„Тешко е да се живее со депресија“ – искрени сведоштва од пациентите на Психијатрија

t

„Тешко е да се живее со депресија“, „Сакам другите да ме разберат“ и „Проблемите со менталното здравје се исти како и сите други здравствени проблеми“ се дел од пораките што пациентите од Универзитетската клиника за психијатрија ги упатија до јавноста по повод Светскиот ден на менталното здравје, 10 октомври.

Преку анонимни сведоштва, пациентите ги споделија своите чувства, секојдневни предизвици и желби, со надеж дека ќе има повеќе разбирање и помалку предрасуди кон луѓето кои се соочуваат со психички потешкотии.

„Колку и да сум стабилен, или да личам стабилен, внатрешно ништо не е променето“, гласи една од пораките, која ја опишува невидливата борба со која дел од пациентите живеат секојдневно.

Други пораки се насочени кон потребата менталните нарушувања да се прифаќаат како и секоја друга здравствена состојба, без стигма и осуда.

Сведоштвата се дел од кампањата што годинава се спроведува под мотото „Лични искуства: вистински гласови, вистински промени“.

Од Клиниката за психијатрија велат дека целта е пациентите да добијат простор да зборуваат за сопствените искуства, а нивните приказни да помогнат во намалувањето на стигмата поврзана со менталното здравје.

Директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова, посочува дека личните сведоштва можат да имаат големо значење и за други луѓе кои се соочуваат со слични проблеми.

Според неа, едно од најтешките чувства е уверувањето дека човек е сам во својата состојба и дека никој друг не поминува низ истото.

Токму затоа, слушањето туѓи искуства може да помогне во надминувањето на чувството на осаменост и да ги охрабри луѓето навреме да побараат стручна помош.

Арсова нагласува дека менталните потешкотии не ја намалуваат вредноста на човекот и дека секој може да дојде во период од животот кога ќе му биде потребна психолошка или психијатриска поддршка.

Од Клиниката порачуваат дека барањето помош не е слабост ниту причина за срам, туку важен чекор кон подобрување на состојбата.

Кампањата ќе продолжи и во наредниот период, со цел да се слушнат што повеќе лични приказни и да се поттикне поголема свест за менталното здравје.

Главната порака е дека зад секоја дијагноза стои човек кој заслужува почит, достоинство, разбирање и соодветна здравствена грижа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Тешко е да се живее со депресија“…

„Тешко е да се живее со депресија“,…

ВМРО-ДПМНЕ: Мастер-планот на Филипче е да дојде…

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на ставовите на лидерот на…

Зеленски го осуди договорот на Трамп со…

Володимир Зеленски ја осуди објавата на Доналд…

Над 300 милиони луѓе во светот немаат…

На 10 октомври секоја година се одбележува…

Приведени директори и вработени во Национални шуми,…

Директор на подружница на ЈП „Национални шуми“…