Нови детали за акцијата на МВР и АНБ: Иранска мрежа планирала ликвидација на еврејски бизнисмен во Грција, поврзан со израелската воена индустрија!
Еврејски бизнисмен, кој работи во голема грчка компанија со активности во технолошкиот и одбранбениот сектор, бил цел на планирана ликвидација во Грција, за која, според истрагата на грчката Национална разузнавачка служба (ЕИП), стоела мрежа поврзана со Иран. За извршување на нападот наводно биле ангажирани криминалци од Северна Македонија.
Според информациите што ги објавува грчкиот весник „Катимерини“, целта бил висок функционер во грчка компанија која со години работи во областа на технологијата, а во последните години ги проширила активностите и во производството на воена опрема, во соработка со израелска државна одбранбена индустрија.
Токму оваа деловна поврзаност, според написот, го привлекла вниманието на иранските разузнавачки служби, кои наводно ја организирале и ја наредиле планираната терористичка акција.
Истрагата на грчката ЕИП била спроведена во соработка со Агенцијата за национална безбедност на Северна Македонија и со помош на западна разузнавачка служба.
На 12 ноември во Скопје и Куманово биле уапсени четворица македонски државјани, додека едно лице сè уште се бара. Шестиот член на мрежата, 30-годишен македонски државјанин, бил уапсен во Грција на 27 октомври, кога се обидувал да ја напушти земјата и да замине за Турција. Потоа бил депортиран во Северна Македонија на 12 ноември, во координација со македонските органи.
Според грчките медиуми, петтемина уапсени и лицето кое е во бегство биле регрутирани од иранскиот државјанин Едрис Џахангири Маванех. Тајната истрага започнала во март 2026 година, а во меѓувреме дел од осомничените наводно имале средби со него во Иран и во Обединетите Арапски Емирати.
Маванех, според информациите објавени од „Катимерини“, одржувал контакти со припадници на иранските разузнавачки служби и се смета за лицето кое им ја посочило целта на македонските соработници.
Клучна улога во мрежата, според грчките медиуми, имал и иранскиот наркобос Наџи Шарифи Зиндашти. Тој во Грција е познат по поврзаноста со случајот со заплената на два тона хероин од бродот „Нур Уан“ во 2014 година. Од 2017 година против него има активна потерница во Грција, а го бараат и американските власти поради наводна вмешаност во план за двојно убиство во 2024 година, повторно поврзано со Иран.
При акциите во Скопје и Куманово биле одземени оружје, муниција, мобилни телефони, компјутери и скица на која била означена одредена локација. Според извори од Северна Македонија цитирани од грчкиот весник, постои можност скицата да се однесувала токму на местото поврзано со планираниот напад.
Директорот на АНБ, Бојан Христовски, претходно изјави дека преку размена на информации со странски партнерски служби биле откриени тајни средби во трети земји, меѓу кои и Иран, како и врските на осомничените со Маванех, кого го посочи како главен координатор на планираната терористичка операција.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, соопшти дека на четири лица им е одреден притвор, на едно домашен притвор, додека шестото лице сè уште е недостапно за органите на прогонот и по него се трага.
Грчките власти засега не објавиле официјално соопштение за случајот. Информациите за целта на планираниот напад и поврзаноста со одбранбената индустрија се пренесени од грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на свои извори.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нови детали за акцијата на МВР и…
Еврејски бизнисмен, кој работи во голема грчка…
Главниот товар на истрагата го имаа безбедносните…
Овој случај уште еднаш покажува колку е…
ГРЦИЈА ОБЈАВИ ДЕТАЛИ ЗА ПЛАНИРАНИОТ АТЕНТАТ –…
План за атентат врз лице во Грција,…
(Видео) АНБ ОТКРИ ИРАНСКА ПРОКСИ МРЕЖА ВО…
АНБ во соработка со МВР откри и…
Почина 18-месечно бебе во Грција откако испило…
Машко бебе на 18-месечна возраст вчера почина…