Зеленски: Украина е подготвена за прекин на огнот во Црното Море
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска пред светските лидери во Обединетите нации дека Украина е подготвена за прекин на огнот во Црното Море, врз основа на предлозите од Египет, Индија и Турција, и порача дека сега се очекува одговор од Русија.
Зеленски зборуваше на самитот на Кримската платформа, што се одржа на маргините на годишното заседание на Генералното собрание на ОН, а во пресрет на седницата на Советот за безбедност посветена на руската војна во Украина, која влезе во петтата година.
Украина, која стравува дека Русија планира жестоки напади со ракети и со беспилотни летала врз енергетските и топлинските објекти во текот на претстојната зима, се залага за прекин на огнот што би ги опфатил и нападите врз енергетската инфраструктура и пловењето во Црното Море, посочува ДПА.
Зеленски истакна дека Египет, Индија и Турција предложиле опции за обновување на безбедното пловење на трговските бродови низ Црното Море, каде што транспортот на стока е речиси во прекин поради интензивните напади на двете страни врз бродовите и пристанишната инфраструктура.
– Го очекуваме одговорот на Русија. Украина е подготвена да обезбеди безбедна пловидба и прехранбена безбедност во Црното Море, доколку и Русија е подготвена да преземе вистински чекори кон деескалација. Од некаде мора да почнеме – изјави тој.
Најголемите увозници на пченица во Азија, на Блискиот Исток и во Африка, кои се зависни од црноморскиот регион, се соочуваат со тешкотии за обезбедување доволни количества, поради што цените на пченицата на светскиот пазар нагло пораснаа.
Украинскиот претседател вчера се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп и изјави дека разговарале и за прекин на огнот меѓу Русија и Украина во однос на енергетските објекти. Покрај тоа, Зеленски посочи дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на трилатерална средба со Трамп.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, по денешната средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, изјави пред новинарите дека и Русија и Украина изразиле интерес за ограничен прекин на огнот што би ги опфатил житото и енергетиката.
Кремљ засега јавно не ги поддржа овие предлози. Во пресрет на средбата меѓу Лавров и Рубио, од Кремљ соопштија дека нема услови за пошироки мировни преговори за Украина, но наведоа дека и понатаму се отворени за разговори.
„Засега нема предуслови за преоѓање кон мировен преговарачки процес, иако ние, како руска страна, остануваме отворени за мировни разговори“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ердоган: Турција е единствената што може директно…
Турција е единствената што може директно да…
Зеленски ќе се сретне со Трамп за…
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потврди дека…
Зеленски: Нè очекуваат уште две тешки офанзиви
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за…
Зеленски: Украина очекува фонд од 2,9 милијарди…
Финансискиот аранжман познат како Листа на приоритетни…
Зеленски до Трамп: Покажете јасен став и…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика Доналд…