Новиот состав на српското Собрание денеска на конститутивна седница – ќе се потврдат мандатите и ќе се избере раководство
Конститутивната седница на новиот состав на Собранието на Србија ќе се одржи денеска со почеток во 10 часот. На дневен ред се потврдувањето на мандатите на пратениците, изборот на претседател и потпретседатели на парламентот, именувањето генерален секретар, како и изборот на членовите на собраниските работни тела и постојаните парламентарни делегации во меѓународните институции.
Седницата ја свика претседателката на досегашниот собраниски состав, Ана Брнабиќ. До изборот на нов претседател, со седницата ќе претседава најстариот пратеник, професорот Стојан Раденовиќ. Првата точка ќе биде потврдувањето на пратеничките мандати.
На петочните консултации во Домот на Народното собрание присуствувале претставници на Студентската листа, листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ и на малцинските листи. Сепак, не бил постигнат договор за бројот на потпретседателските места и за претседателите на собраниските одбори.
Од Студентската листа соопштија дека претседателот на Собранието, бројот на потпретседатели и нивните имиња ќе бидат избрани со мнозинство гласови на седницата. Според нив, претставниците на сите листи се согласиле гласањето да биде јавно. Најавија и дека јавноста навреме ќе биде информирана за можноста дел од потпретседателските места да им бидат отстапени на други пратенички групи.
Кандидатката за пратеничка од Студентската листа, Александра Штимац, изјави дека нивните предлози за претседател и потпретседатели ќе ги достават денеска, по верификацијата на мандатите и полагањето заклетва. Од листата сметаат дека постапката за потврдување на мандатите треба да заврши што е можно побрзо и поефикасно.
Од друга страна, Александар Вучиќ, носител на листата „Обединета Србија“, изјави дека е избран за шеф на пратеничката група и дека ќе го предложат Стојан Раденовиќ за претседател на парламентот.
По петочните консултации, Миленко Јованов и Ана Брнабиќ од листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ оценија дека правата на опозицијата во Собранието ќе бидат ограничени и дека ќе се прекинат досегашните парламентарни и демократски практики. Брнабиќ тврдеше дека претставниците на Студентската листа не ги прашале ниту нив, ниту претставниците на малцинските листи дали сакаат да раководат со одредени собраниски одбори. Таа додаде дека не биле консултирани ниту за бројот на потпретседателски места што би им следувале, имајќи предвид дека освоиле повеќе од 1,7 милиони гласови.
Со конституирањето на Собранието почнува да тече рокот од 90 дена за формирање нова Влада.
Предвремените парламентарни избори во Србија се одржаа на 25 октомври. Според конечните резултати, Студентската листа – „Студентите победуваат“ освоила 140 пратенички мандати, додека листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ добила 103 мандати.
Во парламентот влегуваат и седум пратеници од малцинските листи. Сојузот на војводинските Унгарци – д-р Балинт Пастор и Албанската коалиција освоиле по два мандата, а по еден пратеник ќе имаат листите „Расим Љајиќ – Човечки“ (СДП – ЦДП), СДА Санџак – Чувари на Санџак и „Усаме Зукорлиќ (СПП) – Движење за обединување“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Новиот состав на српското Собрание денеска на…
Конститутивната седница на новиот состав на Собранието…
19-годишен Македонец уапсен на српско-хрватската граница: ПРЕД…
Деветнаесетгодишен македонски државјанин е уапсен на српско-хрватската…
Уапсен е декан во Нови Сад –…
Деканот на Факултетот за спорт и физичко…
Србија го раскинува договорот со зетот на…
Српската влада донела одлука за раскинување на…
Обвинителството бара 30-дневен притвор за поранешен српски…
Вишото јавно обвинителство во Белград предложило судот…