се предлага поврат во висина од 100% од платениот данок на личен доход за период од 12 месеци, за второ поврат за период од 24 месеци, а најголемата поволност е предвидена за третото и секое следно дете до навршување на 18-годишна возраст на детето.

Мајките нема да поднесуваат барање

Една од предвидените олеснителни околности е тоа што мајката, според предлогот, не би требало сама да поднесува посебно барање. Правото би се остварувало по службена должност преку Управата за јавни приходи. УЈП би ги користела податоците за остварениот доход од работа, платениот данок на личен доход и податоците за родените деца.
Според предложеното решение, УЈП би го утврдувала износот за поврат за секоја календарска година. Парите би се исплаќале на трансакциската сметка на мајката најдоцна до 30 јуни во тековната година, за данокот на личен доход платен во претходната година. Најголем апсолутен поврат би имале мајките со повисоки примања, додека кај мајките со пониски плати повратот би бил помал.

Во образложението на предлог-законот се наведува дека целта е да се обезбеди дополнителна финансиска поддршка за вработените мајки, без воведување нов директен надоместок од Буџетот.
Предлагачите сметаат дека со тоа би се зголемил расположливиот доход на семејствата со деца и би се намалил финансискиот товар врз родителите. Воедно, се очекува мерката да помогне во усогласувањето на професионалниот и семејниот живот и да има позитивен ефект врз демографската политика.

Меѓутоа, суштината на мерката е во тоа што дел од данокот што инаку би останал приход на државата би бил вратен кај корисниците. Затоа, од финансиски аспект, мерката би значела намалување на приходите од данокот на личен доход за износот што ќе биде вратен на мајките.

Надомест за трето дете, обид за зголемување на наталитетот

Во земјава до пред седум години се исплаќаше месечен родителски додаток за трето дете. Во својата првична форма траеше од 2009 година до мај 2019 година. Додатокот беше донесен со измените на Законот за заштита на децата во 2009 година. Целта на тогашната влада беше стимулирање на наталитетот преку долгорочна финансиска поддршка за многудетните семејства. Додатокот се исплаќаше секој месец во период од 10 години (120 месеци) за трето дете. Сумата изнесуваше околу 8.048 денари месечно.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Грчки остров ќе им дава по 3.000…

Општина Нисирос ќе им исплаќа еднократна помош…

13-ГОДИШНО ДЕТЕ СЕ БОРИ ЗА ЖИВОТ –…

Тринаесетгодишно дете се бори за живот откако…

Петгодишно дете паднало од блакон, итно пренесено…

Петгодишно дете се здобило со повреди откако…

Позитива на денот: Озан се родил на…

Во прегратките на своите родители, вчера по…

Педофил допирал по телото малолетна штитеничка од…

Вчера во 16.00 часот во СВР Скопје,…