Родителите на загинатите во „Пулс“ ќе достават барања до пратениците за институционална одговорност
Родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ ќе достават заклучоци до Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните и се надеваат дека пратениците ќе ги усвојат, речиси една година по одржувањето на расправата за катастрофата што се случи во Кочани и во која загинаа 63 млади, а повеќе од 200 беа повредени, објави „ТВ24“.
Со заклучоците од Здружението треба да се откочи Анкетната комисија која заглави откако нејзините членови не успеаја да се договорат чии заклучоци да поминат.
„На семејствата повеќе не им се потребни зборови, потребни се постапки. Јавно соопштете конкретен рок кога комисијата ќе биде оформена и ќе започне со работа. Нашите деца не беа политичари. Тие беа млади луѓе што излегоа да се забавуваат и требаше да се вратат дома, но 63 од нив не се вратија. Отворете ги прашањата пред јавноста. Ако нема што да се крие – зошто сè уште нема анкетна комисија? Вистината не смее да зависи од политички договор ниту одговорноста да има партиска боја. Тоа им го должиме на нашите деца, на преживеаните и на секое дете што утре ќе влезе во јавен објект со доверба дека државата ја завршила својата работа. 16 март никогаш повеќе не смее да се повтори. Оформете ја анкетната комисија сега!“, напишаа родителите.
Тие ги потсетуваат сите пратеници дека анкетната комисија не е суд, но мора да испита каде потфрлил системот и кој треба да понесе политичка одговорност. Иако најавуваа, од СДСМ досега не делегираа свои членови за анкетната, а се вадат со тоа дека чекаат допис од Гаши. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се на став дека прво треба да поминат заклучоците на Постојаната анкетна комисија на Димитар Апасиев, бидејќи не може паралелно да има две комисии што расправаат за Кочани.
Станува збор за 10 заклучоци во кои стои дека не бараат пресуда на улица туку бараат правда во судница, а од Собранието политичка и институционална одговорност. Потоа:
– Да се утврди дали надлежните институции биле запознаени со неправилностите, дали постоеле влијанија врз инспекциските контроли и зошто не биле преземени мерки за забрана на работењето, доколку постоеле законски основи. Клучното прашање е: Дали Пулс ќе работел на 16 март 2025 година доколку надлежните институции навремено и законито постапувале?
– Покрај ривичната одговорност од страна на надлежните правосудни органи, неопходно е Собранието да придонесе за утврдување на политичката, институционалната и функционерската одговорност, независно од партиската припадност и периодот на извршување на јавните функции. Во заклучоците се бара изготвување целосна хронологија на издадените дозволи, лиценци, инспекциски контроли и преземени или непреземени мерки.
– Да се идентификуваат институциите и одговорните службени лица, со цел да се утврди кој бил надлежен, кој знаел или бил должен да знае и кој евентуално не постапил согласно законските обврски.
-Да се преиспита целосно постапувањето на инспекциските и контролните органи, како и на полициските службеници пред и за време на трагедијата.
– Да се испитаат пропустите во контролата на објектот, присуството и постапувањето на полициските службеници и преземените мерки за заштита и евакуација на присутните. Се нагласува потребата сите истраги и судски постапки да се водат независно, непристрасно, темелно и без неоправдани одложувања.
-Освен независна и ефикасна кривична постапка, родителите исто така бараат и законски измени и зајакнување на контролата, еднократна финансиска помош и долгорочна поддршка, конкретни мерки, рокови и отчетност.
Во завршниот став на Здружението, стои дека трагедијата не смее да остане само предмет на политички расправи и декларативни осуди. Тие порачуваат дека не бараат политичка пресметка, туку целосно и неселективно утврдување на политичката, институционалната и функционерската одговорност со тоа што, како што велат, правдата за Кочани не смее да заврши на хартија.
извор: ТВ24.мк
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Родителите на загинатите во „Пулс“ ќе достават…
Родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“…
Родителите на загинатите: Ако надлежните навреме постапеле…
Адвокатот Петре Шилегов повторно бара Јавното обвинителство…
Поднесени обвиненија за поткуп и злоупотреби при…
Основното јавно обвинителство Кочани поднесе обвинителен акт…
Родителите на жртвите од „Пулс“: Обвинителството откри…
Здружението на родителите на загинатите деца во…
Клековски се сретна со повредените од „Пулс“
Министерот за здравство Сашо Клековски синоќа имал…