Штитовите на Александар Македонски, монетите на Филип Втори и рубините од Мариово: Македонија има најубава приказна во рударството, а ја забораваме!

t

Македонија има рударска историја која не започнува со современите рудници, туку се протега длабоко во античкото минато. За тоа сведочат и старите рударски окна, монетите од времето на Филип Втори, приказните поврзани со Александар Македонски, но и записите на странските патеписци кои ги опишувале природните и минералните богатства на овие простори.

Проф. д-р Соња Лепиткова во разговорот потсетува дека рударството на македонска територија има долга традиција и дека дел од историските приказни се поврзани токму со рудните богатства што ги поседувала античка Македонија.

Како конкретен пример го посочува рудникот Плавица, познат и под топонимот Златица, каде што, според неа, се истражувало уште во античко време.

„Во рудникот Златица првите кованици во времето на Филип Втори биле таму и денеска постојат тие окна. Можат да се видат и се археолошки опишани“, објаснува Лепиткова.

Таа посочува дека заедно со професорот Боев истражувале монети од времето на Филип Втори во Дармштат и утврдиле дека металот од кој биле изработени потекнува токму од рудата од тој регион.

„За да просперира македонското царство или македонската империја, користело метали, морало да отвори рудник“, вели професорката.

Посебно интересна е и приказната за штитовите на Александар Македонски. Лепиткова раскажува дека во некои записи на странски патеписци се споменува оти штитовите на војниците биле обложени со метал кој имал специфичен сјај. Таа нагласува дека приказната не е целосно потврдена, но смета дека не е случајно што се појавува во записите на патеписци кои не биле Македонци.

Во таа насока го споменува и Алшар, каде што се наоѓа аурипигмент – минерал на арсен кој, како што објаснува, во минатото бил користен поради својството да создава сјај на сончева светлина, сличен на златниот отсјај.

Но, античката рударска приказна не е единственото богатство што го издвојува Лепиткова. Таа посебно внимание посветува на Мариово – регион кој, според неа, со векови бил предмет на интерес на странски патеписци и истражувачи.

Француските патеписци кои патувале од Србија кон Грција минувале низ Неготино, Росоман и Мариово, а во селата Рожден и Мајден застанувале за одмор. Во своите записи, покрај природните убавини и карактеристиките на населението, го опишувале и она што го гледале во регионот.

Лепиткова прераскажува еден запис од француски патеписец кој бил изненаден од контрастот меѓу природното богатство и условите во кои живееле луѓето. Тој опишувал големи шуми и, како што наведува професорката, „најубав мермер што постои што некаде сум го видел“, додека локалните куќи биле скромни, изградени од прачки и блато, а до нив се стигнувало по калливи патишта.

„Толку многу камен, најубав мермер што постои што некаде сум го видел“, го пренесува таа впечатокот на патеписецот.

Според Лепиткова, во тие патеписи се забележува и колку биле богати овие простори со минерали. Таа вели дека во минатото од Мариово се ваделе драгоцени минерали, меѓу кои и рубини со крвавоцрвена боја, а примероци од нив денес се наоѓаат во банки и музеи надвор од државата.

Професорката раскажува и за сопственото искуство од студентските денови, кога во Мариово пронашла минерал дистен, познат и како кијанит, со впечатлива индиго-сина боја.

„Уникатен примерок којшто го најдов во Мариово, не го најдов на друго место во друга држава“, вели таа, додавајќи дека Македонија поседува минерални богатства кои не се доволно истражени и вреднувани.

Во близина на Прилеп, во Алинци, се наоѓа и минералот македонит, кој го носи името на Македонија токму затоа што е карактеристичен за овој простор.

Лепиткова потсетува и на уникатните стауролити, кварцните кристали во Беровско, како и на самородното сребро што може да се најде во жилите на рудниците за олово и цинк.

Таа прави споредба со Словенија, која, како што вели, успеала да изгради туристичка и промотивна приказна околу еден свој минерал, иако нема рударско богатство како Македонија. Од минералот што го имаат, Словенците направиле геопарк, го промовирале и привлекле голем број посетители.

„Тие приказна направија, тоа го направија геопарк. Не знаете колку посетители имаат, како е испромовирано, изменаџирано“, вели Лепиткова.

Таа потсетува дека на некогашниот саем на минерали во Тржич, во Словенија, примерок од рудникот Злетово освоил прво место.

Пораката на професорката е дека Македонија има што да покаже – не само преку рудниците и нивните економски можности, туку и преку уникатните минерали, историјата и научните истражувања.

„Тоа треба да се продаде како знаење и како историја и како наша традиција“, порачува Лепиткова.

Наместо богатството што го поседува да го претвори во препознатлива приказна, Македонија, според неа, дозволила голем дел од него да остане недоволно познат и неискористен. А токму примерите од античките рудници, преку записите на патеписците за Мариово, до уникатните минерали што ги има само на овие простори, покажуваат колку силна приказна може да раскаже македонското рударство.

Приказна која, како што сугерира Лепиткова, треба да се раскажува со знаење, наука и гордост, наместо да се заборава и да се оцрнува.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Таткото го пријавил насилникот кој ја претепа…

На 27.11.2026 во 14.10 часот во гостиварско…

Штитовите на Александар Македонски, монетите на Филип…

Македонија има рударска историја која не започнува…

Кос: Албанија би можела да стане членка…

Европската комесарка за проширување Марта Кос денеска…

Претепана жена донесена синоќа на КАРИЛ, од…

Во Клиничкиот центар во Скопје синоќа била…

(Видео) Македонија има огромно минерално богатство: Проф.…

Македонија има значителен минерален потенцијал, а современото…