АЛТА БАНКА има преку 30 милиони евра ликвиден капитал и 90.000 штедачи – Продажба е едно од можните решенија
Продажба на Алта Банка А.Д Битола на нов инвеститор е едно од можните решенија, сметаат експертите, откако во регионот и во Македонија се отвори дебата за опстанокот на банката поради проблемите кои ги има истата во соседна Србија.
НБРМ вчера донесе одлука за привремено преземање на Алта Банка, додека, како што вели Гувернерот Славевски, да се промени сопственоста.
– „Воведувањето администрација во банката е заштитна мерка од времен карактер – не значи затворање на Банката, стечај или одземање на дозволата за работа. „АЛТА банка АД Битола“ е ликвидна, високо капитализирана и со солиден квалитет на кредитното портфолио. Работењето на Банката продолжува под непосреден супервизорски надзор на Народната банка, со привремени ограничувања.“ – објасни Гувернерот на социјалните мрежи.
Постојат различни инструменти за справување со банка која има сериозни финансиски проблеми. Тоа може да биде докапитализација, продажба на квалификувано учество, пренос на одредени активности и средства и обврски на друга банка, реструктурирање или, кога нема одржливо решение, стечај, вели за Инфомакс поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски.
Миноски ги објаснува процедурите за купување на банка во Македонија, како и условите кои инвеститорот мора да ги обезбеди.
– Купувањето има специфики од причина што банката управува со средствата на граѓаните и компаниите, учествува во платниот промет и има значајна улога во обезбедување на финансиската стабилност на една државата. Затоа процесот е строго пропишан. Согласно Законот за банките, за да се стекне квалификувано учество во банка е потребна претходна согласност од Народната банка. За да се добие таа согласност треба да направи соодветна проценка на ризик и да се оценат повеќе критериуми, како што се:
• Кој е вистинскиот сопственик и кој ја контролира инвестициската структура?
• Какво е потеклото на средствата со кои се купува банката?
• Дали инвеститорот има финансиски капацитет да ја финансира аквизицијата и долгорочно да ја поддржува банката?
• Дали има добра репутација и дали постојат ризици од перење пари или други незаконски активности?
• Дали предложената сопственичка и управувачка структура е транспарентна?
• Дали со преземањето ќе се загрози стабилноста на банката или на финансискиот систем?
Доколку инвеститорот формално ги исполнува условите, но во постапката се утврдат факти што укажуваат на ризици за финансиската стабилност, потеклото на капиталот или интегритетот на сопственичката структура, Народната банка може да го одбие барањето, вели Миноски.
Според поранешниот министер, има простор за консолидација и едно од решенијата е продажба на банката на нов и кредибилен, стабилен инвеститор.
– Банкарскиот пазар во Македонија има простор за консолидација, а постојат и регионални и меѓународни финансиски институции кои можат да бидат заинтересирани за влез или проширување на своето присуство.
Потенцијалниот инвеститор мора да има капитал, искуство, кредибилитет, јасна сопственичка структура и долгорочна стратегија.
Во конкретниот случај, настаните во Србија дополнително ја усложнуваат ситуацијата. Ако се отвори стечајна постапка над доминантниот акционер, тоа создава дополнително правно и регулаторно прашање за неговото квалификувано учество во македонската банка.
Затоа, сметам дека продажбата на банката на нов, финансиски стабилен и кредибилен инвеститор може да биде едно од можните решенија. Но, тоа мора да биде транспарентен процес, без однапред фаворизирање на конкретен купувач.
Најважно е да се зачува вредноста на банката, да се обезбеди континуитет во нејзиното работење и да не се создаде дополнителна неизвесност кај депонентите.
– објасни Миноски.
На прашањето што го предизвика пропаѓањето на банката во Србија и дали шпекулациите на доскорешната опозиција, а сега власт, ја пропаднаа банката, Миноски смета дека банка не мое да пропадне само доколку лошо се зборува за истата.
- Она што засега е официјално потврдено е дека Народната банка на Србија на 31 октомври 2026 година ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, по претходни контролни активности со образложение, дека финансиската состојба на банката значително се влошила и постоел ризик од дополнително влошување, со што биле загрозени интересите на депонентите. Останува точно да се утврди што ја предизвикало таквата финансиска состојба и дали станува збор за енромни повлекувања и префрлања на пари.
Меѓутоа треба да се знае дека ниту една банка не пропаѓа само затоа што некој за неа зборува негативно. Ако банката има доволно ликвидност, капитал, квалитетни средства и соодветно управување со ризиците, таа треба да може да ги издржи и негативните пазарни очекувања.Токму тоа треба да го покаже истрагата и независната анализа на работењето на банката со соседствтвото
, вели Миноски.
Миноски не ја коментира постапката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа и додава дека има различни инструменти за справување со оваа ситуација, а колку ќе биде успешен моделот на НБРМ со привремено управување останува да видиме.
- Станува збор за различни состојби и не би сакал без доволно информации за да ја оценувам одлуката на Народната банка на Србија. Што се однесува до нашиот пример ќе почекаме да го видиме исходот на досега преземените мерки.
Треба да разбереме дека постојат различни инструменти за справување со банка која има сериозни финансиски проблеми. Тоа може да биде докапитализација, продажба на квалификувано учество, пренос на одредени активности и средства и обврски на друга банка, реструктурирање или, кога нема одржливо решение, стечај.
Но, сакам да нагласам една работа: заштитата на депонентите не е исто што и спасувањето на акционерите или на сопственикот на банката.Тоа се две сосема различни категории. Акционерите го преземаат ризикот од својата инвестиција, додека депонентите мора да имаат соодветна законска заштита, смета Миноски.
За состојбата се обративме и во Народната банка на Република Македонија, од каде нагласија дека..
Банката има околу 30 милиони евра ликвидни средства и околу 90.000 штедачи, дознава Инфомакс. Ова го потврди и гувернерот на НБРМ, Трајко Славевски кој во својата објава на социјалните мрежи каде објасни дека банката е ликвидна и со доволно капитал.
За официјални информации се обративме и до Народната банка на Република Македонија, но до овој момент немаме добиено одговор.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
АЛТА БАНКА има преку 30 милиони евра…
Продажба на Алта Банка А.Д Битола на…
НБРМ презеде контрола врз Алта банка во…
Народната банка воведе привремена администрација во Алта…
Одамна заслуживме да бидеме во ЕУ, но…
Досието на Македонија е многу сложено, но…
Мицкоски од Самитот во Црна Гора: Очекувам…
Премиерот Христијан Мицкоски очекува силни пораки за…
Македонија со седум борачи на Светското првенство…
На предстојното сениорско Светско првенство во борење,…