Илјадници млади на улиците во Италија и Албанија
Илјадници студенти и средношколци излегоа на улиците во Италија и Албанија, каде што антивладините протести ескалираа во судири со полицијата. Демонстрантите бараат поголеми вложувања во образованието, подобри перспективи за младите и политички промени.
Во Италија, протестите се одржаа во повеќе градови, меѓу кои Рим, Торино, Болоња и Фиренца. Во Торино, демонстрантите фрлаа камења, јајца и пиротехнички средства кон полицијата, која одговори со водени топови и солзавец.
Младите извикуваа пароли со кои бараа повеќе пари за училиштата и универзитетите, а помалку средства за вооружување и воени цели. Во Рим, дел од демонстрантите фрлаа пиротехнички средства кон зградата на Министерството за образование, додека протестниот марш се одвиваше под слоганот „Ден без Мелони“.
Во Болоња, околу илјада студенти учествуваа во протестот, при што сообраќајот беше блокиран на неколку локации. Кај железничката станица дојде до краток судир со полицијата, откако демонстрантите фрлаа шишиња и активираа димни бомби. Во Фиренца, околу 2.000 студенти протестираа со транспарент на кој пишуваше: „Ако ни ја одземете иднината, ќе ви ја блокираме сегашноста“.
Инциденти беа пријавени и во Верона, каде што група студенти запалила контејнери во близина на стручно училиште. Десет студенти биле испрашувани во врска со настанот.
Протестите се проширија и низ Албанија
Во Албанија, студентите и средношколците четврти ден по ред протестираа против владата на премиерот Еди Рама. Демонстрациите, кои започнаа во Тирана, се проширија и во други градови, каде што беа регистрирани судири со полицијата и оштетување на јавен имот.
Во главниот град, демонстрантите маршираа кон Министерството за образование, барајќи промени и оставка од Рама. Полицијата употреби солзавец против насобраните пред институцијата.
Насилство беше регистрирано и во Корча, каде што демонстрантите запалија контејнери и фрлаа предмети кон полицијата. Во Лежа, за време на судирите, едно лице ја изгубило свеста, а две девојки биле повредени, според медиумските извештаи.
Протести имаше и во Поградец, Валона и Елбасан. Во Камза, средношколците повторно ја бојкотираа наставата и се обидоа да тргнат кон Тирана за да им се приклучат на демонстрантите, но полицијата го запрела нивниот марш.
Младите извикуваа пароли со кои бараа оставка од премиерот, а дел од нив упатија критики и кон опозицискиот лидер Сали Бериша. Протестите во двете земји ја одразуваат незадоволството на младите, кои бараат подобри услови за образование и поголема одговорност од политичките власти.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Илјадници млади на улиците во Италија и…
Илјадници студенти и средношколци излегоа на улиците…
(Видео) Хаос во Албанија: Горат министерства и…
Албанија трет ден се соочува со масовни…
Катастрофа во Албанија: угинаа тони риби по…
Еколошка катастрофа се случи во градот Љушња…
Хаос во Италија поради одлуката на синџир…
Одлуката на енергетскиот гигант Ени предизвика голема…
Уапсена шефицата на албанската тајна служба, Влора…
Директорката на албанската разузнавачка служба Шиш, Влора…