Маѓар смета дека децата подобро да растат со истополови родители отколку во домови
Унгарскиот премиер Петер Маѓар најави промени во правилата за посвојување деца од самци, оценувајќи дека за ваквите одлуки треба да одлучуваат стручни лица, а не политичари. Тој истовремено изјави дека е претпазлив во однос на истополовите бракови, кои не се дозволени во Унгарија, но смета дека за едно дете е подобро да расте со истополови родители отколку во дом за деца.
Во интервју за финскиот весник „Хелсингин Саномат“, Маѓар посочи дека неговата должност како премиер е да ги претставува сите унгарски граѓани, вклучително и припадниците на сексуалните малцинства. Тој оцени дека станува збор за чувствителни прашања за кои е потребна голема одговорност.
Во Унгарија, истополовите парови можат да регистрираат партнерство, но не и да склучат брак. Тие не можат ниту заеднички да посвојат дете, бидејќи законот не им ја дозволува таа можност на регистрираните партнери.
До измените на законодавството во 2020 година, едниот партнер во истополов пар можел да поднесе барање за посвојување како самец. По промените, кои почнале да се применуваат во 2021 година, посвојувањето вообичаено е дозволено за брачни парови, додека самците мора да добијат посебна согласност од министерот надлежен за семејната политика.
Бидејќи истополовите парови не можат да склучат брак, партнерот што сака да посвои дете мора да поднесе барање како самец и да ја добие потребната согласност. Според Маѓар, овој систем треба да се промени, а одлуките за посвојување да ги носат стручни лица врз основа на процената на конкретниот случај.
„Не треба министер или политичар да одлучува во такви случаи, туку стручни лица“, изјави тој.
Маѓар најави и дека една од главните задачи на неговата влада ќе биде изработката на нов устав. Според неговите процени, процесот би можел да трае најмалку една година, по што граѓаните би се изјасниле на референдум. Тој најави и ограничување на овластувањата на премиерот, нагласувајќи дека не сака неговата десноцентристичка партија Тиса да стане како Фидес на Виктор Орбан.
Во односите со Украина, унгарскиот премиер најави постепено обновување на врските и средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски следната недела во Брисел. Сепак, повтори дека Унгарија нема да испраќа оружје за Украина, ниту ќе дозволи негов транзит преку унгарска територија.
Маѓар зборуваше и за намалување на зависноста на Унгарија од руските енергенси, но нагласи дека тоа не може да се постигне преку ноќ. Тој спомена и договор со Европската Унија што би ѝ овозможил на земјата пристап до европските средства.
Унгарскиот премиер ги отфрли и тврдењата дека влијае врз истрагите за корупција од периодот на владеењето на Орбан, наведувајќи дека за нив не знае повеќе од кој било друг граѓанин.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Маѓар смета дека децата подобро да растат…
Унгарскиот премиер Петер Маѓар најави промени во…
„Во улога на бугарски амбасадор и на…
„СДС и Венко Филипче, наместо на гласот…
Михаилова побегнала во Бугарија?
Ива Михаилова, жителка на Кочани со македонско…
Калас: Сигурна сум дека ако Русија ја…
Сигурна сум дека ако Русија ја заврши…
Најмногу дожд во Тетово, најстудено на Попова…
Најмногу дожд изминатите 24 часа има наврнато…