Хрватските студенти и средношколци ја бојкотираат наставата, протести се најавени во пет града
Учениците во средните училишта и студентите во Хрватска се повикани денеска да ја бојкотираат наставата во рамките на „Штрајкот на младите“, а протестни собири се најавени во Загреб, Осиек, Пула, Риека и Задар.
Министерството за наука, образование и млади соопшти дека учениците кои неоправдано ќе отсуствуваат од наставата ќе добијат неоправдани изостаноци. Надлежниот министер Радован Фукс оцени дека иницијативата не е спонтана и дека зад неа стои меѓународно движење, објави денеска „Индекс“.
Штрајкот го организира иницијативата „Штрајк на младите во Хрватска“, која се приклучи на меѓународното движење „International Youth Strike“. Активности се најавени во повеќе од 25 европски земји под слоганот „За нашата иднина, а не за нивните војни“.
Организаторите сакаат да го свртат вниманието кон високите трошоци за живот, тешко достапното и скапо домување, како и проблемите во образованието и здравството.
Меѓу нивните барања се поголеми инвестиции во студентските домови, подостапна исхрана, заштита на животната средина, демилитаризација на општеството и противење на задолжителната воена обука.
Фукс за телевизијата РТЛ оцени дека барањата на организаторите не се доволно насочени кон образованието. Тој наведе дека Хрватска има бесплатно образование, поволна студентска исхрана и добри услови за сместување.
Министерството соопшти дека не добило официјални најави од училиштата за бојкот на наставата и дека се очекува образовните установи да работат според вообичаениот распоред.
Во соопштението се додава дека нема да бидат испраќани посебни упатства до училиштата, бидејќи за организацијата на наставата се одговорни директорите и раководствата на образовните установи.
Од Министерството наведоа дека сите ученици кои неоправдано ќе отсуствуваат ќе добијат неоправдани изостаноци, во согласност со прописите. Оттаму оценија дека со пропуштањето на наставата учениците и студентите си нанесуваат штета, бидејќи подоцна ќе мора да ја надоместат пропуштената материја.
Поддршка за иницијативата и барањата на младите дадоа Независниот синдикат за наука и високо образование, Сојузот на самостојни синдикати на Хрватска и Студентскиот совет на Факултетот за политички науки во Загреб.
Синдикатот за наука укажа дека високите трошоци за домување и недоволните капацитети на студентските домови на многумина им го отежнуваат студирањето, и покрај бесплатното високо образование.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Хрватските студенти и средношколци ја бојкотираат наставата,…
Учениците во средните училишта и студентите во…
Уапсени четири лица за детска порнографија во…
Во акција на полицијата на Република Српска,…
Протече вознемирувачко видео од смртта на претепаниот…
На социјалните мрежи се појави целосната снимка…
Во Словенија задолжителен божиќен бонус од најмалку…
Вработените во Словенија годинава ќе добијат задолжителен…
Под притисок на Хрватска, Црна Гора ќе…
Министерството за спорт и млади на Црна…