Уапсен е декан во Нови Сад – кој е поддржувачот на Вучиќ што повикувал полиција против студентите?

t

Деканот на Факултетот за спорт и физичко воспитување при Универзитетот во Нови Сад, Патрик Дрид, и неговиот претходник Небојша Максимовиќ, денеска беа уапсени под сомнение за злоупотреба на службената положба, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.

Според обвинителството, двајцата ги искористиле своите службени овластувања и не ги извршувале службените должности, со што му овозможиле на факултетот да оствари противправна имотна корист од околу 166.000 евра на штета на Автономната Покраина Војводина.

Според обвинителството, тие го сториле тоа така што издавале под закуп простории кои ѝ припаѓаат на Покраината, но парите не ги уплаќале во покраинскиот буџет, туку ги трошеле за исплати на вработените по различни основи.

Дрид и Максимовиќ договорите ги заведувале како „организација на спортски активности“, иако станувало збор за издавање простории под закуп, наведува обвинителството.

На двајцата осомничени им е одредено задржување до 48 часа. Во овој рок тие треба да бидат приведени и сослушани во Посебното одделение за сузбивање на корупцијата при Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.

Патрик Дрид ѝ стана познат на српската јавност во мај 2025 година, кога стана првиот декан кој повикал полиција против своите студенти. По полициската интервенција, повеќе демонстранти биле повредени, а дел од нив завршиле во Ургентниот центар со посериозни повреди.

Тој тогаш изјавил дека ја повикал полицијата бидејќи сакал да ја прекине повеќемесечната блокада на факултетот. Дрид и претходно привлекувал внимание во јавноста со контроверзни изјави и постапки, како и со поврзаноста со Српската напредна партија (СНС).

По отклучувањето на зградата на факултетот, во изјава за телевизија рекол дека во првите три месеци ја поддржувал блокадата и барањата на студентите, но дека подоцна се свртел против нив бидејќи почнале да се занимаваат со политика.

Сепак, неговото име се наоѓа на списокот со поддржувачи на изборната листа „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ пред парламентарните избори во декември 2023 година.

Дрид е близок соработник на ректорот на Универзитетот во Нови Сад, Дејан Мадиќ, кој исто така доаѓа од Факултетот за спорт и физичко воспитување. Двајцата ја поддржувале, а на одреден начин и ја предводеле кампањата против професорот на Филозофскиот факултет во Нови Сад, Динко Грухоњиќ.

Во март 2024 година, група млади го блокирале Филозофскиот факултет, барајќи отказ за Грухоњиќ. Мадиќ и Дрид биле меѓу првите што ја поддржале нивната акција.

Дрид од 2002 година работи на Факултетот за спорт и физичко воспитување во Нови Сад, најпрво како асистент, а во 2013 година станал вонреден професор по предметот боречки спортови. Во март 2024 година бил избран за декан на факултетот.

Покрај академската кариера, во 2016 година станал подсекретар во Покраинскиот секретаријат за спорт и млади.

Во минатото бил репрезентативец на Југославија во џудо и во самбо, а денес е меѓународен судија од највисока категорија во овие спортови. Учествувал и во организацијата на повеќе од 10 меѓународни спортски натпреварувања.

Роден е во 1968 година, оженет е и има две деца.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Уапсен е декан во Нови Сад –…

Деканот на Факултетот за спорт и физичко…

САД разгледуваат намалување на военото присуство во…

Намалувањето на американското воено присуство во Европа…

Србија го раскинува договорот со зетот на…

Српската влада донела одлука за раскинување на…

Обвинителството бара 30-дневен притвор за поранешен српски…

Вишото јавно обвинителство во Белград предложило судот…

Уапсени шест лица во Србија и Словенија…

Во заедничка акција на обвинителствата и полициите…