Димовски: Србија го следи примерот на македонската Шарена револуција – ние веќе ги почувствувавме последиците
Политичките случувања и протестните движења во Србија потсетуваат на процесите низ кои Македонија помина за време на Шарената револуција, а последиците од тие случувања, според поранешниот политичар и сегашен аналитичар Илија Димовски, се чувствуваат и денес. Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Димовски оцени дека не треба постојано да се создава впечаток дека Македонија ги презема политичките модели од Србија, бидејќи, според него, во овој случај ситуацијата е обратна.
„Мислам дека стереотипот дека сè увезуваме од Србија треба да го затвориме и да го заборавиме, затоа што ставањето себеси во подредена состојба спрема Србија не зборува добро за нас“, истакна Димовски.
Тој смета дека Србија денес поминува низ политички и општествени процеси што Македонија веќе ги искусила, посочувајќи дека во изминатите десетина години активисти од македонските невладини организации одржувале обуки и пренесувале искуства на организации во Србија.
„Мислам дека е обратно. Мислам дека тие увезуваат пример на некаква Шарена револуција. Значи, ние сме пред нив. Во минатите десетина години многу активисти од невладините организации од Македонија одеа таму и правеа обуки на невладини организации во Србија“, рече Димовски.
Според него, Македонија веќе ги почувствувала последиците од големите политички ветувања и очекувања што ги придружувале протестните движења.
Димовски изрази надеж дека граѓаните во Србија нема да се соочат со истите разочарувања и дека политичките промени кон кои се стремат ќе донесат позитивни резултати.
„Се надевам дека последиците што беа во Македонија нема да се случат во Србија. Се надевам дека ветувањата на таа моќна Шарена револуција ќе станат реалност. Навистина посакувам Србија да биде подобра држава“, порача аналитичарот.
Тој нагласи дека стабилна и развиена Србија би имала позитивно влијание врз целиот регион, вклучително и врз Македонија.
Сепак, според Димовски, една од најголемите последици што Шарената револуција ги оставила во Македонија е разочарувањето на граѓаните, кое и денес влијае врз нивната подготвеност за политички и граѓански активизам.
„Разочарувањето од Шарената револуција и од големите ветувања до ден-денес влијае на отупувањето на граѓанскиот активизам“, оцени Димовски.
Тој посочи дека ваквото разочарување особено се одразило врз граѓаните од левиот центар, додека, според неговата оценка, начинот на кој државата постапувала со осудените за настаните од 27 април оставил последици врз активизмот на десно ориентираните граѓани.
Димовски го оцени третманот на осудените за 27 април како „државен тероризам“, тврдејќи дека таквото постапување дополнително придонело за намалување на граѓанскиот отпор.
Според него, Македонија денес се наоѓа во состојба во која недостига посилен организиран граѓански активизам, како од левата, така и од десната страна на политичкиот спектар.
Тој смета дека отсуството на таков притисок може да биде негативно за демократската контрола врз власта, опозицијата и институциите, но истовремено придонесува за поголема политичка предвидливост и стабилност.
Димовски заклучи дека македонското искуство треба да биде поука за Србија, особено во однос на големите очекувања од протестните движења и можните последици од неисполнетите политички ветувања.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Димовски: Србија го следи примерот на македонската…
Политичките случувања и протестните движења во Србија…
УКИМ нема да остане без струја, МОН…
ЕВН Македонија и Министерството за образование и…
Селмани: Опозицијата сè уште се консолидира –…
Македонија има потреба од силна, организирана и…
Макрон бара повторно да се разгледа членството…
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика на…
Деспотовски: Венко е супер доктор, но апсолутно…
Поранешниот директор на ТИРЗ и член на…